Интересен стајлинг за веридба каде доминира црвената боја: Симбол на една љубовна приказна од Битола

Добивај вести на Viber

Таа професионален џез и поп музичар, тој професионален кошаркар. Но она што ги поврзува Стефанија и Владимир е и здравиот начин на живот.  „Живата храна-живот дава“ е мотото на Стефанија Милевска и Владимир Враниќ. 

Покрај тоа што нивната љубовна приказна вклучува и заедничко настапување и снимање на кавери, но и авторски песни, вклучува и одгледување на органска храна, но за тоа подолу во текстот.

* Вниманието нам ни го привлече автентичниот стајлинг за нивната веридба, таа во црвен модел, тој во црн, но толку добро усогласени што не може а да не се воодушевите.

- Идејата за стајлингот е само надоврзување на веќе претходно изграден стил на облекување. Инспирација ни беше музиката која не дефинира нас како артисти, а тоа е џез, рок и блуз. Затоа во нашата креација преовладува фракот и синџирот како декорација. Исто така синџирот симболизира кршење на предрасудите кон бракот, затоа што тој за нас значи ослободување наспроти врзување. 

* Кој е одговорен за стајлингот и зошто токму црвената боја?

- Мојата мајка Анастасија Зулевска долги години е моден креатор во модното студио „Анастасија“ и се грижи за уникатните парчиња облека кои ги носам од мали нозе. Секако голем предизвик и нејзино огромно задоволство беше да ги искреира и моделите кои ги носевме на нашата регистрација.  Моделите ги изработи во студиото за венчаници L-design, во Битола. Црвената боја, како што е добро познато, симболизира љубов. Ја одбравме таа боја затоа што посакуваме љубовта што ја чувствуваме, да се пренесе и на другите луѓе.

* Да започнеме од почеток, како започна вашата љубовна приказна?

- Владимир како професионален кошаркар од Србија, минатата година беше ангажиран од КК. „Пелистер“ – Битола. Како спортист и љубител на здравата исхрана, го посети локалот „Center – Lounge & Fresh Bar“ во сопственост на мојот брат, поранешен професионален фудбалер, Дарко Милевски. Откако Дарко разбра дека Владимир свири на гитара, предложи да се запознаеме и да музицираме заедно. Нашата прва средба беше синергија на вокал и гитара, исто ниво на размислување и свесно препознавање на сродната душа. Едноставно музиката нѐ спои.

* Како најчесто го поминувате вашето време?

 - Ние сме спој на музика, спорт и здрав живот, така да најчесто сме во сала, во студио, во природа или во кујна.:) Нашите денови се претходно испланирани за тренинг, приготвуваме балансирана храна за целиот ден, држам часови по танц и пеење во „Анастасија Центар“, креираме авторска музика во нашето музичко студио „Welcome to Stefanija’s Music World”, а слободните денови ги користиме на планина за истражување на убавините на природата.

* Покрај тоа што Владимир е спортист, вие и настапувате заедно. Да проговориме нешто за тоа.

 - Со голема умешност и посветеност, Владимир направи баланс на кошарката и музиката. Од првиот момент започнавме со живи настапи, во деновите кога немаше натпревари. На нашите настапи ги изведувавме нашите авторски песни кои се во блуз, џез и рок стил. Имавме неколку настапи и во Србија. Секако дека планираме да ја споделуваме нашата заедничка љубов – музиката и да разнежнуваме и будиме многу срца.

* Снимивте и ваш кавер, авторски песни, снимате ли можеби во моментов нешто ново?

- Да. Љубители сме на џез стандардите, па затоа од време на време споделуваме и преработка на некоја наша омилена песна. Целта ни е, покрај нашата авторска музика, преку преработки, да ги зачувуваме вредностите на квалитетната музика, која едуцира, го изострува вкусот и поставува повисоко ниво на разбирање на самата музика.

Моментално ги снимаме нашите песни, на кои сме кантавтори и сме во подготовка на нов студиски албум, кој ќе содржи 30 авторски песни. Целата тематика на албумот е всушност нашето емотивно и свесно соголување, базирано на искреност и љубов.

* Обожавате да го користите вашето слободно време во природа. Каде најчесто одите?

