ИНСПИРАТИВНА ИЗЛОЖБА НА СПОРТИСТКИ ВО СКОПЈЕ: Жените да станат светски фудбалски прваци
Дваесет и пет фотографии од спортистки од разни спортови беа промовирани на изложбата на наградени фотографии од конкурсот за најинспиративна спортска фотографија, вчера во „Јавна соба“ во Скопје. Претходно, конкурсот го организираше невладината организација „Такт“, во рамките на проектот „Девојки како нас“.
„Очекувавме да пристигнат од 120 до 150 фотографии на конкурсот, а пристигнаа 600. Имавме тешка задача да ги избереме овие 25 од сите тие прекрасни девојки кои рекреативно или професионално се занимаваат со спорт. Ќе забележите дека сликите се во мал формат, но тоа е така затоа што сакавме да ги објавиме сите, и оние кои се сликани со телефон“, рече Магдалена Спасовска, извршен директор на „Такт“.
На изложбата се обрати и Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.
„Женската фудбалска репрезентација на Холандија успеа да се квалификува на светскиот фудбалски куп, успех кој во машкиот фудбал во мојата земја никогаш не се случил. Им посакувам да станат светски фудбалски прваци. Затоа е важно што повеќе жени да се вклучат во спортот, да се зборува и да се промовира родовата еднаквост во оваа област“, рече амбасадорот.
Следен проект на „Такт“ е прирачник за поголемо вклучување на девојки и жени во спортот, кој онлајн ќе биде достапен од понеделник на нивната веб страница, а подоцна ќе го има и во печатена форма.
Во октомври лани, невладината организација со поддршка од холандската амбасада го промовираше видео спотот „Девојки како нас“. Видеото е емотивна приказна во која главната улога ја имаат осум успешни спортистки. Целта на проектот, кој продолжи со изложбата е родовата рамноправност и застапеност на жените во спортот.
Милица Џаровска