ИНТЕРВЈУ ДРАГАНА ЛЕВЕНСКА: Верував во себе и кога вратите ми беа затворени

Добивај вести на Viber

Пред да запишам актерска игра студирав книжевност. Глумата не беше само сон, туку и моја голема љубов. Верував дека еден ден коцките ќе ги имам јас во раце. Бев трпелива и упорна, вели популарната актерка која во МНТ игра во претставите „Тероризам“, „Животот е прекрасен“ и „Авантурите на Аладин“

Има солидна колекција плочи наследена од нејзиниот дедо. Освен со добра музика, се опушта со книга или со пешачење. Сè повеќе и недостасуваат родителите кои веќе четири години живеат во Малта. Драгана Левенска е една од најангажираните актерки на својата генерација. Во нејзината матична куќа, Македонскиот народен театар, може да ја видите во претставите „Тероризам“, „Животот е прекрасен“ и „Авантурите на Аладин“. Моментно се подготвува за улогата во играно-документарниот филм „Меморија“ во режија на Василка Аврамовска, во кој на еден психоделичен начин се раскажува за скршените моменти, мисли и сеќавања кои го сочинуваат човечкиот живот. Игра и во филмот The Tempted кој лани се снимаше во продукција на „Лондон Филм Скул“, а кој месецов конкурира на повеќе светски фестивали.

Нејзината прва професионална улога во „Генетика на кучињата“


Женски Магазин * Во годината кога матурираше, на Академијата за драмски уметности не примаа актери и одлучи да се запишеш на Филолошкиот факултет. Дали во тој период, пред еден таков животен крстопат, веруваше дека коцките ќе се наредат, дека сепак ќе го работиш она за што отсекогаш си сонувала?

Драгана- Пред да запишам актерска игра студирав книжевност. Актерството не беше само сон, туку и моја голема љубов. Да, верував дека еден ден коцките ќе ги имам јас во раце. Треба само да се верува во себе, да се биде трпелив, упорен и кога некогаш ќе бидат некои врати затворени да веруваме, да работиме на себе и да не се откажуваме.

Женски Магазин* Која твоја улога ја сметаш за најкомплексна, но и за најуверлива од оние што досега си ги одиграла?

Драгана- Дефинитивно тоа е Медеа од „Жени од подземјето“, еден мој многу драг проект. Би ја издвоила и Мејбл од „Вејка на ветрот“.

Особено ѝ е драга улогата на собарката Мејбл во „Вејка на ветрот“


Женски Магазин* Твоите родители живеат во Малта. Која беше причината за нивното заминување и колку често се гледате?

Драгана- Моите родители веќе четири години живеат во Малта и секое лето го користам одморот за да одам да ги посетам. Не се гледаме многу често, но како поминува времето сè повеќе ми недостасуваат. Сепак, кога ќе видам дека се добри и задоволни тоа ми дава спокој и ме прави среќна. Тие се моите херои, моето сè.

Во претставата „Авантурите на Аладин“ која е на редовен репертоар во МНТ


Женски Магазин* Како се релаксираш кога завесата ќе се спушти? Кои ти се омилени места за излегување?

Драгана- Да бидам искрена не сум многу ноќна птица, повеќе сакам да шетам во текот на денот. Знам да седнам на кафе и добра храна со моите другарки во моите омилени места на плоштад или во Дебар Маало. Покрај добра музика, книга и пешачење, едноставно сè почесто ме опушта дружбата со моите блиски кои се малкумина, но за мене се доволни и многу значајни.

На снимањето на филмот The Temted


Женски Магазин* Плочите повторно доживуваат подем, а ти имаш наследено солидна колекција. Каква музика те опушта, која плоча најмногу се врти на твојот грамофон?

Драгана- Во разни периоди, различна музика ме опушта. Сè зависи од расположението и се разбира од гостите. Лани зимата се дружев со Чет Бејкер и сум си лута на себе што таа плоча ја изгубив. Оваа зима свиреше Френк Синатра, а моментално го слушам Елвис Присли. Нестрпливо очекувам другарка ми да ги донесе нарачаните плочи од Лондон на Нина Симон и Ета Џејмс и оние по нејзин избор (се смее). Многу често знам да слушам и македонски евергрини. Тоа се плочите од мојот дедо.

Сакам партнерот да ја почитува мојата професија, вели Левенска


Женски Магазин* Современите жени сè повеќе претпочитаат да живеат сами. Дали кај жените кои се медиумски експонирани и популарни, партнерите најчесто имаат комплекси на пониска вредност?

Драгана- Не би можела никого да потценам. Не мислам дека имаат комплекси на пониска вредност, далеку од тоа. Секој од нас има свој вкус и не сакаме сите исти работи. Факт е дека не секој сака партнер што е медиумски експониран и популарен и тоа е сосема коректно и е право на избор. Во едно интервју кажав дека сакам партнерот да ја почитува мојата професија затоа што со самото тоа ме почитува и мене.

Женски Магазин* Ако љубовта е духовна храна дали ја пронајде вистинската личност за „појадок“?

Драгана- Хммм. (се смее). Времето ќе каже.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов