Интервју Ангелина Славески: Вложувањето во нови кадри преку стипендирање е одлична корпоративна политика

Добивај вести на Viber

Ангелина Славески е еден од добитниците на стипендија од ОКТА и Групацијата Хеленик Петролеум за образовна надградба на постдипломските студии на Техничкиот универзитет на Крит. Таа, соодветно на својата додипломска едукација ја избра насоката за нафтено инженерство со што ќе биде еден од ретките кадри во оваа област образовани на високо, напредно ниво. Во разговорот ни открива какво е нејзиниот искуство, кои се нејзините импресии, мотиви, амбиции и мислење за образовните процеси во земјава и како треба да се подобрат.

ПрашањеКако еден од стипендистите на ОКТА и Хеленик Петролеум, Вие сте во тек на постдипломските студии на Техничкиот универзитет на Крит. Какви се вашите импресии, што ви овозможија овие студии, оваа стипендија?

АС:Со оглед на тоа што Техничкиот универзитет на Крит е еден од најдобро рангираните универзитети за нафта, гас и нафтено инженерство на светско ниво, добивањето на оваа стипендија претставува огромна чест и поттик за понатамошно професионално надградување. Стекнувањето со поширока научна основа од областа на нафтената индустрија, преку имплементација на софистицирани методи со вклучени семинари и едукативни посети, како и продлабочување на академските вештини, се само еден дел од привилегиите кои ги овозможува ваквата стипендија.

ПрашањеВие сте дипломиран технолог од ТМФ, а сега како постдипломец на Техничкиот универзитет на Крит, дали можете да направите паралела меѓу двата универзитети во однос на едукативните содржини и академските методи, и покрај различното ниво?

АС:Со сигурност можам да потврдам дека нема некоја драстична разлика во однос на палетата на понудени едукативни содржини, иако самиот концепт на организација на програмите кои ги нудат двата универзитета е поинаков. Она што може да се издвои како дистинкција во методолошкиот пристап е тоа што на факултетите од овој универзитет поголем акцент се става на практичното знаење наспроти теоретското, интерактивниот начин на учење и можноста за реализација на напредни и меѓународни научно-истражувачки проекти. Секако, и нашите факултети се во чекор со европските стандарди и методи, но секогаш има простор за подобрување на високото образование во нашата држава.


ПрашањеЗа постдипломските студии ги избравте студиите на Факултетот за инженерство на минерални ресурси, како тоа се вклопува во вашата професионална вокација, по што се издвојуваат овие студии од оние што ги имаме и локално?

АС:Програмата за нафтено инженерство, која беше мој избор за постдипломски студии, веќе пет години се применува во рамките на Факултетот за минерални ресурси. Оваа програма им овозможува на студентите да се стекнат со научна основа за истражување на нафтените ресурси, како и вештини од практичните аспекти на нафтената индустрија. Со оглед на тоа што ние немаме развиена нафтена индустрија, во нашата држава не постои можност за доедукација во оваа област. По завршувањето на овие студии би требало да се стекнам со титулата магистер по нафтено инженерство, што претставува посебна сатисфакција во однос на моите професионални аспирации.


ПрашањеКаква е предноста на образованието во странска држава? Дали образованието што го стекнавте со постдипломските студии е апликативно и во нашата држава? Како ќе ја материјализирате оваа можност што Ви е дадена?

АС:Продолжување на образованието во странство значи многу повеќе од стекнување со диплома. Секојдневното соочување со предизвици и излегувањето од нашата комфорна зона, нè трансформира во личности со изострени вештини и способности, подготвени за изградба на успешна кариера. Со оглед на тоа што оваа програма е интернационална и вклучува инженери од различни профили, овозможува зголемување на перцепцијата за различни култури на глобално ниво, како и комбинирање на знаењата од повеќе инженерски аспекти, што сетам дека е од клучна важност за понатамошна реализација како нафтен инженер во некоја од гигантските нафтени компании, кои секако се интернационални.

Образованието стекнато во текот на овие студии може да најде примена во нашата држава, но простор за поширока примена има во оние држави каде што водечка индустрија е нафтената.


ПрашањеСтипендијата, школарината и трошоците за живот ви се овозможени од ОКТА и Хеленик Петролеум, дали сметате дека тоа е добра пракса и корпоративна политика?

АС:Сметам дека ваквата пракса е за секоја пофалба. Вложувањето во нови кадри, преку поддршка на образовниот процес е одлична корпоративна политика, која се надевам ќе продолжи и понатаму.