ИНТЕРВЈУ ЏАМБАЗОВСКА: Здравственото осигурување на „Кроација“ покрива лекување во која било домашна болница, но и приватни клиники од Европа

Добивај вести на Viber

Кризата во економијата има последици и врз осигурувањето, но осигурителниот сектор во земјава останува стабилен. Христина Џамбазовска Анастасов, Директор на Сектор за управување со деловни процеси во „Кроација Осигурување - Неживот“ во разговор за Фактор вели дека нивната компанија успеала во време на криза да отвори и нови работни места. Очекува понатамошен раст на осигурувањето, иако во овие услови 60 отсто од клиентите ја прифатиле понудата што ја дала компанијата за одложено плаќање на осигурителните рати. Кроација осигурување го лансираше Доброволното приватно здравствено осигурување, а Џамбазовска вели дека е производ кој покрива осигирување во сите приватни клиники во земјава, но и во која било клиника во Европа, а се покриваат и малигни заболувања. Во производите на Кроација има покритие и за тестирање на коронавирус


Македонија чувствува последици од здравствената криза и на економски план. Осигурителниот пазар е стабилен, но со оглед на негативните изгледи за економскиот раст, кои се вашите очекувања? Ќе има ли раст на осигурувањето?Како ќе влијае кризата на овој финансиски сегмент? Ќе има ли забавување на стапките на раст?

Џамбазовска Анастасов: Кризата која ја затекна целата економија секако ќе има последици и на осигурителната индустрија како дел од финансискиот пазар во Македонија. Намалената активност на секојдневните бизнис-процеси која резултираше со намалени капацитети на компаниите, како и со зголемување на  процентот на невработеност во државата, секако очекуваме дека ќе влијае и на растот на осигурувањето. Но, сепак, од друга стана пак, осигурителниот сектор засега е ликвиден и стабилен, а нашите  очекувања, во рамките на анализите кои ги правиме во Компанијата, се одржување на премијата за осигурување на ниво на годишните планови, односно адекватен раст. Основа за ваквиот оптимизам е фактот дека во 2020 година, и покрај вонредната состојба изминатиов период,  „Кроациа Осигурување“ бележи  раст на премијата и добивката во однос на минатата година, без ревидирање на условите кон нашите интермедијари, туку само врз основа на поставување на квалитетна нова основа за раст и развој во Компанијата на клиентски ориентиран пристап и новините кои ги воведовме во изминативе 6 месеци. Ќе напоменам дека клучна улога имаше реорганизацијата во Компанијата, како и сертификацијата по ИСО-стандард за квалитет, која ја заокруживме минатиот месец, а со која Компанијата станува висококвалификувана за работа по стандарди за квалитет, и во односот со осигурениците, но и во процесите на решавање на штети. На кратко, растот e квалитативен, со намалени аквизициски и административни трошоци, што и беше наша цел.

Фактот дека пред крајот на минатата година го зајакнавме и капиталот на Компанијата за 74 милиони денари е солиден показател за плановите на брендот „Кроациа“ во осигурителниот сегмет. Докапитализацијата беше во вистинско време и секако ќе ни овозможи дополнително стабилно работење, вложување во развој на Друштвото, како обезбедување на сигурност и заштита на сите наши клиенти, бидејќи тоа сега е потребно повеќе од кога било.

Објавивте дека барате нови луѓе, односно вработувате. Какви се показателите од работењето и зошто се одлучивте за ширење на Компанијата со раст на бројот на вработени?