- Имаме среќа што и двајцата сме родени под планина, а во близина имаме и езера. Тука ни е Баба планина со Пелистер, а истотака и Преспа ни е блиску. Неговото родно место е Нова Варош, кое се наоѓа под Златар планина, а специјалниот резерват на природата – Увац со трите вештачки езера и прекрасните меандри е во самата близина. Што значи дека максимално ги користиме даровите што непосредно ни ги дала природата. 

* Кои ви се омилени места од Македонските природни убавини и кои би ги препорачале за посета на вашите пријатели?

- Дефинитивно би ги препорачале местата од каде што потекнуваме, затоа што ги чувствуваме за најблиски. Во Македонија има премногу места што треба да се посетат, но задолжително да се посети Баба планина со Пелистер и островот „Голем Град“ на Преспанското езеро, а во Србија, Златар планина и меандрите на реката Увац.

- Кога од сопствената градина ќе го набереш дневниот оброк, осознаваш дека си бескрајно благословен што си го овозможил сопственото здравје, вели Стефанија.

* Поборник си за здрав живот и здрава храна. Колку денес тоа е од значење и дали и самата одгледуваш органска храна?

- Моето мото е: Живата храна – Живот дава! Се што е повеќе од еднаш преработено, јас не го конзумирам. Како спортисти, доста време сме посветиле на истражувања околу исхраната и заклучокот е дека, колку посвежа храна конзумираме, толку силата и издржливоста ни се зголемува. Месото одамна не го конзумираме, а исто така и конзумацијата на млечни производи е сведено на минимум. Но за секоја промена е потребно време, затоа препорачувам да бидете трпеливи кон вашето тело и да се грижите внимателно за него, затоа што тоа е храм на вашата душа.

Во нашата викендица во с. Трново, одгледуваме органска градина по теркот на пермакултурата. Кога се храниш од самата градина добиваш чувство дека мислите ти се на сосема друго ниво. Затоа што со храната се прочистуваат и мислите. Јас верувам дека градината е нашата иднина.

* Покрај тоа во вашето студио ги поддржуваш и мотивираш младите. Да кажеме збор два за тоа.

- Долги години сум едукатор и работам со деца и млади. Преку уметноста ги враќам вистинските вредности. Верувам дека музиката, пеењето и танцот се најсовршен метод за себеисцелување, ослободување и себереализација, затоа што го негуваат детето што живее во нас. Нашиот центар кој се наоѓа на Широк Сокак во Битола „Анастасија Центар“, се занимава со темелно изградување на младите во зрели, здрави, слободни личности и уметници.

* Кој е најдобриот совет кој Владимир ти го дал, а што најчесто ти го советуваш?

- Ние многу се надополнуваме еден со друг. Често учиме од нашите грешки, си простуваме и си помагаме. Тој ме научи на трпение, а јас него, да верува во себе.

Заедничката лекција ни е – вербата во постоењето на вистинска љубов!

* Го поддржуваш ли на спортските трибини?

- Секако, најгласна сум. Со нетрпение го чекам секој следен негов натпревар! 

* Од каде идејата за прекрасната фотосесија?

- Фотосесијата во наша чест ја напрви еден од најталентираните фотографи во Битола - Виктор Нале. Поради тоа што сакавме автентичност, ја направивме на покривот од Народниот Театар, по предлог на нашиот ценет драматург – Билјана Крајчевска. Инспирација ни беше висината и архитектурата со своите несекојдневни форми, како опис на возвишеното чувство на љубов и слобода кое нѐ дефинира нас двајцата.

* Во време кога луѓето стануваат секојдневно се повеќе депресивни заради ситуацијата која ни се случува на светско ниво, што би ги советувала нашите читатели за нивното здравје, но пред се како да го сочуваат менталното?

 - Ова е одлично време да се посветиме на себе си. Сите одговори лежат во нас самите. Затоа што човекот е совршено суштество кое го создал Творецот. Ние сме створени за да создаваме. Кога секој ќе си ја открие мисијата на својот живот, ќе започне да зрачи со среќа и љубов. Кога секој ќе почне да се грижи за своето тело, за својата душа и ги прочисти своите мисли, ќе се приклучи кон патот на светлината. Во такво тело, не постојат болести. Во такви мисли нема место за депресија. Верувам дека започна промената и дека доаѓа новото време на свесно живеење, а наше е да го направиме изборот: СТРАВ или ЉУБОВ? Што ќе одберите ВИЕ? 

Неда Маретиќ