Интервју Ивана Хаџиванова: Простувањето е голема доблест и човекова моќ

Добивај вести на Viber

„Простувањето е процес на  ослободување од гневот, лутината, омразата, огорченоста, односно од сите негативни емоции кои најмногу му штетат на тој кој ги чувствува. Секој човек е потребно да научи две многу важни нешта, а тоа е да си простува себеси и да им прости на другите“- ни одговори M-р Ивана Хаџиванова, Психолог/Гешталт Психотерапевт во нашето интервју денес со неа.  Денес со неа разговаравме на многу отворени прашања кои ни ја  скокоткаат душата. Зборувавме и за воспитувањето на децата, дали грешиме кога сме себични, како да си помогнеме кога ни е тешко... Ивана стручно не советуваше за многу теми  кои допираат до секој од нас.

Женски Магазин - Дали прошката значи чистење на душата?

Ивана - Апсолутно да. Простувањето е процес на ослободување од гневот, лутината, омразата, огорченоста, односно од сите негативни емоции кои најмногу му штетат на тој кој ги чувствува. Секој човек е потребно да научи две многу важни нешта, а тоа е да си простува себеси и да им прости на другите. Праксата ми докажала дека секогаш прво треба да почнеме со себе.

Не е едноставно да се прости, но тоа се учи. Простувањето е подолг процес кој започнува со првиот чекор, а тоа е донесување на свесна когнитивна одлука. Простувањето се прави за себе и не зависи од личноста која ни погрешила, односно од тоа дали заслужува да и простиме. Со простувањето ние ја прифаќаме постапката на другите, иако не ни се допаѓа или не повредила, сепак одлучуваме да ја прифатиме настанатата ситуација и да ја пуштиме лутината во однос на неа. Во тој момент човек се ослободува, чувствува олеснување, затвора еден гешталт-целина која можеби му тежела во многу случаи и со години.

Многу од луѓето не знаат дека простувањето е всушност исклучително добро за менталното и физичкото здравје подеднакво. Постојат научни емпириски истражувања кои велат дека колку сме подобри во простување, чувствуваме многу помалку стрес, тензија, нивото на депресивни и анксиозни невротски симптоми е помало, а уште поважно дека нивото на гнев е помало. Држење на гневот, хостилноста, огорченоста и презирот се токсични за психо-физичкото здравје на секој човек без исклучок, и се значаен ризик фактор за болести воопшто, особено на кардиоваскуларниот систем.

Женски Магазин - Дали кога простуваме треба и да заборавиме?

Ивана - Простувањето апсолутно не значи дека треба да заборавиме што се случило! Може да простиме, а многу добро да паметиме. Само одлучуваме да се грижиме за себе и да се ослободиме од токсичните чувства. Простувањето воопшто не зависи од другата личност и нејзиното однесување и дали таа се извинила, дали е свесна за сопствената вина или не. Тоа е одлука од себе во корист на себе. Личноста може да прости, но сепак слободно да говори за своите чувства и за настанот, а тоа да не го намалува и потценува виктимизирачкото болно искуство. Уште поважно е да се знае, дека човек не треба да се труди повредите и траумите да ги потиснува во себе или игнорира! Постојат луѓе кои се навистина страшно злоупотребувани, запоставени и виктимизирани кај кои секој обид за потиснување или заборавање, негирање или потценување би им направил уште поголема психолошка штета.

Простувањето е голема доблест и човекова моќ, никогаш никој да не помисли дека е тоа слабост. Простувањето значи дека го прифаќаме минатото кое не може да го промениме. Човекот е далеку од совршен. Бројот на начини на кој може себеси и меѓусебно да се повредиме е бескрајно голем. Простувањето е лековито за личноста, и добро ни е познато дека е важна егзистенцијална тема која не случајно зазема важно место во голем број религии.

Женски Магазин - Имаме ли храброст за се спознаеме себеси? Да откриеме кои се нашите стравови, кои се нашите кочници?

Ивана - Голем дел од луѓето да, ја имаат храброста и одат во своите длабочини, откриваат болни свесни и несвесни делови, трауми, се соочуваат со своите најголеми слабости, лоши одлуки и грешни животни потези и стигнуваат до прифаќање, свесност-раст и развој. Притоа, колку и да е болен процесот, на него гледаат како предизвик и со огромен интерес и жед за себеспознавање. Често се случува клиентите сами да бараат психодијагностика, психолошко тестирање покрај длабокиот психотераписки процес, бидејќи сакаат да го знаат секој дел од својата комплексна личност. Тоа многу го почитувам бидејќи укажува на висока себесвесност. Секако има и дел луѓе, кои потиснуваат и не се подготвени да се соочат со себе и својот живот, негираат, користат најразлични механизми на одбрани кои за жал не секогаш им се функционални.

Би рекла, често е прашање на храброста, зрелост и спремност, но некогаш нарцисоидноста е таа која не им дава критички да погледнат во себе•

Женски Магазин - Дали понекогаш луѓето грешат кога носат одлуки да бидат „себични“?

