Интервју Лидија: Женското лидерство бара здружување
Тематскиот ден „ДАМА-ДА – Здравјето и убавината во функција на современата жена“, ќе се одржи на 31 март 2018 година во „Холидеј Ин“. Целта на овој ден е да даде придонес кон современиот животен стил преку бројни едукации, предавања, информации, дебати и дискусии. Ексклузивна гостинка е Јелена Бачиќ Алимпиќ, позната новинарка, водителка и писателка од Србија. Повеќе за овој интересен ден во чиј фокус е жената и сите прашања со кои таа се соочува во современото општество во интервјуто сог-ѓа Лидија Трипуноска, генерален менаџер на Агенција МАРИЛИ.
Женски Магазин Која е целта на тематскиот ден кој ќе се случи на 31 март во „Холидеј Ин“?
Лидија Тематскиот ден „ДАМА-ДА – Здравјето и убавината во функција на современата жена“, што ќе се одржи на 31 март 2018 година во „Холидеј Ин“, има за цел да даде придонес кон современиот животен стил преку бројни едукации, предавања, информации, дебати и дискусии. Истовремено, овозможува дружење, вмрежување и учество во хуманитарни проекти. Но, овој проект не е само еден ден, тој е само финалето на сите теми што агенцијата ги обработува во текот на целата година, а особено во првото тримесечје. Ова е проект што трае веќе 4 години, а годинава е ребрендиран со новото лого „ДАМА-ДА“. Постојано и опширно зборуваме за горливите теми кои се важни, особено за здравјето на жената, преку интервјуата со доктори, фармацевти, дерматолози и слично. Зборуваме за личен развој и кариера, развој на комуникациските вештини, па се до здравиот начин на исхрана. Секако, финалето на оваа кампања е тематскиот ден, каде треба да се развие дебата за тоа што е современа жена од денешен аспект. Сето ова надополнето со хуманите компоненти, односно, хуманитарна аукција на уметнички слики, од која собраните средства ќе бидат донирани во ЈЗУ Здравствен дом- Прилеп. На крајот, тематскиот ден ќе заврши со извлекување на неколку ексклузивни награди наменети за жената. Во тоа наградно извлекување ќе бидат вклучени оние кои учествувале во интернет наградната игра и биле споделувани од бројни читатели.Значи, севкупно различни содржини кои надополнети со меѓусебно дружење и вмрежување ќе ѝ пружат задоволство на секоја современа жена, посебно на овој убаво поминат саботен ден.
Женски Магазин Кои се гостите кои ќе го поддржат овој интересен настан?
Лидија Имаме многу гости кои, пред се како предавачи со свои теми ќе го поддржат овој ден. Тоа се: д-р Таше Трпчевски кој ќе говори на тема: „Емоционален аспект кај жената при ин витро оплодување“, потоа д-р Горан Николов со темата: „Со хроно исхрана до вита става и добро здравје“, д-р Горица Дачевска ќе зборува за: „Кожата- огледало на нашето здравје и животен стил“, а д-р Весна Ѓорѓиеска и д-р Екатерина Јурукоски ќе говорат на тема: „Новиот изглед на современата жена“. Елена Табаковска ќе предава„НУТРАГЕН за живот во движење, за вечна младост и убавина“, додека Горазд Смилевски ќе зборува на тема: „Жени во ’машкиот‘ професионален свет“. На тематскиот ден гостин ќе биде и Марина Анчевска со темата: „Вашето херојско патување Интерактивно мотивирачко предавање Животот е процес и секој од нас, свесно или несвесно, патува низ животот“, а водителот Огнен Јанески ќе зборува на тема: „Не плашете се од тремата–таа ви е најдобар пријател“.
Ексклузивна гостинка е Јелена Бачиќ Алимпиќ, позната новинарка, водителка и писателка од Србија, со која ќе развиеме дискусија и дебата за тоа што е современа жена од денешен аспект. Таа ѝ е позната на читателската публика по романите „Рингишпил“, „Последната пролет во Париз“, „Те нема никаде“, а оние кои ги паметат нејзините атрактивни ТВ емисии во форма на шоу на Pink телевизија, знаат дека таа е врвен новинар, ТВ водител и компетентна, успешна жена која е пример со своето работно и животно искуство.
Наша гостинка е и Јана Јанеска- Ристески, која како менаџер на Центарот за современа уметност од Прилеп, донираше пет уметнички слики за хуманитарната аукција во која ќе учествуваат сите присутни, вклучувајќи ги и членките на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ. Собраните средства ќе бидат донирани во ЈЗУ Здравствен дом- Прилеп.Аукцијата ќе ја води нашиот познат ТВ водител Огнен Јанески.
Би сакала да истакнам дека хуманоста на овој проект е проширена и со присуството со штанд на НВО „Една може“, кои се борат против семејното насилство врз жените и водат грижа за самохраните мајки.НВО „Една може“ ќе ги претстават своите производи со органско потекло, а со купување на овие производи ќе се помогне на оваа организација.
Тука се и бројните компании кои со свои штандови и промоции на новитетите ќе го направат овој ден многу атрактивен. Секако, треба да се спомене и штандот на „Матица“ со романите на Јелена Бачиќ Алимпиќ кои ќе се нудат со одреден попуст, со книгите на Марина Анчевска и со други актуелни дела.
Женски Магазин-Какви се реакциите, дали го добивте планираниот интерес?
