Интервју Николовска: Со изложбата „Жената во Македонија низ времето“ ја промовиравме богатата традиција и култура на нашата земја

Добивај вести на Viber

„Секогаш се трудиме да истапиме со идеи каде би можеле да влијаеме за позитивни промени. Општеството има свест онолку колку што стопанските субјекти имаат слух за проблемите и потребите на општеството и излегуваат пресрет со организирање на акции, кампањи и слично. Нас општествено одговорните активности ни се дел од корпоративната култура, тоа ни е личен индивидуален став, ние потегнуваме иницијатива а не чекаме да ни тропне на врата“ вели Валентина Николовска, менаџер за комерцијализација во Скопје сити мол во интервјуто за Женски магазин.

Николовска ни раскажува за изложбата „Жената во Македонија низ времето“ констатирајќи дека истата била најдобриот избор.


Женски магазин: Поставката „Жената во Македонија низ времето“ која беше организирана во Скопје сити мол беше несекојдневен настан бидејќи беше прва вонмузејска поставка каде за првпат артефакти од минатото беа претставени во најкомерцијалниот продажен простор во нашата држава. Како ја оценувате изложбата?

Валентина Николовска: Кога зборуваме за изнесување на поставките надвор од музеите и сакаме изложбите да ги доближиме до граѓаните, тогаш поставувањето на изложбата „Жената во Македонија низ времето“ во Сити мол, е најдобриот избор. Според посетеноста на нашиот трговски центар, популарноста што ја има не само во Скопје и Македонија, туку и пошироко во регионот поставивме основа за еден поинаков вид забава. Ги споивме практичното и естетското, забавата и едукација и со тоа овозможивме едно поинакво доживување на посетителите. Направивме синергија меѓу археологијата, историјата и етнологијата и покажавме дека сето тоа одлично функционира во еден модерен простор. Изложбата беше шанса за пошироката публика, која не секогаш има можност да оди во музеи, но и за децата, тинејџерите и адолесцентите на ваков непосреден начин да им ја доближиме специфичната убавина на македонската жена, но и воопшто да се запознаат со чувството да се види нешто друго реално и материјално пред себе, наспроти виртуелниот свет во мобилните телефони. Исклучителноста на самиот настан е што преку артефактите, носиите и инсталациите за жената во Македонија низ времето, успеавме во неконвенционален простор да ја промовираме богатата традиција и култура која ја краси нашата земја.

Женски магазин: Која беше идејата за организирање една ваква несекојдневна поставка за жената во Македонија низ историјата и според вас, какво е нејзиното место денес во современиот свет?


Валентина Николовска: Мотив за реализација на овој проект беше празникот 8-ми Март и излегување од веќе истрошените рутини на прослава.  Симболиката е голема, на меѓународниот ден на жената, да ја „раскажеме” приказната на македонската жена во вид на патување низ времето и да ја прикажеме нејзината големина. Целта ни беше преку ваква илустрација, да поттикнеме и да мотивираме, да поставиме пример на кој би се огледале младите девојки и денешните жени како би тргнале кон исполнување на сопствените амбиции и достигнување индивидуални височини. Изложбата отслика толку многу, од фактот дека жената на овие простори отсекогаш била и е столбот на семејството, до тоа дека рамноправно учествувала и во борбите за општествените промени, борејќи се рамо до рамо со мажите како ајдутин, комита и како партизанка за нејзините еднакви права и за подобра иднина. Но исто така, преку бројните артефакти можеше да се види дека и покрај сите обврски и борби, жената секогаш обрнувала големо внимание на себе. Многубројните археолошки фигурини од праисторијата со претстава на жена заштитничка на домот, се со накит и  ја откриваат и нејзината желба за дотерување. Доказ се и носиите кои го достигнале врвот на својата убавина, грациозност и доминантност во 19 век и оставиле траен белег во историјата на облекувањето на македонската жена. И тука е паралелата со современата македонска жена, која има изградено успешна кариера, но истовремено е и жена која се грижи за семејството и за себе. Во секој случај, жени за восхит.


Женски магазин: Дали оваа необична поп-ап изложба го постигна ефектот и дали ваквите места, кои се направени по светските теркови, се новите места за изложби и настани?

Валентина Николовска: Повеќе од успешна и целта апсолутно е постигната. Реакциите на илјадници посетители на Скопје сити мол сведочат за тоа. Верувам дека тоа ги поттикна оние кои  ја посетија и видеа изложбата, да ги посетуваат музеите почесто. Организирање вонмузејски поставки е нешто што е актуелно во другите земји. Едноставно, поп-ап поставки се понеформални од изложбите во музеите и галериите. Неконвенционалноста на просторот повеќе привлекува. Идејата за ваков вид привремени изложби потекна од Њујорк каде пред една деценија беа организирани први вакви настани надвор од институциските рамки. Но денес тоа е практика ширум светот бидејќи е одличен начин многу поголема публика да ги види. Дизајнери, фотографи, сликари, уметници, сопственици на галерии, но и големи музеи денес го избираат токму овој начин за преставување на своите дела или поставки бидејќи е понепосреден начин за доближување на уметноста до пошироката јавност.


Женски магазин: Дали Сити мол и во иднина ќе биде домаќин на вакви вонмузејски поставки?

Валентина Николовска: Нашиот пристап е секогаш позитивен кон нови и иновативни идеи, ја цениме креативноста и секогаш сме отворени за нови можности. Поставката „Жената во Македонија низ времето“ ја организиравме во соработка со  Археолошкиот Музеј на Македонија, Музеј на македонската борба и Ансамблот Македонија и е доказ дека треба да продолжиме по овој пат. Затоа сме отворени за соработка со сите институции и компании кои се заинтересирани својата работа да ја претстават на еден поинаков начин и на многу поголем аудиториум. Уште од креативноста на нашиот тим, кој ги следи светските трендови  и стандарди, можете да очекувате многу вакви и слични проекти.


Женски магазин: Скопје Сити Мол изненади со ваквата необична иницијатива. Дали во општеството има доволно свест за мисиите кои можат и треба да ги имаат компаниите надвор од својата основна дејност?

Валентина Николовска: Секогаш се трудиме да истапиме со идеи каде би можеле да влијаеме за позитивни промени. Општеството има свест онолку колку што стопанските субјекти имаат слух за проблемите и потребите на општеството и излегуваат пресрет со организирање на акции, кампањи и слично. Нас општествено одговорните активности ни се дел од корпоративната култура, тоа ни е личен индивидуален став, ние потегнуваме иницијатива а не чекаме да ни тропне на врата. Доказ за тоа се многуте реализирани кампањи со кои Скопје сити мол сака да испрати порака дека се грижиме и дека сакаме да помогнеме директно или со подигање на свеста за проблемите и потребите на ранливите категории граѓани, за екологијата, уметноста, културата и други аспекти на општествениот живот. Ние со слични активности ќе продолжиме и во иднина. Сметаме дека тоа треба да биде пат на делување на сите успешни компании во земјава, бидејќи сите ние работиме и живееме во една средина која сакаме да биде подобра.