Инфектолог д-р Патриција Каламарас: Оваа година беше многу тешка, не чувствувам празнична еуфорија кога сè уште има толку болни од Ковид-19

Добивај вести на Viber

Зад нас оставаме една непредвидлива и тешка година, исполнета со моменти за паметење, со повеќе време за семејството, со борба за живот, со солзи, но и насмевки...

На последниот нејзин ден, разговараме со еминентниот инфектолог д-р Патриција Каламарас, дел од првите боребни редови против вирусот уште од првиот заразен пациент во земјава. Веќе неколку месеци како дел од тимот на Клиничката Болница „Аџибадем Систина“, нејзиното богато искуство е од особено значење за тимот коj ги  третира  пациентите заболени од  Ковид-19, а за нејзината посветеност говорат многуте излекувани и среќни лица.

За 2020-та година, за пандемијата, за животот и здравјето, за празниците, за желбите со кои ја очекува Новата година... д-р Каламарас и покрај безбројните обврски, одвои време за Женски Магазин, и искрено и емотивно ни раскажа сè. 

* Светот се соочи со пандемија каква што не паметат и постарите генерации. Беше ли човештвото подготвено за одговор?

- Дефинитивно не беше подготвено. Во тек на изминатите години се соочувавме и со други пандемии, но дефинитивно не беа со вакви последици и релативно брзо светот се справуваше со нив.

* Во текот на последните месеци, можеби и од појавата на вирусот до сега постојано се зборува за тоа дека станува збор за непознат непријател, многу прашалници и за најстручните предизвика и појавата и манифестацијата на болеста. Кои се последните сознанија, како напаѓа корона вирусот, кого најмногу, кога и зошто некои се полесни други тешко поминуваат?

- Корона вирусот го засега целиот организам и делува мултиоргански со тешки последици. Најверојатно ќе се докаже дека во прашање е генетика, а секако и автоимуните заболувања за кои некогаш не се свесни ни пацинетите дека ги имаат. Дефинитивно со лош исход почесто завршуваат пациентите кои имаат коморбидитети, обезните со поголема телесна тежина, а и пациентите кои доцна се јавуваат за помош.

* Вие д-р Каламарас преку Вашите пациенти извојувавте една голема битка за себе, за нив, за општеството. Пожртвувано од утро до мрак без задршка лекувавте ковид пациенти. Кои емоции, какви чувства имате кон целата оваа ситуација?

- Да, лекував и сè уште ги лекувам во текот на овие 10 месеци и кога ме назначија за координатор за справување со КОВИД сфатив колку е сериозна мојата задача. Од една страна како да се справиме со ова збаолување, а од друга страна како да бидат заштитени колегите. Визитите кај пациентите понекогаш треа и по 7 часа. Воедно се трудев да ги охрабрам колегите затоа што е сосема нормално да се појави и страв од оваа непозната и дефинитивно непредвидлива болест која многу лесно може да има фатален крај.

Не е воопшто лесно да се справуваш со измешани емоции, чувство на тага кога ќе изгубиме некој пациент и чувство на радост кога ќе ја победиме смртта... и ние докторите сме сепак луѓе со емоции. Под белиот мантил се крие едно ранливо суштество полно со емоции кои не ни се дозволени да ги искажеме пред пацинетот со цел психолошки да го охрабриме и мотивираме да се бори и да ја победи болеста. Искрено многу е тешко да останеш смирен, но сметам дека само на тој начин се носат исправни одлуки и јас понекогаш се прашувам од каде ми е оваа енергија и мислам дека со секој спасен живот уште повеќе добивам сила да не подклекнувам во борбата против овој вирус.

* Многу луѓе поминале пред Вас, „Аџибадем Систина“ стана и ковид болница, толку беспомшни, многу лица во прашалници, во исчекување за своите блиски. Да се помине сè не е лесно. Како Ви беше?

- Лекувањето во „Аџибаден Систина“ е по светски нормативи и на располагање ги имаме врвната медицинска опрема ЕСМО, филтрација , озонирање...  Имаме голем процент на успешност во лекувањето. Секојдневно отпуштаме оздравени пациенти . 

* Како ги лекувавте пациентите, колкава е успешноста, досега не е најден конкретен лек? Вакцините пристигнуваат, како гледате на овој процес?

- Во моментов единствена надеж ни се вакцините. Сè уште нема потврдено ефикасен лек Постојано ги пратиме светските протоколи со цел што повеќе да придонесеме во успешното лекување. 

* Претстојат едни од најубавите празници, годинава нема да има класични големи прослави и треба да се остане во кругот на семејството, па ајде малку да се префрлиме на оваа тема. Како Вие ќе ги поминете новогодишните и божиќни празници? Дали имате време да ѝ се израдувате на празничната магија, дали воопшто почувствувавте празнична еуфорија?

- Искрено оваа година целиот медицински персонал ја посвети во справување со КОВИД пандемијата. Јас лично немам можност да ја почувствувам празничната еуфорија, ниту пак можам да се опуштам кога сè уште има толку болни на кои им треба помош. Новогодишните празници ќе ги поминам во домашна атмосфера. 

* Што најмногу Ви недостасува од „нормалните празнувања“. Како изгледале празниците за Вас кога немало пандемија, а како пак сега?

- Вообичаено пред КОВИД пандемијата патував на различни дестинации. Минатата Нова година ја прославив во Лапонија во селото на Дедо Мраз и тоа беше прекрасно искуство. Патувањето низ светот е моја пасија и сметам дека единствено нешто што секогаш го носиш со себе и никој не може да ти го одземе е прекрасното искуство од запознавање на нови континенти, нови луѓе, нови култури...

Оваа година беше навистина тешка, со многу одрекувања. Нема ништо потешко кога не можеш да си ги гушнеш најмилите. Всушност оваа година не ни ја почувствував. 

* Како што напоменавме, зад нас оставаме една тешка година, и влегуваме со надеж дека новата ќе ни донесе само убави моменти и олеснување. Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?

- Мојата желба, а сигурна сум и на сите луѓе од планетава е иста. Да заврши пандемијата, со порака „ЧУВАЈТЕ СЕ“. Чувајќи се себе ги штитите и најблиските. Нема ништо поскапоцено од животот и здравјето  За жал КОВИД пандемијата на најсуров начин го потсети човештвото дека најважно од сè е здравјето. Во борбата со смртта нема поделба меѓу луѓето, застана трката за МОЌ, ПАРИ, КОНКУРЕНЦИЈА, ПОЗИЦИЈА. Сето ова нема никаква вредност без здравје! Светот застана како сказалките на часовникот една година. Се надевам дека од ова ќе извлечеме поука и ќе ги цениме малите нешта кои толку многу можат да ни донесат радост.


Даница Караташова Илиоска