Лидија - Интересот расте од година во година, но јас сум борец на долги патеки, работам со свои оригинални идеи затоа нема еуфорични и помпезни реакции. Верувам дека и овој проект ќе го доведам до оптимално ниво, автентично за нашата средина, приспособено за нашата жена. Тоа е спецификата на сите мои проекти кои напоредно ги усовршувам внатрешно-содржински и суштински и надворешно уметнички и современо спакувани. Би сакала да сум со добра енергија и елан во годините што следат и да ја реализирам целата визија на овој проект. Нашата средина е скептична, не верува во нашите луѓе и во нашите идеи, полесно и е да прифати с! што доаѓа од надвор, од „запад“, да го „проголта“ тоа што некој друг веќе го „соџвакал“, независно дали тоа одговара на нашата традиција, култура, стандард на живеење… Верувам дека ќе правиме интервју и по 10 години, па ќе видиме дали сум била во право! Ова не го зборувам туку-така, затоа што зад мене имам друг проект со 22 години традиција, кој денес е најпрестижен во делот на жените во бизнисот, но и најоригинален,кој има своја душа и кој секоја година е уживање за учесничките, но и за публиката што доаѓа на овој настан.
Женски Магазин - Освен овој настан, годинава го реализирате и она што е убава традиција за „Марили“, изборот на жени менаџери.
Лидија - Да, тоа е манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од Р.Македонија и од дијаспората“. На оваа манифестација веќе 22 години се избираат Топ-10 најуспешни жени менаџери, а за јубилејната 20-та година беа избрани 20 менаџерки, па така, со оваа година тоа се вкупно 230 најуспешни жени менаџерки.Тоа е голема бројка на поддржани жени на менаџерски позиции, но, уште поголем е ефектот што се постигна со подобрување на перцепцијата за жената во бизнисот. Кога ѝ се оддава признание на една жена менаџер, тоа не е само економско признание, тоа не е само гола статистика, туку е нешто многу повеќе. Тоа е степен на социолошка и културна вредност на нашето општество. Па, сепак, и покрај долгогодишната традиција на овој проект, кај нас многу поголемо значење им се придава на слични проекти кои доаѓаат од соседството и од Европа.
Женски Магазин - Кои се најмоќните жени лидери на денешницата според Вас?
Лидија - За мене, најмоќни жени лидери на светско ниво се: Опра Винфри, познатата американска новинарка и ТВ водителка, Селин Дион од музичкиот шоу-бизнис, Мариса Мајер, генерален директор на Yahoo, Еми Паскал, косопственик на Sony Picture Entertainment, жените кои со своите реализирани идеи ја покажале моќта на женскиот ум и емоционална интелигенција за сеопшто добро на сите.
Женски Магазин - Каков е односот кон жените лидери во Македонија? Дали сме родово сензитивни?
Лидија - Можам да зборувам за развој, бидејќи зад себе имам проект стар 22 години и ќе кажам дека оди напред, дека се изборивме за почит, за доверба, за принципиелност. Ме боли што понекогаш забележувам климавост во самодовербата кај жените, иако имаме бетонски темели и се прашувам од каде е тоа? Сепак, сметам дека длабоката традиција на воспитувањето на женските деца од минатото с! уште не е надживеана. Сакаме да сме современи и итаме кон модерна Европа, но на тој пат и натаму правиме грешки. Зборувам за нас жените, за нашите грешки, кога с! уште дозволуваме да им го отстапуваме приматот на мажите во нешто што не го заслужуваат. Долго се боревме, секој милиметар од нашиот успех бил макотрпен, како и секое и најмало скалило што сме го искачиле во таа родова рамноправност, па затоа не треба да дозволиме да го заборавиме овој пат и да потклекнеме. Не треба сега мажите да се китат со она што го изградиле жените за своите права, како жени во бизнисот, жени лидери, жени претприемачи, жени менаџери, жени социјални работнички и многу други. Забележувам такви тенденции и тоа многу ми смета, и тука треба жените да се освестат и да не го дозволуваат тоа.
Женски Магазин Сметате ли дека жените во Македонија можат да дадат свој придонес во подобрување на условите на жените?
Лидија Можам да кажам дека од аспект на проектот за жени менаџери, на кој работам повеќе од две децении, каде голем дел од жените се и лидери, дека тие даваат придонес со својата активност, а со нивното организирање во разни организации, асоцијации, здруженија, дека настапуваат организирано со барања за подобрување на условите за бизнис, претприемништво, загарантирани квоти за присуство на жените во политиката и во други сфери. Што значи дека лидерството не е доволно само по себе, треба здружување и заеднички настап за борба за подобри услови за жените.
Женски Магазин Кои се вашите приоритети како жена претприемач?
Лидија Моите приоритети се реализација на проекти кои се понови идејно и кои постојано се надополнуваат, развиваат и медиумски експонираат. Верувам дека со поновите идеи ќе ја реализирам мојата визија која долгорочно сум ја поставила, а се однесува на обединување и заемна корелација на сите значајни проекти што ги работам сега, секој од нив да функционира засебно, но и заемно да се поврзани.
Женски Магазин - Ви успева ли секогаш добро да координирате на релација бизнисмен и жена?
Лидија - Навистина многу се трудам да балансирам меѓу деловните и приватните обврски како сопруга и мајка. Успевам со координација по периоди да ставам што и кога е поважно и поприоритетно и да се насочам некогаш повеќе кон бизнисот, а другпат повеќе кој семејството. Секако, многу е важно домашните да ја познаваат глобално вашата активност и да го почитуваат времето кога треба да сте повеќе фокусирани кон работата. Мора да ве разбираат и поддржуваат за да бидете успешна и во бизнисот.
Женски Магазин - Имате ли време за себе и вашите потреби? Како се релаксирате, на кој начин ги полните батериите?
Лидија - Се трудам да најдам време за себе, да шетам во природа, да комуницирам со пријателите, да се дружам, тоа особено ме релаксира и ми ги полни батериите. Сакам да читам убави книги, сакам и да патувам на атрактивни дестинации, да запознавам други култури, други пејсажи, тоа особено ме исполнува и регенерира.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска