ИНТЕРВЈУ- НИКОЛА ПЕРЕВСКИ-ПЕРЕ: Ацо Конга и понатаму живее преку „Нокаут“

Добивај вести на Viber

Јас сум човек кој сака да се концентрира на креативност и на продуктивност и кој не сака да влегува во магичен круг од кој нема излез. Франц бил и ќе биде значаен дел од историјата на НОКАУТ, и тоа никој не може да го оспори, но, одиме понатаму. Различните ставови го направија своето, но не смееме да дозволиме еден бренд како НОКАУТ да згасне заради меѓусебни несогласувања

На почетоците беше момчето кое со специфичната фризура, имиџ, и хитови заедно со неговата екипа од „Нокаут“ направи еуфорија на домашната музичка сцена. Подоцна, баладите кои ги напиша за „Нокаут“ и за други изведувачи беа оние преку кои многу млади, нови фанови на бендот се идентификуваат. Никола Перевски-Пере, денес живее на релација Скопје-Барселона, каде што усовршува аудио-продукција. Во интервјуто за Женски магазин, Пере зборува за животот во Шпанија, неговата најголема гордост, ќерките Михаела и Каја, и зошто патиштата со поранешниот гитарист на бендот, Владимир Крстевски-Франц им се раздвоиле. Пере открива дел од идните планови врзани за јубилејот, 20 години „Нокаут“, и со љубов се сеќава на неговиот покоен пријател, музичарот Ацо Конга, кој беше дел од првата постава на бендот.

Оваа година ќе и го подариме на публиката она што и го должиме од минатата, јубилејна година, кога славевме 20 години „НОКАУТ“, а тоа е голем концерт


Женски магазин- Која е причината што реши да заминеш од Скопје во Барселона?

Пере- Причината поради која ја одбрав Барселона е реномираниот SAE институт, на кој одлучив да се усовршам на полето на аудио продукцијата. Сметам дека сето она што го нуди тој институт е токму она што ми беше потребно за да се надградам себеси професионално, но и да разменам искуства со луѓе со кои делиме иста љубов. Дополнително, бев маѓепсан од енергијата и убавината на градот.

Женски магазин- Како е да се живее таму, што е најубавото што ти го нуди овој град?

Пере- Досега безброј пати имам зборувано на оваа тема, а имам чувство како сè уште да не сум го опишал сето она што тој град го нуди. Сонце, море, музика од сите страни, уметност на секој агол, реки од луѓе од различни култури, превкусна храна, сиеста… Има ли подобра комбинација? Она што ме фасцинира кај Барселона е што секое ново шетање низ истите улички, е како прв пат да се запознавам со нив. Како прв пат да ги гледам. Чудно е како тој град никогаш не ти здосадува. Толку е динамичен и колоритен, што не можеш да не му се восхитуваш повторно и повторно.

Причината поради која ја одбрав Барселона е реномираниот SAE институт, на кој одлучив да се усовршам на полето на аудио продукцијата


Женски магазин- Имаш ли таму некој нов музички ангажман или тие се врзани само за Македонија?

Пере- Во јануари оваа година завршив на катедрата за електронска музика и продукција, ми останаа уште неколку семестри за да дипломирам за аудио-инженер, токму тоа е тоа што ме држи да продолжам да и се враќам на Барселона. А, што се однесува до музичките проекти, имам започнато да реализирам неколку идеи со тамошни колеги, за кои сепак треба повеќе време и повеќе ангажман.Самиот институт како иституција под дифолт ти овозможува работа и учество во различни проекти. Се надевам дека ќе најдам време да реализирам барем дел од нив.

Женски магазин- Што ново подготвува Нокаут?

Пере- Во тек е снимањето на четвртиот по ред студиски албум, на кој работам со огромна посветеност и љубов. Се надевам дека тоа ќе успеат да го препознаат сите оние кои ќе го преслушаат албумот. Освен тоа, оваа година ќе и го подариме на публиката она што и го должиме од минатата, јубилејна година, кога славевме 20 години „НОКАУТ“, а тоа е голем концерт. Сега за сега не можам ништо повеќе да ви откријам, освен тоа дека подготвуваме нешто што ќе заокружи еден прекрасен креативен период на бендот, но и на нашите приватни животи.

Она што ме фасцинира кај Барселона е што секое ново шетање низ истите улички, е како прв пат да се запознавам со нив. Како прв пат да ги гледам. - Пере во Барселона


Женски магазин- Што мислиш, зошто бендот претрпе толку промени меѓу членовите?

Пере- НОКАУТ постојат дури 20 години и не би било здраво да не претрпува промени по толку време. Речиси и да не постои музички бенд на светската сцена чиј состав барем еднаш не се променил. Како што имам кажано повеќе пати, тоа е жив организам кој мора да се менува, да се надградува, да поприма нова енергија, нова инспирација… Во спротивно, постои опасност да западне во монотонија, да не може да излезе од кругот кој веќе се истрошил. Верувам, а доказ за тоа е посетеноста на нашите настапи, дека сме постапиле правилно и дека секоја промена во бендот била освежување кое било нужно да се направи.

Женски магазин- Како реагираш на обвинувањата на поранешниот гитарист на групата, Франц, дека си му го украл брендот „Нокаут“?

