Интервју со Алек Наумовски: „Македонките се едни од најубавите жени во Европа – советувам да бидат самоуверени и свои“
Своевремено важеше за топ-модел кој меѓу првите успеа да направи кариера надвор од границите на нашата земја, а денес е еден од најубавите мажи кај нас, кој сè уште ги краси страниците на модните списанија и рекламира познати брендови. Косопственик е на модната агенција „Моделс Ин“ и менаџер на едни од најпознатите македонски модели. Алек Наумовски е име кое постигна значаен успех во манекенството, па следствено на тоа, потпирајќи се на своето искуство тој е одличен репер за своите модели и нивна „отскочна штица“ за влез во светот на модата и соработка со најголемите брендови. Она што е интересно е дека тој изгледа исто со децении, никогаш немал проблем со килограмите, па затоа вели не му се потребни посебни подготовки пред летниот период, иако напомена дека ова лето поради приватни обврски нема да ужива во песочните плажи и мирисот на морето. Сепак одлучи да сподели неверојатни летни доживувања, авантури, искуства од светот на модата, но сподели и доста корисни совети за секоја жена.
Ж.М. Летото е во полн ек, како се справуваш со топлотниот бран?
-Баш така, летото е во полн ек и веќе две недели се справуваме со топлотен бран. Јас сум тип кој не го сака многу летото па ова ми доаѓа уште потешко, но совесен сум, ги слушам препораките на докторите и ги применувам. Не излегувам на сонце кога е најжешко, меѓу 12 и 16 часот, а ако морам, тогаш без капче, наочари и крема со фактор 50 никаде не одам. Конзумирам пијалоци што содржат електролити кои му се потребни на организмот. Сметам дека климатските промени се алармантни и секој од нас како поединец е одговорен за иднината.
Ж.М. Каде се подготвуваш да заминеш на летување?
-Заради некои зафати и интервенции на забите нема да одам на летување оваа година, но имам некои работни планови кои сакам да ги остварам. Би сакал да ги спојам корисното и убавото оваа есен.
Ж.М. Често патуваш. Што е она што никогаш не го забораваш кога го пакуваш багажот?
- Кога патуваме секогаш сме под адреналин и затоа се случува и да заборавиме некои работи за летување. Обично секогаш се трудам да имам телефон, кредитни картички, резервации, шорцеви и креми со заштитен фактор. Се сеќавам на едно лето пред многу години кога се вративме со друштвото од Грција, целиот мој багаж си го оставив на железничка станица и си се вратив дома мртов ладен. И ден денес се смееме за случката со моја блиска другарка која беше дел од друштвото, Бети Канчевска – Милевска, поранешната министерка за култура, која е голем другар и прекрасна личност. Кога стигнав дома, сфатив дека ми го нема куферот. Се вратив веднаш на железничката станица, ама од куферот ни трага, ни глас.
Ж.М. Летото и љубовта речиси стојат рамо до рамо, па токму затоа и летните авантури се најслатки и нешто што се памети, имаш ли некоја таква која би сакал да ни ја раскажеш?
- Летото е навистина створено за летни авантури и моменти кои остануваат долго во нашите мисли. Имало многу интересни случки и доживувања, ќе издвојам неколку најинтересни. Само првата е поврзана со љубовта.
На мои 15 години првпат бев на одмор со друштво во Грција во местото Неа Модања и се запознав со девојка од Ниш која тогаш имаше 20 години. Излеговме во некое кафуле и јас сакав да покажам дека сум фраер, па така завален во една столица си се клацкав со пијачката и демек лабаво и` правам муабет. Е потоа ми се зализга столицата и не само што паднав наназад, туку си ја удрив главата од дрвото позади. Денес ми е смешно, ама знам дека тогаш умрев од срам пред неа. Среќа таа остана заинтересирана и тоа беше мојата прва тинејџерска заљубеност.
Втората случка е за периодот кога се погодив на одмор во Барселона во исто време кога Елена Реи се сликаше за „Бершка“. Ме однесе и да ја видиме магичната фонтана која ги синхронизира млазовите вода со познати музички нумери. Се разделивме и вечерта јас одам со друштво во некој клуб на журка кога на видео бим одат ревии од Њујоршката Модна недела. Ја гледам повторно Елена Реи и си велам, ова не е можно! И` се јавив веднаш да и` кажам и таа “скромно” ми рече: Е па така е тоа кога имаш светски топ модел во агенцијата!
Третата случка е врзана за одмор во Херцег Нови. Бевме отидени цела банда, ама за жал, ми се јавија дека имам работа и морам под итно да се вратам во Скопје. Мојата многу добра другарка Елена Пресилска исто така реши да го скрати одморот заради некој ангажман и така двајцата тргнуваме со автобус за дома. Ај што патувавме 24 часа, туку цело време и` зборував дека може и да загинеме, па мораше да му прави муабет на возачот за да не заспие додека вози. Среќа Преси ме познава добро, па одлично се носеше со мојот црн шкорписки хумор.
Ж.М. За приватниот живот речиси и ништо да не знаеме, успешно го криеш сите овие децении откако јавноста те знае, како ти успева?
-Сметам дека приватниот живот и треба да си остане приватен, впрочем работата и она по што луѓето ме препознаваат, треба многу повеќе да кажува за мене од љубовните подвизи. Успесите во работата и ангажманите околу моделите се далеку поинтересни и колоритни за разлика од секојдневниот живот. Има некоја магија во тоа да си остане нешто лично твое кое не сакаш да го споделиш и само ти му ја препознаваш вредноста.
