Интервју Исидора Бјелица: Стилот на облекување е нашето огледало пред јавноста
Исидора Бјелица, српска писателка, ТВ водителка и моден диктатор. Таа важи за една од најелегантните, модерни, софистицирани, дами со стил. Нејзиниот стајлинг не може да се замисли без нејзиниот заштитен знак, односно нејзините шешири, а нејзиниот лик не може да се замисли без нејзината позитивна енергија и позитивен дух.
Жена – борец, жена – професионалец, жена – дама. Дали дамата се раѓа или се гради, дали треба да носите брендирана облека, како да се изборите во најтешките моменти, што ја инспирира да пишува, на овие и други теми поразговаравме со жената – хероина.
Женски Магазин - Вие важите за интелигентна, храбра, паметна, позитивна личност, дама со стил. Како би го опишале вашиот стил, што е она што најмногу ве дефинира како дама?
Исидора - Ви благодарам. За мене прашањето за стилот е прашање на животот. Јас сакам елегантен данди стил. Мои идоли отсекогаш беа жените кои се вистински дами како што се Одри Хепберн, Џеки Кенеди која се дружеше со мојата мајка. Принцезата Дијана која имав прилика лично да ја запознаам. Откако го открив гардероберот на мојата баба и прабаба кои таму ги чуваа нивните предвоени шешири одлучив засекогаш да ги носам…како што вели Шанел Коко мислите на жената треба да се совпаѓаат со нејзината гардероба. И прашањето на стилот е прашање на префинетоста, елеганцијата и естетиката која ја зголемува вибрацијата.
Женски Магазин - Мислите ли дека дамата се раѓа или се гради?
Исидора - Мислам дека се раѓа, но мора перманентно да работи на себе за да се одржува. Надворешната елеганција мора да биде проследена со висока свест и добра душа инаку се е напразно. Начинот на кој се облекуваме е наша порака за тоа како размислуваме, што сакаме, тоа е прв знак за препознавање.
Женски Магазин - Покрај отменоста, стилот, најмногу сте познати по шеширите. Што е тоа што најмногу ви е привлчено кај овој моден додаток без кој не може да се замисли вашиот стајлинг?
Исидора - „Шеширите се машина за фантазирање“ изјавил Салвадор Дали. Тие внесуваат неверојатна радост во животот, ја естетизираат реалноста. Јас сум заљубена во шеширите, ги правам и старите ги поправам. Едноставно, елеганцијата е потполна со шеширите, се радувам што преку Кејт Мидлтон шеширите се вратија во мода и кај младите девојки.
Женски Магазин - Шешири сигурно имате, што друго може да се најде во вашиот гардеробер?
Исидора - Отсекогаш ја сакам модата и имам одредени фетиши, лепеза од шпанска чипка, сакам бисери и мислим дека чевлите на Салваторе Ферагамо се најдобри и како што опишав во романот „Мојот дедо Луј Витон“, мислам дека Витон ташните се најдобри.
Женски Магазин - Доколку треба да седите дома и немате обврски, како се облекувате, некое лежеренo издание или сакате да бидете средени и во домашна атмосфера?
Исидора - Кога сум дома сакам да ги носам „кафтаните“ кои ги купив во Мароко и Египет. Тие се прекрасно естетички, а опуштени. Никогаш не носам тренерки и слични работи. Кога не сум во кафтаните, тогаш сум во свилена облека за спиење и пењоар, затоа што моето работно место е во кревет- таму пишувам (се смее).
Женски
Магазин - Кои креации сметате дека се најдобри?
Исидора -Кога станува збор за облеката, мојата италијанска пријателка ми го откри брендот Луиса Спањоли и оттогаш сум верна на овој бренд. Ја обожавам Луиса, затоа што е елегантна како Шанел.
Женски Магазин -Според Вас, од јавните личности (освен Вие) кој друг најдобро се облекува?
Исидора -Голем број од јавните личности имаат нота на сценски гламур, а јас тоа не го сакам. Јас сакам софистицирана елеганција. Искрено, личност која најмногу ме импонира со својот стил е од Македонија, вашата успешна бизнис жена Јана Марин, таа ја има елеганцијата како Грејс Кели, тоа е она што најмногу го сакам.
Женски Магазин - Што мислите дали облеката треба да биде брендирана и скапа за една жена да изгледа убаво?
Исидора -Мислам дека нема потреба да фрлате пари на парчиња бидејќи денес е многу тешко да видите разлика меѓу Зара и Гучи фустаните. А кога се во прашање обувките и чевлите мислам дека тогаш брендот има смисла бидејќи трае затоа што тоа е инвестиција. Пред сѐ, јас собирав пари од книгите за добра ташна и обувки и тоа ви е како да вложувате во злато. Подобро е да купите една добра ташна посебно на овие брендови кои никогаш немаат распоред Хермес Витон Шанел и Диор, за кои пишував во својот роман „Мирисот на небото“, кој се случува во Ница во продавницата Шанел и модната антикварница на мојата пријателка.
Женски Магазин - Некако во последно време се повеќе е сведено на вештачкото, премногу шминка, вештачки додатоци, пластични операции. Што мислите вие за тоа?
Исидора - Тоа не е мојата шолја чај, тоа е за бизнисот на старлетите.
Женски Магазин - Што и треба на една жена да биде среќна?
Исидора - Пред сѐ, треба да изгледа автентично, да работи и живее онака како се чувствува. Автентичноста е тајната на среќата, а не другите да ни диктираат што да правиме и како да изгледаме.
Женски Магазин - Важите и за една од најуспешните писателки, што ве инспирира да пишувате?
Исидора - Патувања, духовност, мода, тајната на женската историја, но и рушењето на табуата секогаш е инспиративно.
Женски Магазин - Ако ја оставиме модата и пишувањето на страна, каде дефинитивно се докажавте, за вас кој е најголем успех. Што ве прави горди?
Исидора - Успех е да останете свои, да го задржите девојчето во себе.
Женски Магазин - Како започнува денот на Исидора Бјелица?
Исидора - Кога ќе ги отворам очите прво ќе се насмеам на себе и светот и ќе ја пуштам Марија Калас, која ја обожавам, па пијам топла вода со лимон.
Женски Магазин - Кое е најубаво место каде што може да се релаксирате и да се одморите?
Исидора - Јас најмногу го сакам морето и сонцето. Многу време поминувам во куќата во Херцег Нови, каде среде собата направив када со поглед на морето.
Женски Магазин - Успеавте да се изборите со карцином. Во најтешките моменти и битки, кое ви беше најсилно оружје. Што ви даваше сила да се борите?
Исидора - Благодарение на Господ и на вашата најдобра болница Систина. Секогаш верувам во невозможното и знам дека секогаш кога ќе паднам треба да станам. Колку и да ме удира животот, јас ќе го ставам најдобриот шешир, ќе соберам сила и ќе станам. Мое е да станам, останатото е на Господ.
Женски Магазин - Денес, секој втор човек е болен од оваа опасна болест, кои се вашите препораки?
Исидора - Стресот е голем проблем, секој животен предизвик, па и болеста треба да ја сфатите како повик да работите на себе. Тоа е повик на промена не само на стилот на живот туку и да научите да живеете во сегашноста.
Женски Магазин -Која е најпоучната лекција која сте ја научиле во животот?
Исидора - Нашите мисли се извор на нашата среќа и болка. Среќен е оној човек кој секогаш има добри и позитивни мисли кои во се гледаат добро.
Женски Магазин - Вие сте личност со позитивен дух и истрајност, од каде ја црпите енергијата?
Исидора - Целата добра енергија, љубов и радост се од еден боженствен извор. Кога човекот е депресивен тогаш гледа се црно, едноставно се исклучил од тој боженствен извор. Затоа е алармот, да му се вратиме. Тука сме за да се учиме на љубов. Луѓето дозволуваат да бидат жртви на надворешни влијанија, но суштината е дека надворешните работи не можат да влијаат на нашата радост, хумор, убавина. Често да бидеме на висока вибрација на љубов.
Женски Магазин - Дали некогаш сте размислувале да станете мотивациски говорник?
Исидора - Гледам дека многу луѓе го бараат тоа од мене. По сите писма кои ги добив, јас мислам дека моите книги се доволен начин да им помогнам на луѓето да излезат од лавиринтите и од мракот. Го сакам пишуваниот збор, но мислам дека и преку интернет може да ја кренеме вибрацијата и љубовта.
Женски Магазин - Ви благодариме на времето и вниманието. Кои се вашите идни планови?
Исидора - Вложив премногу енергија за да научам да живеам во сегашноста за да би мислела на иднината (се смее)!
За женски магазин, Христина Ѓоргиевска