ИНТЕРВЈУ- ЛИЛЈАНА ПЕЦОВА ИЛИЕСКА: Товарот е на плеќите на жената
Ми пречи сė почестиот наратив „Да сме живи и здрави, што друго можеме“ што праќа порака на помирување и пасивност која седи на столче во кино и гледа како животот ти проаѓа пред очи на филмското платно. Човек треба да биде актер, а не типизирана ролја. Ми пречат и предрасудите, нискостите, омразата, местенките, кревање празна глава во облаци
По вокација е книжевник и автор на книгата „Вивисекција на Македонската народна приказна“, но Лилјана Пецова-Илиеска е жена со повеќе професии. Во моментов работи во „Метаморфозис“, Фондацијата за интернет и општество, како координатор на регионален проект кој вклучува 6 држави во регионот. Зад неа е долгогодишно работно искуство во државна администрација, со 4 години во Дирекцијата за заштита на личните податоци и 10 години во Министерството за внатрешни работи. „Широк дијапазон на работни искуства, но од аспект на безбедноста и приватноста мислам дека ги опфати „двете страни на паричката“, вели за себе си Лилјана. „Некои ми се воодушевуваа на храброста да се менуваат сектори, области, комфорни зони, но желбата за нешто ново беше поголема од стравот. Сметам дека само така може „да растеме“ и да се поставиме себеси пред пазарот на трудот, да видиме до кај сме. Сакам да поместувам и лични граници, да се предизвикувам првенствено, но сакам да поместувам и општествени размислувања во однос на стереотипи, предрасуди и однапред дадени клиширани матрици“, вака за Женски магазин се претстави нашата интересна соговорничка.
Жената не е воопшто ПОЛ(овина), таа е едно ЦЕЛО. Со сите можни и наметнати улоги во општеството товарот е на нејзините плеќи
Женски магазин- Која е прва книга што ја напишавте и колку книги и научни трудови сте промовирале до сега? Што зборувате во вашето дело „Вивисекција“, која е пораката на таа приказна?
Лилјана- Имам објавено неколку научни труда во научното списание „Спектар“ при Институтот за наука и литература, Скопје. А првата објавена книга е „Вивисекција на македонската народна приказна“, во издание на „Антолог“, во која македонските народни приказни се само апликативен пример, илустрација на применета Аристотелова идеја за „мимезисот“ или творечката енергија на креацијата. Реалистичните народни приказни се само антиципација на стварноста, тие ја имитираат до оној момент кога призиваат случки од реалноста. Но се сосема нереални, т.е. нереалистични затоа што недостасува случајноста, „детаљот“, неполезните детали во/вон текстот/животописот. А целта е да се постигне илузија на стварноста, односно КАКО ТРЕБА да биде, да подучи на различни етички, морални принципи. Оттука, народните приказни се насушна потреба како лектира за сите нас, таму ни е традицијата и идентитетот и интегритетот истовремено, оти не е целта да се прикаже имитативен свет до точка на стварност, туку потенцијално можен подобар свет во кој победува Добриот, Немрзливиот, Мудриот, Најмалиот син, Итрата жена, итн.
Следеа две збирки поезија во последниот период, „Јужен глас“ и „Севда и гревот на Јов“. Поезијата е простор каде во моментов се усидрувам, иако идејата за подолга проза–роман секако стои во глава.
Колумните ми се страст како дискурс бидејќи ми нудат можност да изразам став, мислење и во исто време да ги преиспитам истите преку јавна објава. Во многу од таквите текстови се најдов себеси како си поставувам нови прашања во рамки на текстот, но само така мислам дека човек може да си го задржи здравиот разум. Сакам да опипувам пулс преку разгледување и на други навидум несогледливи аспекти, но доволно аргументирани нешта, со цел да го согледаме објективното во ситуации кога, најмногу медиумски, деновиве се игра на етнички, национални, патриотски емоции.
Пасија ми се комуникациските стратегии и акциски планови. Работев како ПР долго време и подготовката на такви документи секогаш беше предизвик во однос на новите технологии и комуникациски алатки.
Работев неколку години на анализа на заштитата на личните податоци во сектор образование, како и подигнување на јавната свест кај учениците, наставниците и родителите. Изработив и посебен Водич за родители за заштита на приватноста на децата.
Првата објавена книга е „Вивисекција на македонската народна приказна“, во која македонските народни приказни се само апликативен пример
Женски магазин- На што сте посветена во моментов, како работен ангажман?
Лилјана- Во моментов работам на проектот actionsee.org и комуникацијата и координацијата на проектните активности со 6 партнери и 26 суб-грантисти е богата и предизвик, особено што сите спроведуваме активности со кои влијаеме на интегративните процеси на државите, на подобрување на владеењето на правото, на остварување на правото на граѓаните за пристап до информации и вклучување во процесот на одлуки. Особено инспирираат луѓето околу мене со кои соработувам со нивниот ентузијазам и оптимизам за подобро утре и постојаното поместување на границите кон повисоко ниво на транспарентност, отчетност и отвореност на институциите. Сите сме свесни дека процесите се бавни и изискуваат време, но мора да се работи во континуитет за да се остварат резултати и драго ми е што сум дел од сето тоа.
Женски магазин- Подготвувате ли нова книга, и за што ќе зборува таа?
Лилјана- Оф, еден куп идеи и размисли на темава. Новата збирка поезија се полни веќе со стихови. Фантастичен роман за деца е текст којшто го подготвувам заедно со поголемата ќерка, како инспирација и меѓусебно учење и дружење. Преку развој на различен тип дискурс вие може многу да научите и за себеси и за оној што го чита.
Од професионален аспект работам на Водич за општата регулатива за заштита на личните податоци од безбедносен аспект, но изискува многу работа и континуирано следење на материјата.
Женски магазин- На социјалните мрежи сте искрена и отворена за критика. Што најмногу ви пречи во нашето живеење и култура на однесување?
Лилјана- Па ми пречи сė почестиот наратив „Да сме живи и здрави, што друго можеме“ што праќа порака на помирување и пасивност која седи на столче во кино и гледа како животот ти проаѓа пред очи на филмското платно. Човек треба да биде актер, а не типизирана ролја. Ми пречат и предрасудите, нискостите, омразата, местенките, кревање празна глава во облаци, застанување на партиски постојки, паѓања во законски дупки, ментално загадување, депрофесионализација, импровизација, исполнување туѓи барања по секоја цена, итн. Ми пречи тишината во ситуации кога имаш убави зборови за да се разбереме.
Но ајде да кажеме што е тоа што ме воодушевува, да ги бараме позитивните работи: љубезноста, почитувањето на различностите, добрата мисла со која го пиеме кафето со пријателот, понудената рака за помош и поддршка, искреноста во комуникациите, доброто во очите на соговорникот.
Новата збирка поезија се полни веќе со стихови. Фантастичен роман за деца е текст којшто го подготвувам заедно со поголемата ќерка
Женски магазин- Колку жената во Македонија (и воопшто) со сите улоги кои ги носи е всушност понежниот пол?
Лилјана- Жената не е воопшто ПОЛ(овина), таа е едно ЦЕЛО. Со сите можни и наметнати улоги во општеството товарот е на нејзините плеќи. Блаже Конески има преубава песна насловена „Жената“:
Само жената му дава
димензија на животот,
со својата мекота и цврстина,
со својата мазност,
со својот свилен допир…
…
да си помисли човекот
дека е исполнет со смисла
и дека се гушка со бескрајот.
Женски магазин- Кои се вашите женски ритуали и како изгледа еден ваш обичен ден?
Лилјана- Па не знам колку може да имам ритуали ако сум поборник против клишеа, типизации и стереотипи. Немам ритуали, освен утринското кафе со колегите. Немам посебна структурирана форма на денот, освен онаа што е наложена од времето како димензија, подразбирајќи работно време и време по работното време. Но ниту еден ден со сигурност не е само обичен ден, иако сите навидум наликуваат еден на друг, сепак сакам да мислам дека секојдневно по малку и незабележливо за голо око „растеме“ во секоја смисла.
Женски магазин- Што и кој ве исполнува и ве прави среќна освен работата?
Лилјана- Среќна сум со тоа што го имам и со сите што се покрај мене. Инаку имам брз „метаболизам“ за сė останато. Среќна сум кога ќе го завршам денот со самопроценка дека сум направила сė што можам и колку што е во моја моќ, сум се обидела на секој можен начин да влијаам на добро, можеби да инспирирам некого или да мотивирам да направи нешто за себе…
Пред некој месец држев обука за критичко пишување. Дојдоа средношколки кои сакаа да научат како да пишуваат аргументирано и креативно во исто време. На крајот од денот една од нив ми пристапи и ми рече: „Не сте свесна колку ми помогнавте преку примериве да се одлучам што сакам да студирам и да работам во животов“. Јас се фрапирав оти ниту нешто разговаравме конкретно на таа тема и се запрепастив колку од тоа што ќе го кажеме или направиме ненамерно, индиректно, имплицитно всушност влијае на тие околу нас. Тоа е пред сė одговорноста што ја носиме со себе и бев пресреќна. Тоа е успех за мене, да му помогнеш некому да осознае, без притоа намерно да влијаеш и да сугерираш. Среќна сум што можам да се свртам наназад гордо и да си се плеснам по рамото за поддршка. Среќна сум што можам да си ги гушнам сите научени лекции и заедно да продолжиме понатаму.
„Денес, од својата номадска перспектива, на својата бивша средина можам да ѝ бидам благодарна. Парите за купување на метлата ги заработив сама. И летам сама.“ (Дубравка Угрешиќ, Култура на лагата)
Милица Џаровска