Сепак еве нешто лично ќе споделам. Кога живеев во Виена се забавував со Сабине, девојка која сите мои блиски луѓе многу добро ја познаваат. Иако се поминати од тогаш скоро 30 години, ние комуницираме и ден денес. Баш пред некој ден и` беше роденден, па јас и` го честитав споделувајќи заеднички фотографии на мојот инстаграм профил.
Ж.М. Често се дружиш со моделите, некои од нив и едни од најдобрите во Македонија, генерално, какви се тие зад објективот?
Да, секако дека се дружам со моделите, покрај споделувањето професионални искуства и размената на информации, со многу од нив сум поврзан и приватно. Кога ќе дојдат во агенција се многу млади, генерално имаат по 14 -15 години. Тоа е одлична возраст за да се почне со моделинг, бидејќи имаат време да научат, односно да се подготват за да работат надвор од земјата за други светски агенции. Тие се едноставни, лежерни, образовани и секој од нив е уникатен на посебен начин. Научија дека изгледот во оваа работа е само 50 % проценти, другото е професионалност, одговорност, предаденост и голема упорност. Кога си вистински модел луѓето тоа го препознаваат веднаш и посебно те доживуваат, барем во светот, за кај нас не коментирам. Имам одлични дружби со повеќето од нив и ги почитувам затоа што се изградија во вистински светски модели.Ж.М. Дали ги советуваш, кој совет често знаеш да го споделиш со нив?
- Ги советувам, но и слушам како тие размислуваат. Јас сум работел во друго време кога постоеа топ модели и беше огромна борба за да се биде дел од светска агенција. Сега многу работи се сменети, има далеку пониски критериуми и динамиката на работа е многу побрза. Генерално, моите совети се дека секој почеток е тежок и бара многу откажувања во поглед на исхраната и физичката активност, но дека нема подобра инвестиција од вложувањето во себе. Ќе дојде момент кога другите луѓе во модниот свет ќе го видат и ќе го препознаат тоа. Моделите поседуваат фактор икс и доза на индивидуалност, затоа се толку барани.
Ж.М. Дали денес се заработува од манекенството во Македонија? Ако некогаш се реализираа голем број на модни случувања, денес едвај и да ги има, на што се должи тоа?
- Да, може одлично да се заработи, но прво треба да се докажеш и да стекнеш имиџ, репутација дека си професионален и одговорен модел. Можеби не е платено толку добро како во времето кога јас бев активен. Сепак моделите кои веќе се пробија на странските пазари солидно заработуваат. Имиџот и добриот бук (портфолио) далеку повеќе ќе им донесат работа на моделите од милион промашени фотографии кои би ги постирале на нивните инстаграм профили. Прво стекни име и бирај проекти, потоа сами ќе те бараат за работа е вообичаено мојот совет за моделите.
Ж.М. Своевремено беше еден од најбараните македонски модели, ретко кој ја знае и приказната дека требаше да снимаш со Џеј Ло … иако денес е голема ѕвезда, не секогаш било така...
-Од оваа перспектива навистина гледам дека многу сум работел и ќе потенцирам дека најубавиот период во животот ми беше тој кога работев интернационално. И по не знам кој пат ќе и` се заблагодарам на Надица Ѓоргиева која ме откри и буквално ме турна на модната сцена. Имало толку многу проекти и патувања што понекогаш кога ќе се видам на некои слики не сум ни сигурен дека јас сум бил тоа. Како модел имаш безброј кастинзи и така еднаш ме пратија во Минхен на кастинг за новиот музички видео запис на Џенет Џексон. Влегов меѓу првите пет, но друг модел беше избран за спотот. Откако го снимија, видов дека тоа и` бил еден од првите ангажмани на сега големата звезда Џенифер Лопез.
Ж.М. Покрај неа, кои други ангажмани можеш ти биле посебно драги ?
Имам работено на разни кампањи и ревии за Chopard, Stefanel, Меxx, Bоss, Laura Biagotti и многу други. Посебно ги издвојувам соработките со маестралните фотографи Juergen Teller и Andreas Bitesnich.
Ж.М. Она што е интересно е дека речиси и да не старееш, добра козметика или генетика?
-Најверојатно станува збор за добра генетика, бидејќи не сум тип кој премногу би се оптоварувал со креми и посебни режими на исхрана. Не би рекол дека сум на диета, но внимавам што внесувам и со години веќе не јадам месо. Најдобро е да се прифати фактот дека старееме и нема ништо лошо во тоа, многу од моите колеги, модели ја немале таа привилегија. Како што велат, и да си убав ко слика, ако немаш нешто квалитетно и содржајно да понудиш како човек, ќе те заборават за два часа. За жал, живееме во свет на искривени вредности, па затоа има толку несреќни и осамени луѓе.
Ж.М. Со оглед на тоа дека постојано работиш со едни од најубавите жени во нашата земја, кој е твојот совет за секоја девојка и дама, што е она што ја прави посебна?
-Со сигурност можам да кажам дека Македонките се едни од најубавите жени во Европа. Ја имав таа чест и привилегија да бидам опкружен со најпрекрасните дами во текот на сите овие години. Ме инспирираат жени со вродено чувство за естетика, негувани, самосвесни и докажани професионалци. Во ред е ако имаат по некое брендирано парче облека, но многу повеќе ме фасцинира фактот како успеваат да бидат во исто време убави, успешни, докажани и комплетни личности. Мој совет е да бидат самоуверени и свои.
Ж.М. На што би требале да посветат најмногу внимание?
- Секако на себе, од далеку се забележува среќна, негувана и остварена жена. Како што велат, бидете свои, и така сите други се зафатени.
Елеонора А.