ИНТЕРВЈУ ЈОВАНА ЗУКА: Не постои уметност без бизнис
Што повеќе созревам, толку повеќе време, внимание и размислување посветувам на изборот на облеката која ја купувам. Сакам да градам гардероба која ќе ја сакам и сега и за десет години, и која ќе ми биде скапоцена, без разлика на цената, вели познатата модна блогерка, стилист и фотографка
Секој нејзин проект е поврзан со модата и важи за една од најпочитуваните блогерки кај нас. Често соработува со македонските дизајнери, а веќе подолго време професионално се занимава и со фотографија. Токму таа ја потпишува и последната фотосесија на Каролина Гочева. Кога зборуваме за креативен потенцијал и за мултиталентираност, наша инспирација дефинитивно е Јована Зука.
Женски Магазин* Вие сте една од првите блогерки кај нас, а за краток период се наметнавте и како една од најпочитуваните. Дали на почетокот бевте оптимист дека оваа работа може да Ви донесе сериозни ангажмани и солидна заработувачка?
Јована- Започнувањето на AfterTwoFive.com не беше поврзано ниту со ангажмани, ниту со заработка, туку со мојата колосална љубов за модата како дејност во која сакам да творам и кон која сакам да дадам свој придонес. Сакав простор кој ќе ми служи и како дневник и како портфолио за фотографија и стилизирање, во кој ќе развивам идеи и кој ќе може да прерасне во барем мал извор на модна инспирација за луѓето кои ќе го посетуваат. Најважно ми беше да создавам и да ги развивам вештините, а сплетот на околностите придонесе и за прекрасни работни ангажмани од тоа.
Женски Магазин* Имате континуирана соработка со македонските дизајнери, бевте заштитно лице на повеќе брендови, а Вашите фотографии го свртеа вниманието и на уредници на светски познати магазини. Кои проекти ги сметате за пресвртница во Вашата кариера?
Јована- Секоја објава, фотографија и проект се подеднакво значајни за мене. Без некоја фотографија и нејзина објава на одреден медиум, не би постоел работен ангажман. Без тој работен ангажман, не би постоел некој друг проект, и така натаму. Секое искуство е добро и води кон усовршување. Најважно во целиот процес е да се има многу страст за тоа што се работи и да се дава максимум во сè, бидејќи може да се почувствува разлика меѓу нешто што е направено со љубов и нешто што е третирано како обична работна задача.
Сè што ќе објавам е дел од мене, мојата работа и мојата естетика. Не би можела да замислам да објавам нешто во кое не верувам“
Женски Магазин* Паралелно студиравте бизнис и историја на уметност, работите како стилист, фотограф, но и во маркетинг-агенција. Каде сте најмногу „своја на своето“?
Јована- Сите овие сфери се многу тесно поврзани и се надополнуваат една со друга. Не постои уметност без бизнис, не постои мода без маркетинг, не постои модна фотографија без стајлинг, и секако не постои професија во 2018-та година која бара само една единствена вештина. Ме исполнуваат сите аспекти од мојата кариера и работата на едно многу ми помага во усовршувањето на нешто друго.
Женски Магазин* Секој моден фотограф размислува за совршен сет, за екстериер од соништата. За што Вие мечтаете?
Јована- Совршен сет е оној на кој ќе создадеш модна фотографија каква што замислуваш, кој ќе ја засили импресијата за конкретните парчиња облека и кој со својата естетика ќе придонесе кон впечатливо визуелно раскажување на одредена приказна.
Фотографија од кампања на дизајнерката Јована Филиповиќ
Женски Магазин* Како ја коментирате уличната мода во „Градот убав“?
Јована- Набљудувам, но не коментирам (се смее).
Женски Магазин* Кои блогови Вам Ви се омилени и колку всушност истите имаат влијание на Вашиот стил, на Вашиот израз?
Јована- Информациите кои секојдневно се воспримаат имаат огромно влијание врз вкусот, мислите, ставовите и идеите, ако не во моментот, тогаш понатаму во иднината. Поради тоа, многу е важно внимателно и убаво да се селектира што ќе биде дел од тоа што ќе се следи на дневна база. Иако има многу модни списанија и блогови кои ми служат како инспирација, меѓу кои периодов би ги издвоила www.space-matters.com, www.styleheroine.com и www.parkandcube.com, кога е во прашање мојата работа, се трудам да се изолирам од влијанија и да работам на своите идеи.
Женски Магазин* Што никогаш не би напишале или објавиле на Вашиот блог?
Јована- Сè што ќе објавам е дел од мене, мојата работа и мојата естетика. Не би можела да замислам да објавам нешто во кое не верувам.
Моден едиториал во соработка со дизајнерот Игор Марков
Женски Магазин* Кое Ви е омиленото, а кое најскапото парче облека во Вашиот гардеробер?
Јована- Што повеќе созревам, толку повеќе време, внимание и размислување посветувам на изборот на облеката која ја купувам. Сакам да градам гардероба која ќе ја сакам и сега и за десет години, и која ќе ми биде скапоцена, без разлика на цената. А за најскапото парче, уште штедам. Има некои култни модни парчиња кои ги сметам за уметнички дела и за многу добра инвестиција.
Женски Магазин* Кои се Вашите професионални амбиции?
Јована -Амбициите ми се остваруваат паралелно со секој нов моден проект на кој работам.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов