ИНТЕРВЈУ-БРАЌА ТАВИТЈАН: Половина век ја одржуваме семејната музичка традиција

Добивај вести на Viber

Кога имав 3 години бев на летна турнеја со „Леб и Сол.“ По еден од концертите, кога тргнуваа сите од бендот кон хотелот, ме испуштија од комбе на кое беше отворена вратата. Тој белег и денес го носам како спомен од нив.

Иако се млади музичари, зад нив е багаж од над 300 концерти во изминативе 25 години. Дел како „Тавитјан брадрс трио“, дел како настапи со бенд и со оркестар, дел со нивниот татко, легендарниот тапанар и музичар Гарабет Тавитјан. На осми септември во 2012 година, Диран, Гаро јуниор и Гарабет Тавитјан одржаа концерт на преполниот скопски Градски стадион заедно со најголемите екс-југословенски поп и рок ѕвезди, пеејќи ги преработките на најпознатите македонски традиционални песни, во нивна продукција. Концертот во познатиот Карнеги Хол во Њујорк во 2014 година е само дел од нивните успеси, а тоа што растеле со приказната на „Леб и сол“, нивна гордост. За „Женски магазин“, Дики и Гаро раскажуваат и за нивната семејна традиција, како четврта генерација на Тавитјан кои се по потекло од Ерменија, а се родени во Македонија. Најактуелни се по соработката со хрватскиот актер со светска кариера, Раде Шербеџија.

Меѓу успесите на кои се радуваме се изданијата за светските продукции Мецо, Сони, Кроација рекордс, Сити рекордс, Алијанс рекордс, како и на фактот што сме присутни онлајн во над 150 интернационални магазини


Женски магазин- Што е најново од вашето студио, на кои проекти работите?

Тавитјан- Во нашето студио периодов владее креативна атмосфера. Се работи на неколку проекти, нови албуми, композиции, соработки, со еден збор нови материјали.


Женски магазин- Како дојде до соработка со Раде Шербеџија и како тој ја доживеа песната „Болен ми лежи?“

Тавитјан- Раде Шербеџија беше поканет од наша страна. Му го презентиравме проектот „Македонското срце чука во 7/8“, како и нашето портфолио со интернационални настапи, продукции, соработки и авторство, а на наше огромно задоволство и чест тој и неговиот менаџер ја прифатија соработката на што сме благодарни.

Тој е познат по неговиот суптилен и акустичен формат на изведба, па за оваа прилика се потрудивме да ја доловиме таа уметничка интимна атмосфера но во акустичен џез манир. Раде е светски познат уметник со врвни достигнувања во светската филмска индустрија и е член на академијата на Оскарите. Зад него е врвна филмска кариера со светските блокбастери како „Невозможна мисија“, „Снеч“, „Иксмен“, „Хари Потер“, „ЦСИ Мајами“, како и музичка кариера со огромен број на концерти и соработки со врвни уметници како Кемал Монтено, Мирослав Тадиќ, Влатко Стефановски и други.

Во нашето студио периодов владее креативна атмосфера. Се работи на неколку проекти, нови албуми, композиции, соработки


Тој има голема љубов и почит кон Македонија, одреден дел од животот го минал тука, така што на нашиот предлог за соработка тој ја избра песната со која ќе соработуваме. Целата оваа приказна дојде некако спонтано и природно, со еден збор - искрено. Александар Икономов ја изведува контрабас делницата, тој е инаку синот на Коце Икономов, дел од првите македонски состави „Безимени“ и „Бис Без“ кои се воедно и креатори на првата Македонска традиционална преработка воопшто (Со mаки сум се родил - 1969 година). Подоцна „Леб и Сол“ први ја однесоа Македонската традиционална песна како модерна продукција надвор од границите и направија вистински бренд од неа. По снимената песна направивме и видео запис кој деновиве го промовиравме а во режија и изработка на Александар Ристовски-Принц, голема благодарност до него.

Се разбира ние тука зборуваме за модерни продукции. Оригиналните песни и изведби од доајените како Сариевски, Манчевски, Бадев, Петровски, Илиева, Танец, секако и Даутовски, Петрески, Спасовска, Лазарова како и денешните многубројни автентични состави и изведувачи кои ја негуваат македонската музика се неприкосновени и ги почитуваме.

Женски магазин- Дали оваа преработка ќе се најде на албумот Македонското срце чука во 7/8, третиот дел?

Тавитјан- Се разбира.

Со Аки Рахимовски на концертот по повод Денот на независноста, на 8 септември во 2012 година на Градскиот стадион



Женски магазин- Дали веќе работите на тој материјал, и кои пејачи ќе гостуваат на третиот дел?

Тавитјан- Во подготовка сме и тој проект, се работи без форсирање, со селекција на учесници кои навистина значат и ја сакаат нашата земја а се врвни во тоа што го работат.

Женски магазин- По успехот на концертот во Карнеги Хол во Њујорк, која следна светска концертна сала ви е цел да ја освоите?

Тавитјан- Зад нас се над 300 концертни настапи низ изминативе 25 години. Сме настапувале во земјите на Европа, Америка, Балканот и во Македонија. Карнеги Хол беше еден од позначајните концертни настапи како и легендарниот џез клуб Блу ноут, Нублу, Сава центар, Цанкарјев дом, Лондон, Софиска и Љубљанска филхармонија, градскиот стадион во Скопје но тоа не е најважното, најважен е квалитетот на музиката што се презентира во тие прилики. Светските сали се убав бонус во таа приказна. Во иднина се надеваме на уште убави концертни локации во рамките на нашето време и можности.

Тавитјан одржаа успешен концерт во Карнеги хол во Њујорк во 2014 година


Женски магазин- Што е она што го сметате за ваш најголем успех во кариерата?