Џамбазовска Анастасов: Стратешка цел на „Кроациа Осигурување“ е грижа и сигурност за вработените, но и развој, вложување и едукација на нов потенцијален кадар кој во иднина би ја водел компанијата. Со оглед дека во овој период голем дел од граѓаните останаа без работа, дел од фамилиите без приходи, одлучивме во период на пандемија да отвориме 10 нови работни места, не само во Скопје туку и регионално во другите градови. Од една страна ќе помогнеме финансиски на 10 фамилии, а од друга страна во овој период ќе се посветиме на едукација и вклопување во работните процеси. Морам да потенцирам дека интересот и пријавувањето на огласите беше голем, но и дека веќе во Компанијата имаме 5 нови колеги кои се во процес на работна интеграција. Свесни сме дека највредниот капитал во една компанија се луѓето и токму поради тоа постојано инвестираме во нив.

Овој период активно сме насочени на дигитална трансформација на процесите и услугите, но клучна улога во тој процес се повторно нашите вработени и токму поради тоа одлучивме да ја прошириме Компанијата со нова енергија и нови луѓе.


Од аспект на пандемијата, ни во западните земји, како и впрочем секаде, нема осигурителен продукт кој покрива лекување од Ковид-19. Зошто е тоа така?

Џамбазовска Анастасов: На глобално ниво сите држави се соочуваат со многу голем предизвик во борбата со оваа пандемија, чиј исход во голема мера го засега јавниот интерес и здравјето на сите граѓани. Во една ваква ситуација, сите ресурси на државата мора да се стават во функција на процесите кои ќе ги контролираат тестирањето, изолациите и сите активни случаи, со цел целосна контрола врз состојбата. Поради овој факт, државата не може да си дозволи лицата да бидат оставени сами на себе во случај да заболат од Ковид-19 и истите да се лекуваат во приватни здравствени установи. Сепак, ние како компанија која е фокусирана кон промени и задоволување на потребите на нашите клиенти, решивме во рамките на сите индивидуални и семејни пакети да покриеме тестирање од Ковид-19 во болниците и лабораториите со кои имаме договор. Во рамките на лимитите договорени на полисата, сите осигуреници кои веќе имаат склучено индивидуално или семејно, како и сите оние кои ќе склучат, ќе можат со најава преку нашиот Контакт центар да закажат тестирање. На нашите осигуреници им стојат на располагање сите тестови, зависно од нивните потреби. Се надеваме дека со оваа одлука ќе придонесеме кон подобра заштита на здравјето на нашите осигуреници.

Во време на криза, банките понудија одложено плаќање на ратите на кредитите, кои олеснувања ги нудите вие?

Џамбазовска Анастасов:Како одговорна компанија која се грижи за своите клиенти понудивме одложено плаќање од 3 месеци за сите типови на осигурување. Клучно беше нашите клиенти да немаат грижа дали се осигурани во овој период и затоа одобривме одложување на обврските. Понудената опција ја прифатија околу 60 отсто од новите клиенти, што сметаме дека е висок процент. Секако, оваа олеснителна опција на одложено плаќање не е оптоварена со дополнителни камати или трошоци бидејќи цел беше да овозможиме олеснување на финансиските буџети на граѓаните.

Започнавте со продажба на Доброволно приватно здравствено осигурување. Зошто сегаКои се вашите очекувања?

Џамбазовска Анастасов: Во последните 5 години пазарот на осигурување за доброволно приватно здравствено осигурување бележи енормен раст. Само за споредба, во 2015-та година премијата за овој вид на осигурување на целиот пазар изнесуваше 103.561€, додека пак изминатата 2019-та премијата достигна висина од 3.071.301€. Порастот на премија се должи, пред сè, поради поголемата потреба за користење на услуги од приватно здравство и развојот на мрежа на приватни здравствени установи во рамките на нашата држава. Потребата на клиентите го движи пазарот многу побрзо од очекуваното, бидејќи тие често се изложени на многу високи трошоци кога користат услуги во приватните здравствени установи.Она што за нас во овој момент претставува одлична можност е нивото на свест за овој вид на осигурување бидејќи самите клиенти во голем дел имаат познавање за услугите кои се нудат на пазарот.

Целото интервју со Христина Џамбазовска Анастасов, Директор на Сектор за управување со деловни процеси прочитајте го на Фактор.мк