ИНТЕРВЈУ АНА ЈОРДАНОВА, СОПСТВЕНИЧКА НА „СТОБИ“: Објективизацијата на жените е реално секојдневие

Добивај вести на Viber

Кога работиш во сопствена компанија е малку полесно, но препознавањето на потенцијалот на жените во македонски услови е повеќе исклучок отколку правило. Некако сè уште, иако премолчено, важи правилото убава еднакво глупава, или таа е жена, треба да си ја гледа фамилијата, да раѓа деца, да готви. Тоа не ги спречува, се борат. Успешни жени има, не дека нема. За жал, дел од нив се фатени во „стапицата“ на докажување дека „вредат“ исто колку и мажите. Ретки се оние што успеваат да излезат од маѓепсаниот круг на очекувања, вели Јорданова

По професија е режисер и продуцент и директно е инволвирана во сите видеореклами за „Стоби“ уште од основањето на винаријата. Во меѓувреме ги презеде и менаџерските должности, природна транзиција кога се работи за фамилијарен бизнис. Во фокусот на ова искрено интервју со Ана Јорданова, сопственичката на „Стоби“, е потенцијалот на жената во домашната економија. Разговаравме и за нејзиниот однос со татка си, македонскиот бизнисмен Минчо Јорданов, за успесите на винаријата која годинава одбележува една деценија постоење, за патувањата и за слободното време кое најмногу го поминува со внукот.

Факт е дека жените поседуваат поголема емотивна интелигенција на која се потпираат при донесување на одлуки кои влијаат на целокупниот бизнис


Женски Магазин* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата? Дали, според Вас, нивниот потенцијал е доволно препознаен во домашната економија?

Ана- Сметам дека поделбата во категорија мажи и категорија жени не само во македонската, туку и во која било бизнис заедница воопшто не би требала да постои како таква. Но, реалноста е дека за жал како и во многу други сфери, сè уште се делиме по родова припадност. Има различни иницијативи кои се стремат на оваа тема да ја подигнат свеста, а јас би рекла дека би требало да се оди чекор понатаму во насока на балансирање, надополнување на различностите од секој аспект. Потенцијалот и способностите се различни кај секој човек, без разлика дали се работи за женски или машки пол и тоа е она што треба да се препознава, а не половата припадност. Поразително е колку сме далеку од ваквиот начин на размислување и постапување. Во Македонија објективизацијата на жените е реално секојдневие. Кога работиш во сопствена компанија е малку полесно, но препознавањето на потенцијалот на жените во македонски услови е повеќе исклучок отколку правило.

Женски Магазин* Кој е главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?

Ана- Како што веќе споменав погоре, објективизацијата на женското тело и сè што оди во тој пакет е главниот проблем. Некако сè уште, иако премолчено, важи правилото убава еднакво глупава, или таа е жена, треба да си ја гледа фамилијата да раѓа деца, да готви. Тоа не ги спречува, се борат. Успешни жени има, не дека нема. За жал, дел од нив се фатени во „стапицата“ на докажување дека „вредат“ исто колку и мажите, а притоа ги исполнуваат и „домашните“ обврски, грижа за домот и семејството. Ретки се оние што успеваат да излезат од маѓепсаниот круг на очекувања. Самите жени си наметнуваат премногу, со цел да се покажат, да се докажат, да се успешни и рамноправни, а јас мислам дека одамна е помината таа точка на рамноправност, бидејќи мултитаскингот им е секојдневие, само што можеби и не се свесни.

Во менаџерскиот тим на винаријата на најголемиот дел од раководните позиции се жени: Јорданова со Јадранка Клариќ Кимовска (комеријален директор во „Стоби“) и Јадранка Накова (маркетинг директор во компанијата)

Женски Магазин* Колку процентуално се застапени жените на менаџерски позиции во компаниите кои се во сопственост на семејството Јорданови?

Ана- Тука сме, да речеме, исклучок од правилата. Мојата мајка ја води болницата „Ремедика“ и таму голем дел од персоналот се жени. Во менаџерскиот тим на винаријата „Стоби“ на најголемиот дел од раководните позиции - комерција, финансии и маркетинг се жени, вклучително и јас како креативен директор. Мојата сестра и тетките во другите фирми. Конкретно не би знаела колку проценти се во прашање, но секако се доста добро застапени.

Женски Магазин* Според некои истражувања жените имаат вродени претприемачки способности, но нивните бизниси побавно се развиваат бидејќи и помалку ризикуваат. Сметате ли дека македонските жени се подобри менаџери од мажите?

Ана- Повторно родова поделба (се смее). Факт е дека жените поседуваат поголема емотивна интелигенција на која се потпираат при донесување на одлуки кои влијаат на целокупниот бизнис. И да, сметам дека од тој аспект жените имаат една компетитивна способност повеќе, која во претприемништвото се отсликува преку преземање на поголем ризик, а не помал. Разликата е во тоа што ризикот, токму со помош на емотивната интелигенција е подобро предвиден и долгорочно искалкулиран, па затоа нивните бизниси поспоро се развиваат, што реално не е негативно. Секој моментален успех и брз развој не даваат долгорочна гаранција за опстанување на бизнисот.

