ИНТЕРВЈУ- ЈОВАНА СТОЈМЕНОВИЌ: Не ги пуштам луѓето внатре во мојата врска
Имам долга врска, вљубена сум, а врската ми е толку долга што поради тоа официјално не сме ја означиле како брак. Знаете кога ќе минат години и години, заедно живеете и делите се, вие сте во брак, иако не сте се венчале.
Таа е едно од лицата со кое се будиме, гледајќи ја во утринската програма на Тв „Сител“, „Ја сакам Македонија“. Одмерена, елегантна и насмеана, Јована Стојменовиќ е една од оние водителки кои секогаш внимаваат на јазикот и на дикцијата. Неколку години по ред, Јована е водителка на традиционалната манифестација „Виенски бал Скопје“, која ќе се одржи оваа сабота, во скопскиот хотел „Александар Палас“, по 19 пат. За балот и за неговите гости, за работата пред камерите, за некогашната манекенска кариера, но и за тоа како таа гледа на љубовта и на бракот, Јована отворено зборува за „Женски магазин.“
Женски магазин- Кога ќе се одржи Виенскиот бал, како течат подготовките?
Јована-На 17-ти, во сабота, во хотелот „Александар Палас“, ќе уживаме во авангардната културно музичка манифестација „Виенски бал 2018“. Организаторите, Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и покровителот, амбасадата на Република Австрија во Македонија со оглед на искуството во делот на создавањето на оваа успешна приказна одамна ги завршија сите потребни подготовки. Ова е 19-то издание на „Виенски бал“, што значи дека Скопје 19 години по ред, без прекини, ја има привилегијата да има оригинален виенски бал, а со тоа да биде рамо до рамо со сите светски метрополи каде се одржуваат овие манифестации. Од минатата година, „Виенски бал Скопје“ е ставен и на светската мапа на виенски балови, а поради долготрајноста и успешноста во организирањето на балот кај нас, годинава организаторот доби и поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Австрија, д-р Михаел Хојпл со кое го поздравува организирањето на традиционалниот централен настан на општествениот живот во Виена и во Скопје. Би сакала да ја истакнам хуманитарната нишка на балот во рамките на кој се обезбедуваат и средства за поддршка на оние на кои им потребна, годинава тоа граѓанска организација „Полио плус“.
Се занимавав околу 5-6 години со манекенство пред да почнам да работам на телевизија. Модната сцена која како да беше поактивна пред 10 години
Женски магазин- Ова ќе биде втора година без диригентот Саша Николовски- Ѓумар, кои ти се најубавите сеќавања за него?
Јована- Во фокусот на виенските балови секаде во светот се бесмртните звуци на валцерите. Оркестарот кој го сочинуваат професионални музичари „Јохан Штраус“ во Скопје секоја година е задолжен за магијата во атмосферата. Сцената на балот каде тие музицираат и танцовиот подиум на кој елегантните дами и господа танцуваат валцери е впечаток кој не може да се прераскаже, туку мора да се доживее, а потоа секогаш ќе се памети. Исто така е незаборавен маестро Саша Николовски – Ѓумар, чие предводење на оркестарот засекогаш ќе остане еден од моите најдраги и насилни спомени за балот. Тој е еден од најголемите македонски уметници кој поради својата виртуозност е и носител на високото признание – Златен Орден за заслуги за Австрија како национална почест која ја доделува Претседателот на Република Австрија за заслуги за Австрија, во случајот на маестро Ѓумар, за начинот на кој ја пренесуваше австриската музика пред македонската публика. Такво високо признание претходно, во 2011-тата, понесе и организаторот на балот, Оливер Арсовски, поради одличната соработката на Македонија и Австрија на полето на културата и уметноста благодарение на работата на Здружението „Јохан Шраус“ кое го предводи Арсовски.
Гостите мора да ги почитуваат правилата на облекување, смокинг и долга тоалета.- Јована на Виенскиот бал
Женски магазин- Како реагираш кога гостите на балот не го почитуваат дрес кодот, смокинг и долга тоалета?
Јована- Поради долгата традиција на оваа манифестација во Македонија, гостите знаат дека дрес-кодот треба да се почитува затоа што тоа е сегмент кој придонесува за автентичноста на оваа манифестација. Тие и самите освен со своето присуство, танцување и преку изгледот односно облеката придонесуваат да се создаде оригиналната атмосфера карактеристична за еден виенски бал. Јас како учесник во програмскиот дел многу внимавам и на тој дел, па благодарение на соработката со македонските дизајнери се трудам секоја година да оставам впечаток. И оваа година ќе носам специјално дизајнирана креација или „вистински фустан за бал“ според визијата на реномираната дизајнерката Антонија Ристовска, позната по својот неверојатен романтичен сензибилитет.
