ИНТЕРВЈУ ДУКЕ БОЈАЏИЕВ: Среќата е личен избор, а не нешто дадено од Бога
Мојот татко Тодор Бојаџиев имаше огромно влијание во мојот музички развој. Многу негови дела сè уште живеат и се пеат, но едно од, за мене подрагите, е композицијата „Празно е без оваа љубов“ во вокална изведба на Верица Ристевска и аранжман на Драган Ѓаконовски-Шпато. Звучи како хибрид од филмска и шлагерска музика од тоа време, открива популарниот музичар со интернационална кариера
Дуке Бојаџиев е еден од најистакнатите македонски композитори кој музицира на интернационалната сцена. Популарниот пијанист и автор дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје, а потоа и на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Има соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Данис Танович, а неговата музика е користена во светски кампањи на брендови како „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“. Поводот за овој разговор се неговите два целовечерни концерти закажани на 11 и 12 мај во новиот објект на Македонска Филхармонија.
- Репертоарот ќе биде составен од нумери од моето албумско издание на „Сон-Верба-Љубов“, дел од моето филмско творештво, а сето тоа проследено со поезија. Како специјален вокален гостин овојпат ќе биде Тијана Дапчевиќ, на мое големо задоволство, бидејќи токму со неа ги почнав првите чекори во професионалните музички води и заедно ги освојувавме првите награди по фестивали низ 90-те. Друг гостин со кој за првпат ќе настапам е актерката Наташа Петровиќ со која ќе ја отпееме композицијата „Сон“ и ќе рецитира поезија. На сцената крај мене ќе бидат и моите долгогодишни соработници, виртуозни музичари кои беа редовни гости на минатите концерти, Исмаил Лумановски на кларинет кој живее Њујорк, Мартин Ѓаконовски на контрабас доаѓа од Келн и Костас Анастасиадис на тапани од Солун. Стринг квартетот со кој исто така работам веќе подолги години е составен од музичари од Македонската Филхармонија, Владимир Крстев прва виолина, Маја Ефремова-Шеќерова втора виолина, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело – информира Бојаџиев.
Бојаџиев со легендарниот музичар, оскаровецот Дејвид Брн во 2002 година
Женски Магазин* Не сте носталгичен, но му се радувате на секое доаѓање во татковината. Што го прави Скопје поубав од Њујорк?
Дуке - Искрено, нема споредба. Скопје е мојот дом во кој пораснав и секогаш ќе го доживувам со посебна емоција. Њујорк е светска метропола, раскрсница на сите култури и цивилизации на планетава, во која созреав во она што сум денес. Двата града имаат посебно место во моето срце, на различен начин. Во едниот пораснав, а во другиот се осознав.
Женски Магазин* Сте свиреле на различни простори, од античките театри во Битола и во Охрид до „Карнеги хол“ во Њујорк. Која сцена е највозбудлива за Вас?
Дуке- За мене нема највозбудлива сцена. Секој настап е еднакво возбудлив, без разлика дали сум во „Карнеги Хол“ или во Хераклеа. Магијата е таа, независно од локацијата, туку зависи најмногу од музиката и креативноста на музичарите со кои настапувам. Секој концерт го подготвувам со еднакво внимание и посветеност.
Женски Магазин* Вашиот репертоар е спој на филмска, класична и изворна музика во која силно се чувствува ова поднебје, духот на македонската традиција. Кога странците првпат ги соочувате со нашиот традиционален звук, што прво Ве прашуваат, што најмногу ги фасцинира?
Дуке- Звучи егзотично, тоа е најчестиот збор што го слушам, особено ако пред тоа не слушнале наш мелос. Кога пак сето тоа ќе го ставам во некое за нив по познато аранжманско и хармонско пакување, како на пример во филмската музика, нашиот мелос ги допира уште повеќе.
По концертот во „Карнеги хол“ во 2011 година во друштво на холивудската актерка Хедер Грем и шкотската пејачка Анџела Мекласки
Женски Магазин* Имате соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, но и со легендарната Синди Лопер. Какви се големите ѕвезди зад камерите? Веројатно сте имале можност некои од нив подобро да ги запознаете.
Дуке- Повеќето се најнормални луѓе. Медиумската популарност често е и проблем, бидејќи доаѓа во пакет со уметничката професија. Таа колку што помага често и одмага, односно оневозможува нормален јавен живот. Со Синди Лопер се имам среќавав и дружев во домашна атмосфера кај пријатели, со Џонатан Деми поминав цел ден во моето студио кога бевме во завршна фаза на неговиот филм, со Орнет Колман исто така на домашни вечери и кај него дома на гости. Сите тие се нормални луѓе кога се во нормална атмосфера.
Женски Магазин* Вашата музика ги брише не само временските, туку и просторните граници. Сте размислувале ли некогаш да се вратите во Македонија или можеби да се преселите на некое друго место?
Дуке- Не сум размислувал на таа тема. После 17 години живеење во Њујорк во заедница со сите култури и цивилизации, се чувствувам како да сум живеел насекаде низ планетава. Дотука ме донесоа моите соништа и секогаш тие ми биле индикатор каде ќе живеам, а за сега во Њујорк се чувствувам нај дома и нај креативно.
Дуке со својот татко, докажаниот музички автор Тодор Бојаџиев во 1975 година
Женски Магазин* Како и Вашиот татко, дипломиравте на Медицинскиот факултет, но за разлика од него ја одбравте музиката како професија. Ви замери ли некогаш за оваа одлука?
Дуке- Мојот татко Тодор Бојаџиев имаше огромно влијание во мојот музички развој. Сè што реализирав во мојот живот досега беше наедно и реализација на неговите соништа и желби. Не само што не ми замери, туку секогаш беше пресреќен и импресиониран до крајот на животот од сите мои креативни амбиции. Од него и од целата фамилија имав најголема поддршка кога најмногу ми требаше.
Женски Магазин* Вашиот татко, исто така докажан музички автор, остави значаен белег на домашната поп-сцена. Кое негово дело за Вас претставува особена емоција и тежина?
Дуке- Многу негови дела сè уште живеат и се пеат, но едно од за мене подрагите е композицијата „Празно е без оваа љубов“ напишана во почетокот на 70-те години од минатиот век, во вокална изведба на Верица Ристевска и аранжман на Драган Ѓаконовски-Шпато. Звучи како хибрид од филмска и шлагерска музика од тоа време.
„Тео покажува музички амбиции, има одличен слух, пее, но не знам каде ќе го носи патот понатаму“
Женски Магазин* Дали Вашиот син покажува афинитети кон музиката? Какво дете е Тео?
Дуке- Покажува музички амбиции, има одличен слух, пее, но не знам каде ќе го носи патот понатаму. Јас секако го следам и помагам неговиот духовен развој, но сакам да расте без мои сугестии што да прави со себе. Како и на сите нас, само ќе му се каже кога ќе дојде време. Јас само се трудам да му дадам добар пример како човек и татко.
Женски Магазин* Има една изрека „Не е важно колку е голема куќата, туку колку е среќен домот“. Што е среќа за семејството Бојаџиеви? На кои моменти најмногу им се радувате со сопругата?
Дуке- Мислам дека среќата треба да ја бараме во самите себе, а не во околината. Во секој момент човек има многу причини да е среќен, како и многу причини да е несреќен. На кои од нив ќе се фокусира е негов избор, од кои зависи и како ќе се чувствува. Добар е примерот со чашата која е до половина полна. Еден човек ја гледа како полу-полна и се радува, а друг како полу-празна и тагува. Среќата е личен избор, а не нешто дадено од Бога.
Ѓорге Стојанов