Тавитјан- На мислење сме дека допрва не очекуваат убави работи, но и од до сега сработеното сме задоволни. Најголем успех е за нас што го работиме тоа што го сакаме, во кругот на семејството и со квалитет зад кој можеме да застанеме во секое време. Успеавме да ја одржиме музичката традиција на нашето семејство повеќе од половина век. Не би сакале да звучи нескромно или погрешно разбрано, но не гледаме друг начин да се презентираат фактите. Меѓу успесите на кои се радуваме се изданијата за светските продукции Мецо, Сони, Кроација рекордс, Сити рекордс, Алијанс рекордс, како и на фактот што сме присутни онлајн во над 150 интернационални магазини. Тука е титулата Европски амбасадори на џезот која ни беше врачена од Ерменската влада кои досега ја добиле композиторот Пендерецки, Евегени Кисин, Ален Делон, Систем оф Даун итн. Работата со фјужн бендот Парамециум, првата полна Универзална сала со домашен џез во поновата историја, Карнеги Хол, Блу Ноут итн. Значајно ни е и неодамнешното највисоко признание за нашиот татко од Македонската држава - Св. Климент Охридски. Соработките со балканските легенди заедно со Гаро сениор. „Македонското срце“ е најтиражниот албум на нашиот пазар на последната деценија а е издаден на целиот Балкан. Неодамна легендарните Јосипа Лисац и Жељко Бебек ги ставија нашите продукции „Јовано Јованке“ и „Калино моме“ на своите цеде антологии за „Кроација рекордс“, Трибјут албумот за Мајкл Џексон за светскиот пазар… Благодарни сме му на Бога за се. Сега имаме чест со соработката со г-дин Шербеџија.

Женски магазин- Од кои земји носите најубави спомени и каде следно ќе патувате на настап?

Тавитјан- Би ја издвоиле Ерменија. Таа земја за нас беше посебно доживување. Отпатуваме прв пат таму по 30 години и од тогаш до денес таму имавме 5-6 големи концерти. Прекрасна модерна култура, обоена со руската културна нишка, посетивме древни локации, историски христијански храмови како и убаво гастрономско мени. Од друга страна, Њујорк како една спротивност, е центар на светските збиднувања, за нас претставуваше остварување на дамнешен сон, џунгла на сите раси и народи. Таму препознавате колку сте мал а колку е голем светот. Лондон, Париз, Италија, Португалија, Швајцарија се исто така локации од кои имаме убави спомени.

Женски магазин- Кои ви се најдрагите детски спомени од времето на групата Леб и сол, каде што тапанар беше вашиот татко, Гаро?

Диран - Кога имав 3 години бев на летна турнеја со „Леб и Сол.“ По еден од концертите, кога тргнуваа сите од бендот кон хотелот, ме испуштија од комбе на кое беше отворена вратата. Тој белег и денес го носам како спомен од нив. Многу убави спомени имам, сме патувале илјадници километри во камиони, комбиња, коли и авиони, со Ситна, Кљок, Џаро, Дукле, Брацо.

Гаро- Кога се реобедини „Леб и Сол“ во 2006 година за повратничката турнеја од 15 концерти на целиот Балкан, се сеќавам на моментот кога сите потомци на членовите на бендот бевме на едно место за време на пресот и на концертите. Ана и Јан на Влатко, Иван и Ирина на Бодан, Милан и Андреа на Кокан, како и јас со брат ми. Тоа беше многу емотивен момент за нас тогаш. Сите заедно после толку години сведоци на една убава музичка приказна.

Ние сме четврта генерација од Тавитјан граѓани на Македонија. Нашиот пра-пра дедо прв пристигнал во Македонија како доктор и тоа во 1900 година, а подоцна ги лекувал и партизаните за време на Втората светска војна.- Гаро и Дики во Ерменија


Женски магазин- Која е највредната работа на која ве научија вашиот татко и мајка?

Тавитјан- Да работиме и на се во животот да му приоѓаме со љубов и со посветеност.

Женски магазин- Дали повеќе беше предност или некогаш и пречка во вашата кариера што вашиот татко е познат музичар?


Тавитјан- Предности има. За пречките не би зборувале тука, нема да биде убаво.

Женски магазин- Корените на вашето семејство се по потекло од Ерменија. Научивте ли дел од тамошната традиција и кујна?

Тавитјан- Ние сме четврта генерација граѓани на Македонија. Нашиот пра-пра дедо прв пристигнал во Македонија како доктор и тоа во 1900 година од тогашниот Константинопол (Цариград) поради потребата од медицинска помош на тогашното население тука, а подоцна ги лекувал и партизаните за време на Втората светска војна. Доктор Гарабет беше познат и почитуван доктор во Скопје кој не правел разлика помеѓу луѓето и бил спремен да помогне секому. Тој е дел од историјата на овој град и е основач на лекарската комора. Нашиот дедо, татко и ние сме исто така родени во Скопје. Тетинот на нашиот татко Хагоп Џирџиријан е меѓу основачите на Македонската филхармонија. По добри 30 години за прв пат ја посетивме земјата на нашите корени и носиме убави впечатоци од таму, имаат прекрасна кујна, прават интересен традиционален леб (лаваш) со вода и брашно кој е надалеку познат, храната е прекрасна, посебен впечаток ни остави храмот Ечмијазин кој е меѓу најстарите христијански манастири во светот. Роднини таму за жал немаме. По геноцидот се губат трагите. Тоа е преубава култура и народ, но реално ние го живееме животот на Македонија, ова е наш дом, тука ни е се, ја сакаме оваа земја и ги претставуваме нејзините бои и интереси.

За Женски магазин, Милица Џаровска