Интервју Атанасова: Лажните изјави во епидемиолошките анкети и непочитување на мерките ни се најголем проблем со КОВИД-19
Пандемијата со КОВИД-19 во Македонија и натаму не стивнува. Здравствените власти велат дека состојбата е под контрола и апелираат граѓаните да ги почитуваат сите мерки за физичка дистанца, хигиена и носење заштитна опрема. Бојана Атанасова која е поранешен шеф на кабинет на министерот за здравство Венко Филипче смета дека поради зголемениот скрининг и бројките на заболени е зголемен, па затоа се очекува овој период да заврши. Атанасова сега е во Шведска ангажирана како експерт за јавно здеавје. Токму оваа земја имаше уникатен пристап без карантин и забрана за движење, но и оваа стратегија од шведската комисија за заразни болести се преиспитува. За справувањето со кризата прочитајте го целото интервју со Атанасова.
* До неодамна бевте шеф на кабинет на министерот Венко Филипче. Сега сте повторно во Шведска. Како од оваа перспектива гледате на начинот на кој македонските здравствени власти се справуваат со пандемијата со КОВИД-19?
Атанасова: Имав голема чест и задоволство што бев дел од Кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче и во периодот додека ја вршев функцијата научив многу работи. Одлучив да се вратам во Шведска пред почетокот на новата година додека сѐ уште немаше никакви сознанија дека ќе се случи пандемија. Сметам дека македонските здравствени власти одлично се справуваат со пандемијата со КОВИД-19. Уште од првиот потврден случај на КОВИД-19 во Македонија сите преземени мерки од страна на здравствените власти беа навремени и на место. Кога бев дел од кабинетот на министерот Филипче имавме епидемија на морбили и во тој период соработувавме и имавме секојдневна комуникација со Комисијата за заразни болести. Во таа комисија членуваат стручни и искусни здравствени работници кои успешно се справија со епидемијата на морбили. Верувам дека така ќе биде случајот и со КОВИД-19.