Пере- Јас сум човек кој сака да се концентрира на креативност и на продуктивност и кој не сака да влегува во магичен круг од кој нема излез. Франц бил и ќе биде значаен дел од историјата на НОКАУТ, и тоа никој не може да го оспори, но, одиме понатаму. Различните ставови го направија своето, но не смееме да дозволиме еден бренд како НОКАУТ да згасне заради меѓусебни несогласувања. Мислам дека сосема погрешно е сфатен концептот на уметноста, па затоа сите коментари за наводна кражба на брендот не би ги коментирал. Не би сакал нашите фанови да добијат погрешна перцепција за сето тоа, би сакал НОКАУТ да им биде асоцијација за квалитетна авторска музика, а не за какви било интриги.

Ацо Конга беше човекот кој можеби влијаеше најмногу врз мојот музички вкус и општо, музичка наобразба. Секако, тој ми беше многу повеќе од тоа. Пријател, соработник, родител, рамо за плачење, човек за смеење, за делење на добро и лошо


Женски магазин- Како дојде до заладувањето на односите на вас двајца?

Пере- Живи луѓе сме, со различни интереси и визии за иднината. Нашите визии едноставно се разминаа и сосема природно е во тој случај да ни се разминат и патиштата.

Женски магазин- Според тебе, кое беше најубавото, златното време на групата, или тоа допрва претстои?

Пере- Секој период, секоја фаза од НОКАУТ си има свое златно време. Почнувајќи од почетоците, кога и музиката и времињата беа поинакви. Имавме армија обожаватели кои не следеа каде и да одиме. Бевме млади, и тоа внимание многу ни годеше. Тоа се времиња кои никогаш нема да ги заборавам. Но, тогаш т.н. ѕвезди не им беа толку достапни како денес, во ерата на социјалните медиуми, па затоа постоеше и таа еуфорија, која навистина беше доживување за нас како бенд.

Па, дури и паузата помеѓу двете постави е своевидно златно време, затоа што тогаш собравме нова енергија и нова инспирација. Секако дека мора да се издвои акустичниот концерт снимен за МРТВ кој ни помогна да отвориме ново поглавје во нашата приказна. Нешто што значително го смени текот на настаните, во позитивна насока. Не знам, до сега не сум размислувал на оваа тема. И сега кога пробувам да направам перспектива, некако во секоја фаза од нашето творење наоѓам убавина. А, она што како посебен момент од историјата на бендот би го издвоил е собирањето на новата постава, која еве веќе повеќе од 15 години функционира беспрекорно. Би рекол дека токму спојувањето на тие неколку енергии е она што може да се нарече златното време на НОКАУТ. А, тоа значи дека тоа време уште трае, и се надевам дека ќе трае уште долго.

Миа и Каја се мојата радост и гордост. Мојата вечна инспирација. - Пере со ќерките


Женски магазин- Какви ти се сеќавањата на почетоците на бендот, и на покојниот Ацо Конга, поранешниот ваш член?

Пере- Во претходниот одговор нешто спомнав токму на оваа тема. Почетоците на НОКАУТ се нешто што вечно ќе го паметам и на кое секогаш со драго срце ќе се сеќавам. И ништо не би променил. Освен секако загубата на човекот од кој научив многу и на кој му должам голем дел од животот. Ацо Конга беше човекот кој можеби влијаеше најмногу врз мојот музички вкус и општо, музичка наобразба. Секако, тој ми беше многу повеќе од тоа. Пријател, соработник, родител, рамо за плачење, човек за смеење, за делење на добро и лошо. Како што пишува во посветата на официјалната веб страна nokaut.mk „музиката беше неговата душа, а таа остана да живее во некои песни на НОКАУТ. Фали неговата насмевка, неговиот шарм, искуство, строгост и генијалност“. Сигурен сум дека таму горе веќе се нашол со сите оние музички генијалци кои не напуштија и заедно свират некој опасен џем сешн.

Женски магазин- Како би ја оценил и искоментирал состојбата на македонската музичка сцена денес?

Пере- Како да е во зимски сон. Но, еве доаѓа пролетта, па се надевам дека еден по еден ќе почнеме да се будиме. Како и со сѐ друго, така и македонската музика, има свои подеми и падови. Знам дека имаме вонсериски музичари, но како да постои некое разочарување меѓу нив. Како да им недостига инспирација или воља или не знам што… А, можеби е и само затишје пред бура.

Женски магазин- Како се твоите ќерки Михаела и Каја, колку години имаат, и на кој дел од нивниот карактер, успеси си најгорд?

Пере- Миа и Каја се мојата радост и гордост. Мојата вечна инспирација. Михаела оваа година веќе ќе наполни 20 години и цврсто граби напред. Студира на ЕСРА (музичка продукција)има свој бенд (Chemical X)кој звучи фантастично и се повеќе се вљубува во музиката. Се почесто соработуваме заедно, што значи добар удел во идеите за музиката на НОКАУТ има и таа, а неколку пати настапувала како придружен вокал. Тоа кај себе си го сметам и го разбирам и како процес во воспитувањето на своите деца. Не дека е моја, ама и предвидувам убава кариера.

Каја наскоро ќе наполни 11 години, што значи влегува во една магична фаза, кога светот почнува да го перципира поинаку. Не е ниту дете, ниту тинејџер, нешто помеѓу, музички талентирана повеќе од мене и од сестра и. Се обидувам да и помогнам полесно да се снајде во овој конфузен свет и не е лесно, но верувам дека ќе го изодиме и тој пат заедно. Веќе имам искуство со Миа. Горд сум на нив од сите можни аспекти.

За Женски магазин, Милица Џаровска