Ивана - Не грешат. Човек мора да гледа за себе. Тие што секогаш ги ставаат другите на прво место, се забораваат себе. Себичност не е вистинскиот збор бидејќи има лоша конотација, повеќе би било одговорност и грижа кон себе. Личноста има одговорност кон себеси, задолжително да се почитува, грижи за себе и секако безусловно да се сака. Треба да внимава да не ги изгуби своите граници и да се однесува деструктивно кон себе, на сметка на задоволување на другите.

Женски Магазин - Голем дел од аналитичарите тврдат дека стравовите на одредена возраст се наследени од нашето детство. Има ли вистина во ова?

Ивана - Фројд велел „Детето е татко на човекот“ и не згрешил! Ние сите сме со потекло од детството, со сите свои делови, па и со своите стравови. Родителите грижејќи се за нас, вложиле голем напор да не научат да се плашиме. За жал, речиси секој родител употребува хиперболизирани преувеличени изјави кои на сите ни се добро познати на пример: „Учи или ќе останеш неписмен“, „Не јади ладно, ќе фатиш бронхит“, „Ако си немирен, нема никој да те сака“, итн… Точно дека овие интроекти делумно имаат смисла, но начинот и хиберболата кај некој од луѓето довело до тоа да станат невротичари односно и кога веќе се возрасни и нема реална причина, да постои стравот кој толку многу бил чувствуван во детството. Секако дека и реални трауматски случувања создаваат енграми во мозокот, остануваат врежани во нас и го креираат стравот, и после многу години кога ќе се појави некаква асоцијација. Постои и еден таканаречен трансгенерациски модел на однесување, во превод ако некој од родителите бил многу плашлив, анксиозен, паничар, најверојатно дека и детето ќе го имитира таквиот начин на однесување. Секој човек во детскиот период прави идентификација со родителите, а еден од првите начини на учење е по пат на имитација.

Женски Магазин - Дисциплината како граничник во воспитувањето на децата. Дали придонесува за создавање зрела или ранлива личност подоцна во животот?

Ивана - Да, јас сум за дисциплина, бидејќи од моето воспитување во животот сфатив колку е таа важна за сите аспекти во него. Дисциплината води кон успех и постигнување на сите полиња. Родителот не смее да е попустлив. Дисциплината го учи детето да прави нешто и кога не му се прави, да прифати одговорност, да ја гради самодовербата преку извршување на активностите или спортските постигнувања, да почитува авторитети и така да се креира во зрела и успешна самостојна личност. Ова е особено важно во времето во кое сега живееме, бидејќи децата со сета достапна развиена технологија, имаат значително повеќе дистрактори од минатото.

Женски Магазин - Колку потребата од невозвратена љубов, понекогаш од нас самите создава личности за кои искрено не сме свесни?

Ивана - Кога постои невозвратена љубов дали од родител или од партнер, личноста има тенденција да ја идеализира таа љубов и да започне да се однесува на своја штета, газејќи ги своите граници и достоинство со цел да ја добие „недостижната“ љубов. Притоа, во целиот процес ја прати чувство на недоволност. Во вакви случаи страда сликата за себе и себе-почитувањето и потребно е освестување и работа на себе, за таа да може да прави здрави избори кои не се несвесно детерминирани и ја прават несреќна.

Се вели кога ни е тешко посегнуваме кон чоколадо или некоја друга храна, со која настојуваме да си ја смириме душата.

Факт е дека група на луѓе кои кога се чувствуваат тажно или депресивно, посегнуваат по чоколадо. Но, иако краткотрајно во моментите на консумација се чувствуваат подобро, наградено, утешено, за многу кратко време свесноста за внесот на калориите предизвикува уште полошо чувство и од претходно. Долгорочно нездрава храна и прејадување е негативен механизам кој води исклучиво кон зголемување на телесната тежина и уште поголемо незадоволство од себе.

Интересен факт е дека некои луѓе свесно или несвесно, кога се чувствуваат лошо или осамено, консумираат храна која можеби нивните родители им ја правеле кога се грижеле за нив. Но, постои и голем дел на луѓе кај кои се јавува тотално спротивното, а тоа е голем пад на апетитот.

Како да си помогнеме кога ни е тешко? Доколку станува збор за секојдневни тешкотии и животни случувања најчесто препорачувам разговор, конструктивен пристап за решавање на проблемот кој прави тежина, добар спортски тренинг, јога, задолжително секојдневно медитација која е техника која јас ја практикувам и е исклучително моќна, масажа, сонце, консумација на храна добра за мозокот и која стимулира создавање на допамин и сератонин односно невротрансмитерите на мотивација и среќа, добра хигиена на сон, односно се што спаѓа во грижа и љубов кон себе. Задолжително во овие периоди мора да си дадеме поддршка, трпение, разбирање и убав внатрешен дијалог. Мора да се престане со себеобвинувањето и строгиот критицизам кон себе, доколку го има.

Доколку станува збор за некое психолошко растројство, траума, развод, загуба со смрт на близок, физичка болест и слично, секако препорачувам психотерапија и психолошко советување, заедно со сѐ погоре споменато. Но, факт е дека секој човек е уникатна личност и треба да го пронајде својот начин како да го одржува својот психолошки еквилибриум. Дел од моите задачи како Психолог/Психотерапевт е и токму тоа.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска