Интервју со Диџеј Галоски: И баба ми може да пушта музика, но не може секој да биде добар

Добивај вести на Viber

Диџејството е лесно, искрено денеска со оваа технологија и баба ми може да научи да пушта музика, но не секој може да биде умешен во истото. Нешто слично на тоа дека сите знаеме да шутнеме фудбалска топка, но тоа не не прави да бидеме Кристијано Роналдо

Александар Галоски е младо момче од Тетово, кое дефинитивно се наоѓа во најпродуктивните денови од својот живот и веќе се вбројува како еден од најуспешните диџеи и продуценти од земјава.

Имено Диџеј Галоски како што гласи неговото уметничко име, неодамна потпиша договор со една од најголемите издавачки куќи за електронска музика во светот „Armada Music“, која е во сопственост на светската музичка икона Armin van Buuren. 

На 21-ви јуни, Галоски ќе биде домашна поддршка на Axwell /\ Ingrosso на претстојниот настан „Skopje Calling“ , а пред само неколку недели се врати од својата мини турнеја во Јапонија, со огромен успех. Таму тој успеа да го распродаде „V2 Tokyо“, како еден од најпознатите и најпопуларни ноќни клубови во Токио, каде што како дел од листата на артисти кои настапуваат и гости може да сретнете имиња како Justin Bieber, One Direction, Neymar, Dr Dre, The Chainsmokers, The Black Eyed Peas, Florida и Ne-Yo.

Своето воодушевување од кулурата и архитектурата во Јапонија, како и од останатите настапи, ни го пренесува преку овие ексклузивни фотки, во интервјуто за Женски Магазин.

* Кој е Александар Галоски во една реченица?

- Диџеј, продуцент, артист.

* Како и кога започна Вашата љубов кон музиката?

- Се заљубив во електронската музика во 2004-та кога добив подарок DVD со „Tiësto in Concert”, а уште пред тоа од мали нозе бев колекционер на разновидна музика. Приказната со диџејството започна истиот ден кога го изгледав концертот на Тиесто, толку инспириран и со искрена детска желба да станам и јас диџеј, да настапувам на големи настани како Тиесто.  Почнав со диџејство кога имав 14 години, а почнав да учам и работам продукција на 16 години.

* Колку е тешко да се биде диџеј во Македонија?

Да се биде диџеј во Македонија моментално не е тешко, доколку си креативен и на некој начин оригинален, се зависи од тоа колкави амбиции имаш.

* Кој се наоѓа на Вашата листа на идоли?

-Axwell, Тиесто, Дејвид Гета и Дипло.

* Како стигнавте до големата диџејска куќа на ѕвездата Армин Ван Бурен?

- Имаше еден цитат „Don't expect a seat if you bring nothing to the table.” ( Не очекувај место, ако не донесеш ништо на масата) , така и со големите издавачки куќи и светски познатите диџеи, за да бидеш дел од нивниот круг мора да имаш квалитетна музика за да добиеш простор и внимание од нив.

* Неодамна имавте огромна турнеја низ светот, Јапонија, Шпанија, Австрија, Словенија... Како се случи сето тоа, кој град Ви остави најголем впечаток, а каде не би сакале никогаш повеќе да се вратите?

Многу сум среќен што за помалку од еден месец успеав да прошетам од едниот крај на Азија до другиот крај на Европа.  Турнејата беше промотивна и најава за моето издание кое следува наскоро на „Armada Music“, издавачката куќа на Armin van Buuren.  Од сите места кој ги посетивме дефинитивно се заљубив во Јапонија и нивната култура, сите тие градби кои не може да ги видиме низ Европа. Исто така се заљубив во мирот и убавината на стариот и добро зачуван град Santiago De Compostela, едно од најпознатите места во Шпанија по многубројните катедрали и цркви. Инаку до сега не сум бил на место што не би сакал да го посетам пак, се надевам нема и во иднина да има такво.

* Која е Вашата споредба во поглед на диџејството за Македонија и светот?

- Според мене нема голема разлика од Македонија до светот,  диџејството како култура очекувам да оди ниво погоре во следниов период. Но сепак, самиот тој маркет во северно-западните земји е многу поголем и поразвиен што ги прави чекор понапред од нас. Амбициите на секој поединец се многу важни во градење на целава оваа сцена.

* Денеска, речиси секој втор пробува да биде диџеј, дали е тоа лесно, дали мислите дека Македонија има таленти?

- Диџејството е лесно, искрено денеска со оваа технологија и баба ми може да научи да пушта музика, но не секој може да биде умешен во истото. Нешто слично на тоа дека сите знаеме да шутнеме фудбалска топка, но тоа не не прави да бидеме Кристијано Роналдо.

* Кое е Вашето место од соништата за пуштање музика?
„Ultra MusicFestival“ или „Tomorrowland“ се сега за сега неисполнети желби, се надевам ќе бидат за брзо.

* Што ја очекува македонската публика, за настапот со Axwell /\ Ingrosso на 21-ви јуни на „Skopje Calling“?
- Очекувајте го неочекуваното, искрено во сите погледи, настапите на Axwell /\ Ingrosso се поразлични од сите останати диџеи.  Мене посебна чест и задоволство ми е што имам можност и прилика да настапам и бидам официјална поддршка на моите идоли. Задачата е голема, но јас сум подготвен повеќе од кога и да било.

* Дали светските ѕвезди со кои честопати ја делите сцената, знаат за Македонија како земја или Ви се случило да немаат појма од каде доаѓате?

- Поголемиот дел од нив имаат слушнато за Македонија, македонската публика кај диџеите е позната како енергична и забавна, секој што настапувал барем еднаш тука, останал со желба за настап повторно.

* Која е тајната на успехот?
Напорна работа, дисциплина и посветеност.

* Која е вашата омилена мисла?
- На Walt Disney, „If you can dream it, you can do it” ( Ако го сонуваш, може и да го постигнеш тоа).

* Каде и како се гледаш за 10 години?

- Со истава работа многу нивоа погоре од сега. Бунтовно и креативно во сите погледи. 



Даница Караташова