ИНТЕРВЈУ ГЕНОВЕВА КАЧУРКОВА: Почнав да сликам за да си помогнам
Имав тежок период во животот во кој немав многу можност да се изразувам музички. Освен тоа, сакам да учам нови работи, па кога ќе одлучам да пробам дури и некое ново хоби, пристапот ми е многу студиозен, објаснува македонската пејачка и уметница која во јуни ќе ја има својата прва самостојна изложба во МКЦ
Најголемата популарност ја имаше во тинејџерските години со женското трио „ПС“. Остана во музичките води. Соработува со артисти и продуценти од различни континенти, но се чини дека женскиот камерен хор Св. Злата Мегленска е нејзината комфорна зона. Амбициозноста да се изразува себе си во различни области на уметноста пред неколку години и отвори нови хоризонти. Македонската пејачка и уметница Геновева Качуркова следниот месец ќе ја има својата прва самостојна изложба.
- Ќе бидат претставени триесетина мали формати, ретроспектива на моето творење во изминативе неколку години. Изложбата ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар, кое е меѓу моите најомилени места во градот. Оние кои се заинтересирани, во меѓувреме можат да го посетат мојот инстраграм профил (https://www.instagram.com/genovevak/), порачува Качуркова која освен со убав муабет, нè почести и со нова фотосесија потпишана од Даниел Артевски.
Женски Магазин* Кога сфативте дека имате талент за сликање? Кога и како почна сè?
Геновева- Искрено воопшто не планирав да станам сликар. Имав некој тежок период во животот во кој немав многу можност да се изразувам музички и почнав да сликам само за да си помогнам на себе. И веднаш го приметив тој лековит ефект од самиот процес на создавање некое ликовно дело. И јас сум тип на човек што многу сака да учи нови работи, па кога ќе одлучам да пробам дури и некое ново хоби, пристапот ми е многу студиозен и сакам да навлезам што подлабоко во таа област. Сликам само неколку години. Мислам дека ја продадов првата слика само една година откако почнав да сликам, што е за кој било уметник огромна среќа и валидација. Талентот оди само во комбинација со напорна работа. Има многу луѓе кои се преталентирани, но не прават ништо.
Женски Магазин* Имав прилика да погледнам дел од Вашите уметнички дела и ќе се согласам дека асоцираат на замрзнати парчиња музика преведени во боја, како што и беа доловени во една рецензија посветена на Вашето творештво. Што подготвивте овојпат?
Геновева- Многу ми се допадна таа рецензија, бидејќи јас лично не можам да ја видам таа поврзаност помеѓу музиката и сликарството. Тешко е да се оддалечам и да искоментирам, бидејќи сè тоа е дел од мене и мојата внатрешност.
Женски Магазин* Создавате електронска музика, многу често тоа е комбинација на џез со техно и хаус елементи, издавате за реномирани куќи и Вашето име се најде на неколку престижни компилации. Може ли за пошироката јавност да издвоите дел од Вашите успеси на интернационалниот пазар?
Геновева- Имам доста среќа со музичките изданија, бидејќи немам многу време и буквално само фрлам вокали по моите другари продуценти, без никакви очекувања. Минатава година бев гостин на трака која се издаде за издавачката куќа на Sven Vath, Cocoon Records. Исто така, како гостин на новиот албум на Carlos Nilmmns за доста познатата куќа Trax Records од Чикаго. И нормално подготвувам уште неколку нови изданија, но не по секоја цена, само кога има течение.
Женски Магазин* Странските медиуми Ве претставуваат како уметница од Скопје која уште од рана возраст негува специфичен вокален стил благодарение на камерниот хор во кој со години сте активна.
Геновева- Член сум на женскиот камерен хор Св. Злата Мегленска каде пееме духовна, световна и фолклорна музика. Сега ги започнавме подготовките за две претстојни турнеи во Италија и во Шпанија во јули. И на двете патувања настапите ќе бидат од натпреварувачки карактер. Бидејќи сум многу години член во хорот, девојките и диригентката ми се како фамилија и тоа го сметам за големо лично богатство. Хорот сам по себе има огромни интернационални успеси и навистина е привилегија да бидеш дел од таа екипа на таленти.
Женски Магазин* Пред речиси две децении со Вашата сестра Анета Качуркова и со Јулија која сега е професорка и придружен вокал на Калиопи делевте автограми и полневте дискотеки. Какви спомени Ви будат тие убави времиња на македонската поп-сцена? Што најмногу Ви недостасува од времето кога уживавте популарност со „ПС“?
Геновева- За мене беше тоа големо и силно искуство, со оглед на тоа дека тогаш имав само 14 години. Памтам дека секој ден имавме ангажмани, интервјуа, одевме на турнеи, позајмувавме гласови за реклами и радиски џинглови и плус одев на училиште. Ми недостига тригласното пеење со Анета и Јулија секогаш, ми недостигаат уметници од тоа време, како Ерзана на пример.
Женски Магазин* Можно ли е во блиска иднина групата да се реобедини?
Геновева-- Ние три се сакаме и се поддржуваме во нашите соло-проекти и после толку време. Сè е можно.
Женски Магазин* Кога се повлече од медиумите, на Вашата сестра ѝ се случија големи животни промени за кои дури подоцна јавно проговори. Што се случуваше со Вас во меѓувреме? Дали имате редовен работен ангажман, кои се Вашите професионални амбиции, каков е Вашиот љубовен статус?
Геновева-- Нормален секојдневен и мирен живот. Моментално работам во моето студио, имам сликарски дел и дел за снимање музика. Работам и како придружен вокал за македонски и албански пазар. Имам амбиции секако да продолжам да се изразувам себе си во различни области на уметноста, но само кога вистински ќе почувствувам дека имам што да кажам. За мојот приватен живот не сакам да зборувам јавно, бидејќи и не се сметам себе си за јавна личност.
Ѓорге Стојанов