Има безброј примери во домашни и светски услови кои го поткрепуваат ова мое мислење.

Ана со енологот Андон Крстевски


Женски Магазин* Годинава „Стоби“ одбележува една деценија постоење. Најновиот меѓународен успех на винарницата е во Кина, каде што лани ја отворивте петтата специјализирана продавница. Што значи влезот на еден таков огромен пазар и каква ќе биде Вашата извозна стратегија во наредниот период?

Ана- Точно, годинава се навршуваат 10 години од нашата прва берба. Многу лекции се научени, ги прележавме таканаречените „детски болести“. Задоволни сме со постигнатото. Секако нашите развојни планови не застануваат тука. Стратешки остануваме извозно ориентирани и би сакале да го засилиме и прошириме нашето присуство на постоечките 20 пазари. Што се однесува пак на Кина, за релативно кратко време, за околу три години, почнувајќи баш од нула, преку презентации и запознавање со нашите предности па сè до директната продажба, успеавме да пласираме над 1 милион шишиња вино. Таму работиме со партнер кој од самиот почеток нè посети повеќепати, го виде Тиквешкиот регион, ги разбра карактеристиките на нашиот регион, технолошките способности и знаења. Кина по многу параметри е најбрзорастечка земја вклучително и со животниот стандард. Секако пресуден за нашиот успех беше концептот создаден со нашиот партнер „Стоби Шенжен интернешнл вајн“ кој покажа одлична соработка со нашиот менаџмент и веќе имаме 5 многу успешни продавници во Кина со брендот на Стоби каде се продава само македонско вино, односно вино на „Стоби“. Во овој регион кој сега сме присутни на шега велиме дека се „мали“ градови кои имаат по најмалку 5-6 милиони жители, па сè до 20 милиони жители. Нашите перспективи се да отвориме продавници во сите големи кинески градови како Пекинг и Шангај со што ќе имаме пазар од околу 900 милиони корисници, бидејќи во градските средини живеат две третини од вкупното кинеско население. Планот е да го следиме и поддржуваме развојот на нашиот бренд таму.

Женски Магазин* Во последно време сè поприсутен е концептот на општествена одговорност на компаниите. Да се преземе акција без да се очекува нешто за возврат. Колку Вашите компании се активни на ова поле?

Ана- Активни се, вложуваме во спорт, во култура и во други сегменти во општеството, но реално не би сакала да зборувам за тоа бидејќи навистина не очекуваме ништо за возврат и во тој контекст сè што е направено нема потреба да биде посебно истакнато.

Јорданова на промотивен настан во Струмица

Женски Магазин* Кога почнавте посериозно да навлегува во менаџерските активности околу компаниите членки во семејниот холдинг „Перминдекс“? Дали во тинејџерските години имавте некои други професионални соништа?

Ана- Можеби менаџерските должности ги преземав подоцна, во последниве 3 години, но секако бев директно инволвирана, пред сè во маркетингот, уште од основањето на винаријата. Технички по професија сум режисер и продуцент, па можноста да ги изработам сите видео реклами за Стоби навистина беше исполнување на професионалните соништа. Знам дека оставив нешто вредно зад себе и во исто време допринесов за позитивниот развој на брендот. Како што помина време, работите се сменија, па така и мојот фокус се префрли врз менаџментот. Тоа беше доста природна транзиција бидејќи, сепак, режијата и продукцијата подразбираат менаџирање на екипа и спроведување проекти според одредени буџети. Во секој случај мислам дека се пронајдов себе си.

Женски Магазин* За што најмногу дебатирате со Вашиот татко? Дали во моментите кога имате различни гледишта за некои сегменти од бизнисот успевате да ја занемарите фамилијарната релација, да ги исклучите емоциите?

Ана- Јас сум многу директен и искрен човек и навистина е тешко да се исклучат емоциите кога се работи за бизнисот, бидејќи сепак е фамилијарен. Секако често дискутираме на таа тема и никогаш немало недоразбирања колку и да се разликувале нашите мислења, бидејќи имаме одлична комуникација. Многу работи учам од него, но со гордост можам да кажам дека и многупати сум помогнала со мои идеи и сугестии.

Службените патувања ја полнат со позитивна енергија, а се опушта со добра книга и со чаша вино

Женски Магазин* Што Ве прави среќна? Каде ја насочувате енергијата, креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?

Ана- Искрено, многу ретко имам прилика навистина да се опуштам бидејќи доста патувам кога не сум во Стоби. Моментално најголемиот извор на среќа во мојот живот е внук ми, слободното време гледам да го поминам со него. Но, морам да признаам дека и тие службени патувања навистина ме полнат со позитивна енергија бидејќи имам прилика да посетам многу нови места, но и да ги посетам пријателите низ светот, па така некако пробувам да најдам баланс сè додека не најдам прилика да избегам на некоја плажа со добра книга и со чаша Стоби вино.

Ѓорге Стојанов