ИНТЕРВЈУ НАТАША МИХАЈЛОСКА: Позитивните мисли ги пренесувам на стакло
Првите бои ми ги купи сопругот Борис додека беше на работа во Словенија. Така почна сè. Читав списанија, сама на интернет ја откривав техниката на изработка, експериментирав, испробував и правев слики, открива таа
Наташа Михајлоска неодамна ја имаше првата самостојна изложба „Стаклото како медиум за нови видици“. Со техниката боење на стакло „другарува“ две децении, но дури сега се одлучи делата што веќе се во продажба да ги претстави пред поширок аудиториум.
- Чекав подолг период бидејќи ми требаше време да соберам одреден број на слики. Делата ќе поседеа во мојот дом и потоа ги подарував на блиски пријатели и на роднини. Тој момент на подарување ме правеше среќна, а истовремено и тажна. Кога подарував и кога ќе ги погледнев луѓето каква среќа,задоволство и изненадување блика од нив, јас бев уште повесела и пресреќна и тагата исчезна. Задоволството на мојата душа да пренесеш дел од среќата во себе е необјаснива – објаснува таа.
Женски Магазин* Вие сте дипломиран правник и самоук уметник. Кога сфативте дека имате талент за оваа техника? Како почна сè?
Наташа- Сопругот Борис беше на работа во Словенија. Во разговор ме запраша дали сакам да ми купи бои за стакло. Мојот одговор беше ДА. Така започна мојата пасија да творам на стакло. Читав списанија, сама на интернет ја откривав техниката на изработка, експериментирав, испробував и правев слики.
Женски Магазин* Витражот како украсна композиција е доста експлоатиран во применетата уметност. Што ги прави Вашите дела посебни?
Наташа- Тоа што успеав во нив да внесам различни техники при изработката. Правев мрежи, нанесував точки од бои со врвот од иглата за шиење, затоа што така се формираше најсовршен круг, го постигнував тоа што постоеше како идеа во мојот ум. Се потрудив да вметнам и дел од македонскиот фолклор, како го согледувам од мој аспект, да го спојам модерното со современото. Едноставно тоа извира од мене во дадениот момент кога творам на стакло.
Женски Магазин* Колку време Ви е потребно да завршите едно дело? Како тече создавањето? Идеите прво ги поставувате на хартија?
Наташа- За да направам едно дело некогаш ми е потребен еден месец, неколку недели или само неколку дена. Сè зависи од идејата во мојот ум и од големината на сликата. Најпрвин замислата ја пренесувам на парче хартија да не ја заборавам, а потоа почнува процесот на пренесување на стаклото. Поттикната од природата, околината која ме опкружува, моментот каде се наоѓам, што ме фасцинирало, произлегуваат моите идеи за да направам цртеж.
Женски Магазин* Кој дел од креативниот процес Ви е најинтересен?
Наташа- Кога сликата ја финиширам,украсувам. Едноставно везам со разновидноста од бои кои најчесто се јаки, впечатливи. Понекогаш добивам опомена од мојот сопруг и моите две ќерки кои ми се обраќаат во смеа: „Внимавај да не забегаш со украсувањето“.
Женски Магазин* Од каде најмногу црпите инспирација? Што ги окупира Вашите мисли?
Наташа- Инспирацијата е насекаде околу мене.
Женски Магазин* Кои Ви се омилените странски и домашни уметници? На чии дела секогаш им се восхитувате?
Наташа- Омилен ми е Ван Гог, ми се допаѓаат неговите дела. Особено ми е драга серијата „Сончогледи“. Го сакам Миле Давидович, автор на дела од наивната уметност. Делата на Петар Мазев исто така. Сакам слики за кои чувствувам дека од нив блика среќа, убавина, чиста радост, веселост, искреност.
Женски Магазин* Кои се Вашите професионални амбиции?
Наташа- Да направам уште многу изложби и моите слики бидат видени од луѓето кои ја сакаат уметноста, а воедно да ги красат нивните домови. Може да ја посетат мојата страница на „Фејсбук“(Art Work by Natasa Mihajloska) на која може да ме контактираат и да се информираат.
Женски Магазин* Освен пасијата кон сликарството, што друго го исполнува Вашиот ден?
Наташа- Мојот ден е исполнет со обврски кон семејството. Тоа подразбира подготовка на ручек, домашни обврски, време за двете кученца, време за себе, јога, медитација, одржување на градината, пешачење, возење велосипед.
Ѓорге Стојанов