Женски магазин- Утринската програма на Сител „Ја сакам Македонија“ е твое секојдневие. Тешко ли е да станеш рано, да се дотераш и да бидеш концентрирана пред камерите?
Јована- Потребен е голем влог за сето споменато. Освен за самиот чин на водење на гледачите низ содржините, јас имам голема улога во изборот и креирањето на истите во соработка со моите прекрасни колеги, така што презентирањето на содржините е само финале на сето она што претходи на секое издание на „Ја сакам Македонија“, за кое, секако, значајно се подготвувам. Во април, утринската програма на „Сител“ ќе наполни 12 години, а и јас со неа исто толку години ангажман во создавањето на таа приказна и ангажман во телевизијата, бидејќи сум дел од утринската програма од првата година на нејзиното постоење.
Една гостинка стави чајник за кој не знаеше дека е со пластично дно на рингла поради што се случи вистински пожар на плотната и се зачади целото студио, а снимателите го гаснеа само две минути пред да продолжиме во живо.- Јована во студио
Женски магазин- Имаш ли лапсус кој се случил во програма, на кој денес му се смееш?
Јована- Емисијата оди во живо и постојат многу непредвидени ситуации кои можат да се случат и се случиле. Лапсуси секако дека имало и ќе има, но не можам да издвојам некој конкретен на кој се сеќавам, веројатно поради тоа што секогаш гледаме да ги заборавиме ситуациите што ни предизвикале да се засрамиме. Но, имало многу згоди и незгоди на целата утринска екипа што предизвикале и да се нервираме, но и да се смееме до солзи. Неодамна една гостинка стави чајник за кој не знаеше дека е со пластично дно на рингла поради што се случи вистински пожар на плотната и се зачади целото студио, а снимателите го гаснеа само две минути пред да продолжиме во живо. Но, шоуто секогаш мора да продолжи, па така и би, како ништо да не се случило.
Женски магазин- Потсети не на твоите искуства како модел, колку време се занимаваше со манекенство и имаш ли освоено титули за убавина?
Јована- Се занимавав околу 5-6 години со манекенство пред да почнам да работам на телевизија. Работев најмногу модни ревии во рамките на модните недели што се организираа тогаш благодарение на модното студио „Црнокрак“ и модната сцена која како да беше поактивна или барем повпечатлива некако, според мене, пред 10 години. Имам прекрасни емоции кога ќе се присетам на тие настани и на чувството кога ќе излезеш на писта, за да го презентираш моделот на дизајнерот, тоа е навистина посебно. Работев и фото-сесии, видео спотови итн., но не учествував на избори за убавина. Мислев дека не ми е потребен тој натпревар, бидејќи изборот за убавина во суштина е натпревар кој е поинтересен за набљудувачите отколку за учесниците, па затоа останав набљудувач. :-)
Незаборавен е маестро Саша Николовски – Ѓумар, чие предводење на оркестарот засекогаш ќе остане еден од моите најдраги и насилни спомени за балот.- покојниот маестро со организаторот на балот Оливер Арсовски и со поранешниот австриски амбасадор во Македонија, Томас Михаел Баир
Женски магазин- Како гледаш на денешните избори за Мис?
Јована- Во последно време нешто не гледам дека ги има, па не можам ниту да гледам на нив. Барем кај нас… Но, избори за убавина постоеле отсекогаш и веројатно ќе постојат и понатаму, но ако јас се прашувам, би ги преименувала во „дефиле на убавината“, наместо избор на најубава, затоа што најубава не постои – мислам дека „убавината е во окото на набљудувачот“.
Женски магазин- За твојот љубовен живот малку се знае. Дали си вљубена и размислуваш ли за брак?
Јована- Иако јавните личности би требале отворено да зборуваат за тоа, како уредник на „Убавина и здравје“ мене ми е потребно да го прават тоа за да бидат инспиративни за новинарите и читателките, но јас никогаш не зборував за тоа. Не се двојни стандарди, туку мене ми е некако лично непријатно да зборувам на таа тема, а гледам дека на многумина не им е, па сметам дека сите што се чувствуваат како мене, не треба да зборуваат и обратно. Зошто непријатно? Можеби, стравувам како публиката ќе го коментира кажаното од моја страна, а мојот однос со партнерот за мене толку значаен што се плашам да дозволам да биде тема која луѓето ќе ја коментираат на кафе. Се плашам да ги пуштам луѓето внатре каде што треба да бидеме само јас и тој. Имам долга врска, вљубена сум, а врската ми е толку долга што поради тоа официјално не сме ја означиле како брак. Знаете кога ќе минат години и години, заедно живеете и делите се, вие сте во брак, иако не сте се венчале. Можеби и ќе се венчаме, но и ако не го сториме тоа, ние сме маж и жена. Дали кажав премногу?:-)
За Женски магазин, Милица Џаровска