ИНТЕРВЈУ- ИЛИНА ВЕЉАНОВСКА ОСНОВАЧ НА ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦАТА Sozdadi.mk: Им даваме шанса на домашните брендови

Добивај вести на Viber

На Sozdadi.com може да се најдат сите домашни брендови, уникатни рачно изработени производи, како и регионални домашни производи на едно место

Илина Вељановска (25) е основач на креативната онлајн продавница sozdadi.com. За неа, „Создади“ е првата регионална заедница, која поврзува и се стреми кон поддршка на мали бизниси и домашно производство, и онлајн заедница во која секој добива еднаква шанса за успех. „Имам огромна желба, визија и мисија да креирам подобро општество за себе и за идните генерации“, вели за себе си Илина која од најрана возраст е волонтер и е вклучена сум во разни проекти и активности.


Женски магазин- Како започна вашата професионална приказна и со што друго се занимавате освен со онлајн продавницата?

Илина- Најпрво започнав да работам во сферата на правото, како студент по правни науки. Својата кариера ја продолжив во невладиниот сектор, па така научив како да бидам проактивна и самата да преземам иницијативи. Сосема случајно се запознав со наградата за социјално претприемништво, која ме втурна во улогата на социјален иноватор и ме запозна со концептот на социјално претприемништво. Претприемништвото според мене подразбира ПРОМЕНА и самата промена се случува со нас или поради нас. Тоа е она што ме мотивираше да ја започнам целата приказна со Sozdadi.com – промената. Секако, за да бидеме успешни во нашата кариера, треба да имаме визија каде сме, каде сакаме да одиме и во кој правец да го развиваме нашиот бизнис. Покрај Sozdadi.com во моментот работам и како ментор во рамки на младински програми и на наградата за социјално претприемништво. Исто така, особено се гордеам со улогата на член и секретар во Lions клубот Лукс Етерна, кој неуморно и несебично работи кон организирање на хуманитарни настани, со цел помош онаму каде што е најпотребна. Да се биде женско – социјален иноватор во Република Македонија, само по себе бара висок степен на емоционална интелигенција, со оглед да треба континуирано да веруваме во себе и својата визија, дури и кога се чини невозможно.


Женски магазин- Како настана вашата онлајн продавница sozdadi.com?

Илина- Проактивноста и желбата за враќање нешто добро кон заедницата беа главните мотиватори за започнување со приказната наречена Sozdadi.com. Sozdadi.com не ја гледам единствено како онлајн продавница, туку како локална заедница, која става акцент на зачувување на културата, иновација во поглед на промовирање на домашни производи и секако можност за видливост и пристапен маркетинг за сите оние кои не можат да си го дозволат тоа по регуларни цени.

Женски магазин- За кого е наменета и какви производи, фирми промовирате?

Илина- Sozdadi.com е првата регионална заедница, која поврзува и се стреми кон поддршка на мали бизниси и домашно производство. Онлајн заедница во која секој добива еднакви можности да создаде сè што ќе посака! На Sozdadi.com може да се најдат сите домашни брендови, уникатни рачно изработени производи, како и регионални домашни производи на едно место.

Во рамки на Sozdadi секој домашен производител има можност бесплатно да отвори своја онлајн продавница, преку која ќе ги промовира своите производи. Со ваквиот пристап, меѓу другото се стремиме кон заживување на занаетчискиот дух, во форма на онлајн занаетчиски продавници во модернизирана верзија.

Секој производител добива можност од своето хоби, она што со љубов го работат, да развијат сопствен бизнис преку евтин, а ефективен маркетинг и преку поддржување креативни проекти во рамки на платформата.


Женски магазин- Вашата работа има и хуманитарна дејност. Кажете ми нешто повеќе околу тоа.

Илина-Со купување и продавање на производи од Sozdadi.com помагаме на маргинализирани лица, кои имаат свое креативно хоби, и стануваме амбасадори во општествената борба за инклузија на пазарот на труд.

Од ваквата платформа и заедница ќе произлезат и ќе се развијат останати локални мали бизниси, како и од тоа да преку продажба и промоција на производи наменети за хуманитарни цели, се пружи помош на оние на кои им е најпотребна. 20% од месечните приходи ќе бидат донирани за поддршка на ракотворците кои креираат рачни изработки за хуманитарни цели, како и за промоција и продажба на производи креирани од граѓани од ранливите категории, кои имаат свое профитабилно хоби. Преку обуки, работилници и обезбедување материјали, ќе ги поттикнеме истите да оформат свој бизнис токму на нашата платформа, со цел генерирање на постојан профит за пристоен живот, општествена инклузија, но и поголема застапеност на пазарот на трудот.

Женски магазин- Имаат ли луѓето во Македонија навика да купуваат онлајн?

Илина- Патот за онлајн купување е веќе разгазен, но секако пред нас е еден долг процес на соработка со сите клучни чинители, како би можеле да ја подобриме културата на онлајн купување и Е-трговија.


Женски магазин- Како сте задоволни од досегашната работа на „Создади“ и кои ви се следните планови?

Илина - Sozdadi.com е нов концепт на Македонскиот пазар, но на наше големо задоволство ваквата платформа за конекција и соработка е одлично прифатена и фидбекот е навистина позитивен. Следните планови се регионално проширување и со тоа зголемување на социјалниот импакт. Согласно стратегијата и анализите, секојдневно ќе работиме со цел да ја постигнеме нашата мисија и визија за една креативна заедница, и да ја оправдаме поддршката од заедницата и нашите артисти, ракотворци и производители, која е навистина огромна и е двигател на Sozdadi.com.

Женски магазин- Од кога волонтирате и какво искуство стекнавте со волонтерската работа?

Илина- Уште од основно училиште волонтирам во разни организации и работам на проекти кои работат со маргинализирани лица, а потоа истото го преточив и во своја професија. Кога во еден момент сфатив дека можам значително да придонесам за поголем социјален импакт, врз основа на досегашното знаење и искуство стекнато преку работење во сферата на социјална правда, се решив на овој чекор кој сметам дека е значителен придонес за доброто на општеството и локалните заедници, преку промоција на претприемачки дух. Социјалната економија е двигател на иновации, па оттаму преку Sozdadi.com ќе се стремиме континуирано да нудиме нови услуги и можности.

Милица Џаровска