ИНТЕРВЈУ-АНЕТА АНДОНОВА: Место на кафе, во сабота луѓето беа со „Пулсирања“

Добивај вести на Viber

По вокација сум инженер по електротехника, па често размислував за промена на професијата. Јас, во син мантил меѓу електромотори или генератори, ми звучеше интересно во еден момент, но верувам дека вселената ги склопила коцките поинаку, а и велат „телевизијата е вирус од којшто се заразуваш еднаш за секогаш".

Во Македонската радио и телевизија 1, таа е уредник на образовната програма. На социјалните мрежи, ведра и насмеана жена која споделува убави фотографии од убави патувања. Ја смирува Охрид, а неостварен сон и е да ја посети Јужна Америка. Деновиве често ќе ја сретнете на кејот Вардар, како се подготвува за да истрча уште еден Скопски маратон. За гледачите на ТВ, таа е сè уште Анета од „Пулсирања“, или девојката од „Пулси квизот“. Анета Андонова, целата своја телевизиска кариера ја посвети на едуцирање на децата и младите. За себе си вели дека и таа е Петар Пан, а детето во неа никој не може да и го земе.


Женски магазин - Кога се роди твојата прва желба на се појавиш на ТВ, и кога ја реализираше?

Анета- „Животот е она што ти се случува додека ти го планираш“, рекол своевремено Џон Ленон. Телевизијата за мене беше случајност, а не план или желба. Моите почетоци се всушност во радиото. Училиштето за средно образование „Орце Николов“, како дел од практичната настава промовираше младинско, експериментално радио „Клуб 100“. Радиото беше креација на учениците кои се профилираа како електротехничари во соработка со одговорните професори. Во тоа радио, ние учениците „се одмрзнавме“. Научивме како се прави емисија, како се говори пред микрофон, научивме како да се обратиме на аудиториумот. Во тие 90-ти години дојде соработката со МРТ која беше единствена како ТВ куќа во Република Македонија. Влегов во проектот којашто внесе нов дух, постави нови стандарди во етерот, го имаше приматот пред сите останати телевизиски проекти. „Пулсирања“, таму беа моите почетоци во телевизијата како електронски медиум. Без некоја посебна желба, но со многу возбуда,ентузијазам- влегов во МРТ и останав.

Женски магазин- Со години беше позната по прекарот Анета „Пулси-квиз“. Кога започна тој квиз и колку точно години го водеше?

Анета- Пулси квизот беше само сегмент од ПУЛСИРАЊА - емисија од младите, за младите. Саботната, матине шема не беше кафуле, туку ТВ приемникот. 10.00- и време е за Пулсирања. Широк спектар на ТВ консументи опфати, оваа емисија. Логично,некако е прво да им се обратиш на учениците, а потоа на младинците. Пулси квизот се разви во полигон за натпревар на учениците па со тек на време се одвои како посебен проект. На прашањето- КОЛКУ ГОДИНИ? – одговарам МНОГУ, затоа што ниту еден друг проект, освен информативните емисии (вести, утринска програма, актуелности) не се задржале толку на медиумската сцена.


Женски магазин- Кои ти се најубавите спомени од тоа време?

Анета- Дружењето со учениците од цела Македонија, соработката со колегите кои беа исклучително квалитетни, креативни, „печењето“ на телевизискиот занает се мојот бенефит од тоа време. Во МРТ, завршив уште еден факултет – нешто што не можеш да го научиш на ниту еден универзитет.

Женски магазин- Потсети не, што друго работеше по Пулсирања?

Анета- Теоретичарите кои ја дефинираат телевизијата како медиум велат: „Телевизиската програма треба да едуцира, информира и забавува“- и тоа по тој редослед. Тоа значи дека сите проекти коишто следуваа, беа дел од образовната програма. Во тој контекст, би ги апострофирала авторските проекти „Патот на струјата“, „Ало“, „Имате грешка“, „100 прашалници- 100 одговори“, „Необична лабораторија“ и многу други. Во еден момент бев дел и од забавната редакција, па дури бев и дел како Шеф на прес и како Шеф на делегација на најпопуларната музичка манифестација „Евросонг“.


Патувањата се најдобрата инвестиција.- Анета во националниот парк Масада во Израел


Женски магазин- Зошто реши да се повлечеш од ТВ камерите и да застанеш зад нив?

Анета- Во еден момент и медиумската сцена, а и јас, лично почувствувавме презаситеност. Работев на многу проекти, но зад сцената.Таквата работа дава неверојатна можност за развој на креативноста и на другите способности. Си реков–тоа е она вистинското!

Женски магазин- Кои се твоите сегашни и идни ангажмани во МРТ?

Анета- Во моментов сум уредник на образовна програма на МРТ1. Во рамките на овој сектор се емитуваа детски, училишни, научни, општообразовни програми и емисии за лица со посебни потреби. Голем одмор како детско, едукативно шоу е единствено во целиот регион, легендарните Македонски народни приказни се продуцираат во овој сектор, Светот на тишината и Петтиот ангел се единствени по својот концепт како проект што ги третира проблемите на лицата со посебни потреби, Си било еднаш итн. итн. Списокот е долг, а јас само ја искористив можноста за Женски магазин, да набројам дел од проектите на образовна програма.За идните планови, ќе зборуваме кога ќе дојде време. Идеја има, само да ја оставиме да „ферментира“.

Најмногу ужива во Охрид.- Анета со сестра и Мартина


Женски магазин- Дали некогаш си посакала да ја смениш насоката, да се откажеш од детската програма и си имала ли понуди да ја смениш Тв куќата?

Анета- Со оглед на фактот што по вокација сум инженер по електротехника, често размислував за промена на професијата. Јас, во син мантил меѓу електромотори или генератори хммм, ми звучеше интересно во еден момент, но верувам дека вселената ги склопила коцките поинаку, а и велат „телевизијата е вирус од којшто се заразуваш еднаш за секогаш".

Женски магазин- Кој е најголемиот предизвик кога работиш со деца?

Анета- Нема да кажам ништо ново ако речам дека децата се најискрената публика. Тие се генератор на идеи. Полни се со живот и тоа е тоа што нас кои работиме со нив не прави „alive“.


Женски магазин- Патувањата се твоја голема страст. Од кое патување-а носиш најубави спомени, и кое место ти е неостварен сон да го посетиш?

Анета- Патувањата се најдобрата инвестиција. Така барем велат психолозите. За мене тие се во исто време и ресетирање и полнење. Неостварен сон ми е Мачу Пикчу и воопшто Јужна Америка. Според Куелјо, ако нешто силно посакаш, вселената сè ќе направи да ти го оствари.

Женски магазин- Јавноста малку знае за твојот љубовен живот. Дали си вљубена, имаш ли партнер кој те прави среќна?

Анета- Јас сум постојано вљубена. Љубовта е храна која ти ги балансира хормоните. Нема ендорфин, без љубов. Приватниот живот не го кријам, но сметам дека нема ништо интересно или невообичаено што би ја интересирало публиката.

Анета во собарата на Тајната вечера во Израел

Женски магазин- Како успеваш сите овие години да го негуваш младешкиот дух и да останеш речиси истата, Анета од „Пулсирања“?

Анета- Петре М.Андреевски во Последните селани вели: „Ќе си земеш убав човек со голема сенка, насекаде свртен.Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето“. Сакам во мојот радиус да се движат убави (и физички и духовно, се разбира) луѓе, полни со живот, со дух, млади и умни. Само така има размена на енергија и само така човек го одржува духот. Сите ние сме на некој начин Петар Пан. Не давам да го уништат детето во мене.

Во моментов сум уредник на Образовна програма на МРТ1. Во рамките на овој сектор се емитуваа детски, училишни, научни, општообразовни програми и емисии за лица со посебни потреби

Женски магазин- Кои други мали, женски работи те прават среќна?

Анета- Малите нешта, независно дали се во некоја материјална или друга форма, насмевка, убав збор, смирен тон.

Милица Џаровска