ИНТЕРВЈУ- НИНА БАДРИЌ: Не правам претстави од приватниот живот
Може пристојно да се живее и без се од својот живот да фотографираш, од својата спална соба до своите интимни моменти. Јас, едноставно таква личност не сум, но фала богу има многу такви кои се, па материјали има колку што сакаат. Никој од моите пријатели не ја знае жената на Дино Мерлин, или Џибони или на Здравко Чолиќ.
По цели 25 години кариера и многу хитови кои станаа евергрини во срцата на луѓето, хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ ќе го одржи првиот концерт во Скопје, на 9 јуни во Македонската Филхармонија. Бадриќ вчера ни беше на гости, за да го најави овој настан на кој искрено му се радува. Насмеана и топла како соговорник, природна и со сосема малку шминка, со Нина муабетевме за нејзината музика и за она што ја радува. По разводот со нејзиниот поранешен сопруг Бернард Красниќ, ја врзуваа со неколку малку или повеќе познати мажи од регионот. Љубовниот живот вели дека не сака да го споделува со јавноста, не за да направи мистерија од него, туку затоа што сака да докаже дека една жена која се издржува самата, треба да живее само од музиката, не и од сензациите.
Женски магазин- Дојдовте во Скопје за да го најавите вашиот концерт, на 9 јуни во Македонската Филхармонија. Ова ќе биде ваш прв концерт во Скопје, зошто е тоа така?
Нина- Да, прв концерт во Скопје по 25 години кариера. Тоа е нереално, но ете, кој чека тој ќе дочека. Сите овие години ние бевме во контакт со разни организатори и ја баравме вистинската приказна, но не се случи никаков фидбек. Но, еве сега се погоди и местото и времето и веќе сум сигурна дека овој наш концерт ќе биде само прв во низата во Македонија. Знам дека публиката во Скопје долго го чека овој концерт исто како и јас.
Женски магазин- Што е она што го работите во моментов, а не сме успеале да го прочитаме или да се информираме преку социјалните мрежи?
Нина- Во моментов собирам песни, правам обиколка на студијата, снимам и го завршувам мојот нов албум. Треба да излезе на крајот на септември, така што повторно ќе имам еден голем повод за нови концерти во Скопје, а зошто да и не и во другите градови во Македонија? Едвај го чекам овој албум затоа што имав студиска пауза од шест години. Некако, имав многу синглови помеѓу претходниот и овој албум што следи. Денес не е воопшто лесно да најдат квалитетни песни. Тогаш е подобро да не се упропастат некои темели кои си ги поставив во својата кариера, па не морам се, по секоја цена да испеам, ни поради заработка, ни поради други причини. Јас не сум таков музичар, и не би можела да се носам со песни кои не ми припаѓаат.
Женски магазин- Токму тоа е феноменот на Нина Бадриќ, вие никогаш не трчавте по хитови по секоја цена, и со квалитетни песни станавте бренд, а тие песни стануваат евергрини. Како успевате да го одржите тој интензитет во денешно време?
Нина- Сега трчам, хахаха, се шегувам. Да, времето на моите песни им го донесе своето. Некои од моите песни луѓето повеќе ги сакаат сега отколку на почетокот, тие песни останаа, станаа нечии. Од „Такви као ти“, преку „Чаробно јутро“ до актуелната „Дани и године“, која апсолутно растури. Тоа е една убава поп-песна, и некои луѓе ми зборуваа дека нема да пројде во ова време на турбо-фолк журки. Но, се покажа сосема спротивно, тоа што луѓето ја сакаат значи дека се желни за добра музика.
Веќе ништо не правам како што велат „на врат- на нос“, туку полека. Одморена, наспана да влезам во еден простор и да го испеам концертот најдобро што можам
Женски магазин- Токму таа песна, „Дани и године“ е хит на венчавките низ регионот. Младоженците ја бираат за првиот танц. Дали и вие сте ја испеале на некоја венчавка?
Нина- Да, да, како да не. Мислам дека не поминува ниту еден ден, некој да не ми прати снимка на социјалните мрежи снимка од својата венчавка, од првиот танц. Сум ја пеела песната како специјална гостинка, и луѓето токму со неа сакаат да го одбележат тој посебен ден во своите животи.
Женски магазин- Медиумите се помалку се занимаваат со пишува вашиот љубовен живот, се чини дека ве оставија на мир. Постои ли можност оваа песна да ја испеете и на ваша свадба наскоро?
Нина- Да, во право сте. Медиумите некако ме оставија на мир. Но, тоа е и затоа што јас не сум личност која прави претстави од својот приватен живот. Уште како девојче, кога ја започнав мојата кариера, знаев дека мојата публика нема да ја интересира ништо приватно за мене, тоа ги интересира само одредени новинари. Но, може пристојно да се живее и без се од својот живот да фотографираш, од својата спална соба до своите интимни моменти. Јас, едноставно таква личност не сум, но фала богу има многу такви кои се, па материјали има колку што сакаат. Никој од моите пријатели не ја знае жената на Дино Мерлин, или Џибони или на Здравко Чолиќ. Тие се пример дека една јавна личност може да биде пристојна и да живее само од својата музика. А за мојата песна да ја испеам на моја свадба наскоро? Па, зошто да не, нема подобра песна во моментов, хахаха.
За сега, мојот главен извор на егзистенција се моите концерти. Знаете она, куферот во раце, патот под нозе и одиш.- Нина Бадриќ
Женски магазин- По смртта на Тоше испеавте негова авторска песна, соработувавте и со Каролина Гочева, Калиопи, браќата Тавитјан. Има ли друг македонски музичар со кого би сакале да работите?
Нина- Сигурно дека има уште многу добри македонски музичари со кои би посакала да работам и тоа би го направила со голем мерак како и со претходните. Но, јас би требала малку повеќе да ја следам македонската сцена и повеќе да сознам за македонските музичари. Многу пати ќе слушнам некоја песна на македонски и ќе се изненадам колку е добра а не знам кој ја пее.
Женски магазин- Вие сте една од најпродаваните автори во Хрватска. Може ли пристојно да се живее од тантиеми?
Нина- Најпродавана авторка, а тешко е пристојно да се живее само од тоа. Законите за авторски права не се вистински поставени на овие простори. Кога законите би биле поуредни, тогаш тие тантиеми би имале смисла. За сега, мојот главен извор на егзистенција се моите концерти. Знаете она, куферот во раце, патот под нозе и одиш.
Женски магазин- Колку е тоа тешко за една жена, самата да се издржува?
Нина- Не е ни малку лесно. Оваа работа воопшто не е лесна, особено за жена. Ние сме понежни суштества, а многу повеќе улоги од нас се очекуваат. Но, музиката е дарба. Да имав дарба да работам во пошта, би работела во пошта, и веројатно би живеела некој сосема друг живот.
Женски магазин- Кои се вашите женски ритуали за нега и убавина, имате ли такви?
Нина- Како и секоја жена, се трудам да бидам здрава и негувана. На секој од нас му годат различни работи. Треба да го пронајдеш она во што се чувствуваш добро, и тоа да го задржиш. Се трудам здраво да се хранам и да вежбам колку што можам. Веќе со години никаде не трчам и не брзам, туку го намалив темпото. Кога патувам во некој град, доаѓам еден ден порано, за убаво да се наспијам и да се одморам. Веќе ништо не правам како што велат „на врат- на нос“, туки полека. Одморена, наспанa да влезам во еден простор и да го испеам концертот најдобро што можам и тоа да ми биде една голема радост.
А за мојата песна да ја испеам на моја свадба наскоро? Па, зошто да не, нема подобра песна во моментов, хахаха
Женски магазин- Кои се вашите најголеми животни радости?
Нина- Ме прават среќна многу работи. Сите се учиме да живееме сега, а живееме во минатото и ја чекаме таа иднина која некако така брзо доаѓа, затоа е важно да живее за сега, за сите радости кои се пред нас. Ние музичарите имаме многу брз живот, времето го мериме понекои градови, настапи, а некогаш не сфаќаме дека од некоја случка поминале многу години, затоа што животот ни е многу брз. Затоа јас се обидувам да бидам радосна секој момент, еве сега на пример.
Милица Џаровска
Фото: Андреја Дамјановиќ