Интервју Наташа Стојковска: Менаџерската позиција сведочи за способностите, подеднакво кај мажите и кај жените
Секоја одговорна работа носи свои предизвици, независно од секторот. Секој самосвесен менаџер и професионалец во работата, пристапува со подеднакво иста доза сериозност и одговорност, без разлика каде и што работи. А секако, барем за мене лично предизвик е и задача на секој менаџер поттикнување на амбицијата во сопствениот тим.
За да се биде успешен во професијата, воопшто, не само како менаџер, пред се неопходна е одговорност кон задачите и обврските што се поставени пред нас. Но исто така и желба да се напредува во работата до што може да се дојде само доколку постојано се работи на надградување на своите знаења, доколку се поставуваат пред себе нови сè повисоки цели и доколку се има иницијативност, доколку постојано размислувате за други можности и идеи - вели Наташа Стојковска, Директор на сектор Набавка и Логистика во Витаминка која е на листата десетте најуспешните жени менаџери во 2017 година.
Женски магазин: Неодамна сте избрана како една од десетте најуспешните жени менаџери во 2017 година. Kолку ова признание или награда е значајно за Вас?
Наташа Стојковска: Секоја награда носи задоволство бидејќи од една страна претставува потврда за успешноста на вашата работа и валоризација на целиот труд кој го вложувате на професионален план во компанијата во која работите. Од друга е и поттик и во иднина да продолжите да се давате себеси, да се надградувате и да напредувате во кариерата. Но оваа награда е посебно значајна бидејќи се работи за избор на најдобрите жени менаџери во Македонија. Жени кои успеале своите професионални обврски да ги усогласат и со својот приватен живот, како сопруги и мајки. Кои успеале да ги реализираат своите желби за напредување во кариерата, без притоа да трпи семејството. Дел од нив започнале свој бизнис, дел се на раководни позиции во големи компании. Но, на сите им е заедничко дека во она што го работат се успешни и дека покажуваат одлични резултати. Затоа е задоволство кога ќе добиете награда бидејќи значи вреднување на вашиот труд, работа и ангажман. Значајна е и за компанијата во која работам бидејќи не можеш да бидеш успешен менаџер ако и компанијата каде работиш не е успешна. Истовремено на некој начин е и потврда дека во неа не се прави разлика меѓу машки и женски труд, туку дека единственото што се цени е знаењето, компетентноста, посветеноста и резултатите кои се остваруваат.
Женски магазин: На висока менаџерска позиција сте повеќе од 10 години и тоа во Витаминка, една најуспешните компании во земјава. Кои карактеристики треба да ги поседува еден менаџер за да биде успешен во успешна компанија?
Наташа Стојковска: За да се биде успешен во професијата, воопшто, не само како менаџер, пред се неопходна е одговорност кон задачите и обврските што се поставени пред нас. Но исто така и желба да се напредува во работата до што може да се дојде само доколку постојано се работи на надградување на своите знаења, доколку се поставуваат пред себе нови сè повисоки цели и доколку се има иницијативност, доколку постојано размислувате за други можности и идеи.
Последнава карактеристика би ја поставила како најважна, затоа што од иницијативноста зависи колку сте подготвени да ги поместите границите, да поставите поголеми цели и да ги проширите своите ингеренции. Да излезете од стандардните работни обврски и со тоа да постигнете поголеми успеси. Тоа секогаш се препознава како квалитет и ве носи чекор повисоко на скалилата на успехот. Многу е важно никогаш да не се застанува, да не се биде задоволен од моментално постигнатото, туку да се посакува уште повеќе, уште подобри резултати.
Еден добар менаџер мора првенствено да ги постави овие цели пред себе бидејќи само така тој ќе биде пример за вработените и ќе може и од нив да бара квалитетно да ги извршуваат своите обврски.
Женски магазин: Витаминка е еден од лидерите во прехранбениот сектор во Македонија со производи кои сами по себе станаа бренд не само во земјава туку и пошироко. Какви предизвици носи работата во вака голема компанија која постојано инвентира и го проширува производството, а со тоа веројатно и обемот на работа на секој менаџер?
Наташа Стојковска: Секоја одговорна работа носи свои предизвици, независно од секторот. Секој самосвесен менаџер и професионалец во работата, пристапува со подеднакво иста доза сериозност и одговорност, без разлика каде и што работи. А секако, барем за мене лично предизвик е и задача на секој менаџер поттикнување на амбицијата во сопствениот тим. Предизвик е да се одговори соодветно на задачите, да се постигнат поголеми резултати. Работењето во компанија како Витаминка значи натпревар со времето, со себеси и сопствените цели. Позицијата што Витаминка ја има на пазарот и статусот ни наметнува да си поставуваме повисоки таргети и нормално во таа насока се движиме. Како компанија, во стратегијата имаме интегрирано механизам за континуиран развој. Така што, сигурна сум дека оваа растечка тенденција ќе продолжи. Позицијата лидер на пазарот само се потврдува со тоа што со нашата работа, на дневна основа поставуваме нови стандарди на пазарот и истите ги надградуваме и поместуваме во позитивна насока, со цел до потрошувачите да доставиме што поквалитетен производ.
Женски магазин: Врз кои вредности го дефинирате својот однос кон работата?
Наташа Стојковска: Одговорност, отвореност и одлучност, тоа се мислам трите параметри што ми го дефинираат професионалниот дел од денот. Одговорноста ја врзувам за својата функцијата и сериозноста со која и пристапувам. Отвореноста ја врзувам за тимот со кој работам. Иако сум на менаџерска позиција, сепак во својата работа редовно се потпирам на тимот што го имам и со којшто работам. Досегашното искуство ме научи дека менаџерот во одговорноста е осамен, но во работата не е, што е позитивно. Во контекст на тоа е и моето работно мото, да се сослушаат сите страни, предлози, иницијативи и идеи, а после тоа да се донесе одлука. И навистина потребно е да се создаде тим во кој верувате и на којшто можете да се потпрете, затоа што вистинските резултати се постигнуваат заедно со тимот. Никој сам ништо не може да направи, а посебно менаџерите не треба да си создаваат имиџ на таканаречени „автократи“. Покрај тимската работа, во иста линија и со иста важност и тежина би ги издвоила иницијативноста и храброста да се донесат одлуки што ќе се покажат вредни и корисни.
Женски магазин: Менаџерската позиција е постојано ангажирана и многу често подразбира жртвување на приватниот или семејниот живот. Дали и Вие го чувствувате истиот притисок и дали правите компромиси?
Наташа Стојковска: Она што одамна го научив е дека една успешна и реализирана жена не мора да прави поделба на функциите што ги има во животот, односно секојдневието. Може подеднакво успешно да се биде и менаџер и мајка и жена и нема потреба од жртви. Менаџерската позиција сведочи за способностите, подеднакво кај мажите и кај жените.Важно да сте свесни за сопствената моќ и влијание во моменталната улога што ја играте, да знаете што се очекува од вас и да настапите соодветно. И токму врз основа на ова ми е исполнето времето. Кога сум на работа, професионалниот ангажман, одговорноста што доаѓа со таа позиција, знаењето и искуството што ги имам, ме водат и тука нема простор за маневрирање. Додека сум со семејството, нормално емоциите се тие што преовладуваат и го прават секој момент бесценет и вреден за целосно посветување, без резерва. После сето ова останува времето кое секоја жена треба да си го посвети на самата себе, дали тоа е социјализација, хоби, рекреација или некој креативен стимуланс и мислам дека токму во овие моменти жената се осознава себеси, своите потенцијали, желби, стремежи и цели.