ИНТЕРВЈУ ИВАНА ТОРЕС: Ќе патувам од Арктик до Антарктик со комбе старо 30 години
Цела година ги подготвуваме рутите. Ќе отвориме нови платформи преку кои ќе ги споделуваме најинтересните моменти. Ќе собираме и средства за неколку хуманитарни кампањи. Мојот сопруг доби возачка дозвола пред само три месеци. Подготвена сум за уште едно патување од соништата, открива за „Женски Магазин“ познатата македонска авантуристка која лани беше спектакуларно дочекана на градскиот плоштад по нејзиното четиригодишно патување околу светот на мотор
Македонската авантуристка Ивана Чолаковска Торес и нејзиниот сопруг, Шпанецот Ману Торес, по четиригодишното патување околу светот на мотор кое заврши минатата година, интензивно се подготвуваат за нова спектакуларна мисија. Нивниот следен проект е пат околу светот во 30 години старо класично Фолксваген комбе (T3 Syncro) од Арктик до Антарктик. Патувањето официјално ќе го стартуваат во Њујорк откако специјално опременото возило со брод ќе биде транспортирано од Белгија до САД.
- Мојот сопруг доби возачка дозвола пред само три месеци. Подготвена сум за уште едно патување од соништата. Ќе истражуваме со возило приспособено на нашите потреби. Трансформацијата е во завршна фаза. Добивме комбе со многу функции. Покрај возило тоа ќе биде и наш дом, кујна и канцеларија. Адаптирано е за сите видови патишта за да можеме да ги достигнеме и најдалечните дестинации на земјата–раскажува Ивана.
Ивана со сопругот Ману Торес кој добил возачка дозвола пред само три месеци
Ова патување на брачната двојка Торес ќе опфати и повеќе надворешни активности како возење велосипед и планинарење.
- Ќе го претвориме комбето во мал театар и работилница. На проектор ќе пуштаме интересни материјали во рурални средини на Латинска Америка. Ќе бидам горд македонски амбасадор и во секое интервју ќе нагласувам од каде потекнувам. Ќе собираме средства за неколку хуманитарни кампањи–открива познатата авантуристка.
Комбето е приспособено на нивните потреби
Со нејзиниот сопруг цела година ги подготвувале рутите и приоритетите за патувањето. Дури обезбедиле и тим што ќе ги едитира видеата од нивното патешествие.
- Ќе отвориме нови платформи преку кои ќе ги споделуваме најинтересните моменти. Кога имате поголеми цели неопходни ви се и повеќе финансии. Би сакала да апелирам до сите македонски фирми кои се во можност да ни се придружат на ова патување – повикува Торес.
Програмата опфаќа посета на триесетина атрактивни локации меѓу кои се и планината Денали на Аљаска, американските национални паркови „Јелоустон“„Големиот кањон“ и „Вајт Сендс“, пустината Атакама и регионот Анкаш во Перу.
Торес до лани патуваа на мотор. За четири години посетија 55 земји
Ивана и Ману Торес се авантуристи и фотографи кои една деценија заедно патуваат. Минатата година беа спектакуларно дочекани на скопскиот плоштад пред финишот на нивното претходно патување околу светот кога за четири години посетија 55 земји и поминаа 147.000 километри на мотор. Нивната цел е да мотивираат, да инспирираат. Досега имаат одржано повеќе мотивациски говори во различни земји. Нивните искуства ги преточуваат во репортажи за влијателни светски списанија, а наскоро планираат да издадат и книга. Експедициите на Торес се достапни на блогот www.aroundgaia.com, а под истото име побарајте ги и на „Јутјуб“, „Фејсбук“ и на „Инстаграм“.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов