Интервју пијанистка Дуња Иванова: Најтешко е да ги натерате луѓето да размислуваат надвор од рамката
Музиката е уметност која се служи со тонови како средства на нејзиниот израз.Тоа ја прави исклучително достапна и блиска до човекот. Способноста да се препознае уметноста и посебно вредната музика, кај некого е вродена, а кај некого стекната особина која низ животот се учи и се подобрува. Денес, за жал, со цел да се привлече што поголем број на публика, без да се води сметка за содржината на она што се промовира, шундот царува. Она што е суштинско и содржајно сеуште опстојува на маргините- вели во инетервју за Женски магазин, пијанистката Дуња Иванова.
Луѓето како што вели ги зафаќа некаква летаргија, па се чувствуваат поудобно дома, од каде преку социјалните мрежи можат да бидат во улога на лекари, нутриционисти, уметници, критичари, политичари. Сепак Иванова сеуште негува надеж дека ќе се освестиме колективно, дека Матка нема да биде депонија, вело патеките нема да бидат паркинзи, луѓето ќе почнат да размислуваат дека “помалку е повеќе“ и наместо вечер со турска серија ќе се охрабрат и ќе отидат на концерт на Македонската филхармонија.
Женски магазин: Колку е значајна музиката кај нас и колку истата е соодветно почитувана?
Иванова: Музиката е уметност која се служи со тонови како средства на нејзиниот израз.Тоа ја прави исклучително достапна и блиска до човекот.Но, за да се допре до нејзината есенција потребно е активно следење и истражување. Многумина нејзината функција ја гледаат единствено како средство за релаксација или забава. Но, тоа не е ниту нејзината содржина ниту порака. Сепак, јас би била пресреќна кога и само од хедонистички прични концертните сали би биле исполнети до последното столче.
Женски магазин: Која е пијанистката Дуња Иванова, како се роди љубовта кон музиката?
Иванова: Љубовта како чувство кое ве води низ животот, вредностите и навиките, фундаментот го добиваат од семејството. Со нив се раѓате или ги наследувате, растете во одреден амбиент и на тој начин ги прифаќате како природни или неизбежни. Мојата љубов кон уметноста ја добив низ секојдневието во моето семејство, од моите родители, од мојот брат и мојата сестра. Јас сум вистински среќна што го носам во мене чувството кое ми покажува дека го пронајдов мојот пат. И се разбира, што имам можност барем дел од тие вредности да ги пренесувам на моите синови. Затоа што, она што книгата, музиката и уметноста во целина можат да го направат за еден човек е неверојатно моќно и бесценето.
Женски магазин: Дали е посветено доволно за развој на овој вид уметност и култура? Колку е тешко да се стигне до денешната позиција, каков беше развојниот пат?
Иванова: Не станува збор за тоа дека недостасуваат квалитетни настани, Напротив, во последниве неколку години секој ден се нуди нешто убаво. Сепак, со соодветна селекција и вложување во она што е вистински содржајно, а не по цена на популизам, ќе биде уште подобро.
Мојот пат, ако се навратам низ мислите претпоставува многу вложен труд. Се сеќавам кога посакав да се запишам на две магистерски програми паралелно, на ФМУ и Филозофски факултет, татко ми ме подржа од прва, но ми рече: “Знаеш Дуња, ќе треба да прочиташ десетици метри книги.“ Мислам дека е напорно и на моменти фрустрирачки, додека да го “пробиете“ тунелот, да ги надминете стереотипите, конзервативните сфаќања, да ги натерате луѓето да размислуваат надвор од рамката. Останатото е работа, секојдневна и посветена, и со многу љубов.
Женски магазин: Брзото темпо на живеење, трката по пари и борбата за општествена позиција преку политичка моќ допре и до музичкиот свет. Каде се изгубија вредностите на тој пат?
Иванова: Вредностите не се изгубени. Тие ќе опстојат макар и останал само еден нивни чувар кој ќе турка спротивно на кичот и деструкцијата. Во општество во кое недостасуваат основни услови во болниците, да стане збор за естетиката на музиката на пример, се граничи со елитизам. Така што, не е воопшто чудно што недостатокот на основни потреби за некои луѓе и семејства се аплицира на колективниот дух, па сето тоа ги натера луѓето да чекаат во редица за бесплатен пијалок иако не се жедни или да грабаат бесплатни книги кои никогаш нема да ги прочитаат.
Женски магазин: Современиот звук преку пијано изведба е посебен начин на третирање и пренесување на овој вид квалитетната музика до слушателите. Но имаме ли како држава и граѓани слух за уметноста?
Иванова: Способноста да се препознае уметноста и посебно вредната музика, кај некого е вродена, а кај некого стекната особина која низ животот се учи и се подобрува. Денес, за жал, со цел да се привлече што поголем број на публика, без да се води сметка за содржината на она што се промовира, шундот царува. Она што е суштинско и содржајно сеуште опстојува на маргините. Луѓето ги зафаќа некаква летаргија, па се чувствуваат поудобно дома, од каде преку социјалните мрежи можат да бидат во улога на лекари, нутриционисти, уметници, критичари, политичари... Неопходна е стратегија, пред се низ гласот на медиумите но и на образовните институции, нешто како кампања за здрава храна на пример.
Женски магазин: Дали наспроти конвенционалниот начин на следење и презентирање на солистички концерти подготвувате и други видови на презентации за да се приближи музиката до граѓаните?
Иванова: Пред еден месец токму пијано маратонот насловен како “Наминување“ претстави една неконвенционална форма на презентирање на квалитетен музички звук. Тричасовниот настап во центарот на Скопје, на градскиот плоштад, понуди музика за секој кој намерно или случајно се најде на ова место. Пред неколку години во предворјето на Даут пашин амам звучеше Збигњев Прајснер, а многу скоро следуваат уште неколку форми на музика надвор од концертната сала.
Женски магазин: Како образовниот систем е подготвен за едукација и креирање на кадри кои ќе работат и творат на ова поле?
Иванова: Јас сум во секојдневен контакт со наставници и професори кои ме фасцинираат со својата прогресивна мисла. Не сум сигурна дека имаат лесен пристап до ресурсите, но знам дека умеат иако се малкумина, да помогнат на останатите да прифатат промени. Сеуште опстојува мислата дека “порано, во наше време беше подобро, вака или онака“... Но ова е ново време, овие деца се алфа деца, со нов код и поинаков јазик, па неопходно е да се излезе од кутијата и да се погледне подалеку.
Женски магазин: Дали е валоризиран трудот ако се има во предвид дека голем дел од надарени и образовани лица својата иднина ја гледаат надвор од земјава и притоа оставајќи го својот талент и знаење во втор план?
Иванова: Концертите, особено оние кои промовираат современа класика или алтернативна музика не можат да ви донесат заработка. Средствата кои ги доделуваат институциите ги покриваат трошоците околу организацијата и промоцијата на настанот. Но, јас сум родена тука, и дома не може да ми биде ниту едно друго место. Сепак, секој човек има степен на толеранција, па и со годините се менуваат приоритетите. Јас сеуште негувам надеж дека ќе се освестиме колективно, дека Матка нема да биде депонија, вело патеките нема да бидат паркинзи, луѓето ќе почнат да разлислуваат дека “помалку е повеќе“ и наместо вечер со турска серија ќе се охрабрат и ќе отидат на концерт на Македонската филхармонија.
Женски магазин: Зошто за домашните уметници помалку се знае од странските. Недостасува ли поголема рекламна моќ и презентација или можеби поголема институционална поддршка?
Иванова: Се заедно. Концертна агенција, промоција преку медиумите, сериозна селекција и поголема финансиска подршка.
С.Б.