ИНТЕРВЈУ СО АНА ЧОЛОВИЌ- ЛЕШОСКА ОД ЕКО-СВЕСТ: Ни треба нова инсталација за почист воздух

Добивај вести на Viber

Конкретен пример на узурпирање на јавен простор кој би можела да го посочам е зафаќањето на тротоарите со кафулиња или паркирани возила. Ова е особено проблематично од аспект на пешаците, мајките со мали деца и граѓаните со посебни потреби. Но, не се само ранливите категории оние на кои им е неопходен јавниот простор

Загадениот воздух, узурпираните пешачки тротори и подгигнувањето на свеста за живот во квалитетна животна средина се се поактуелна тема во нашето секојдневие. Тоа е една од основните дејности на организацијата Еко-свест, која постои веќе 15 години. За борбите со негативните влијание од инфраструктурата, за намалувањето на загадениот воздух и подигнувањето на еколошката свест кај луѓето, разговаравме со Ана Чоловиќ- Лешоска, извршен директор во Еко-свест. 

Свеста и навиката за одговорно користење на ресурсите и за заштита на нашата средина е нешто што се учи од мали нозе

* На што е посветена Еко-свест во моментов? 

- Темите на кои Еко-свест работи се поврзани со заштита на животната средина и човековото здравје од негативните влијанија од инфраструктура, енергетиката, отпадот, транспортот и други сектори. Меѓу овие влијанија најзабележливо е загадувањето на воздухот, но значително застапени се и темите за климатските промени, загадувањето на водите и почвите, уништувањето на природата. Овие теми можат понекогаш да бидат неразбирливи за граѓаните, затоа Еко-свест работи да ги доближи темите до јавноста и да ја подигне свесноста за проблемите за да им овозможи подобра информираност и поефективна комуникација со надлежните институции. На пример, тукушто објавивме анализа за загадувачките материи кои се емитуваат при спалување на отпад. Анализата е придружена со инфографикони кои се лесно разбирливи за граѓаните. Истовремено, во делот на аерозагадувањето, во моментов подготвуваме анализа на мерките за намалување на загадувањето на воздухот - споредба на предвидените и спроведените мерки која ќе ни биде добар показател за тоа што можеме да очекуваме наесен, кога за жал повторно е веројатно дека ќе се соочиме со високо загадување на воздухот. Од практичен аспект, работиме да донесеме уште една инсталација за прочистување на воздухот City Tree во Скопје.

Работиме и на свеста за влијанијата од климатските промени врз целокупното човеково живеење, и подготвуваме национална кампања на темата.

* Дали е тешко да се работи на подигнување на свеста и заштита и унапредување на животната средина? 

- Работењето на подигнување на свеста на било која тема секогаш е предизвик, бидејќи веќе стекнатите навики на луѓето е тешко се менуваат. Свеста и навиката за одговорно користење на ресурсите и за заштита на нашата средина е нешто што се учи од мали нозе - дома и во градинка, училиште и преку медиумите, и ако отсуствува поволното влијание врз младите индивидуи, менувањето на веќе наученото кај возрасните е навистина предизвик. Според нашите истражувања и искуства, особено во делот на заштитата на средината, одговорното однесување и грижата за природата, во Македонија има уште многу работа на подигнувањето на свесноста. Меѓутоа, како што веќе посочив, работењето на свесноста не треба да биде исклучиво работа на еколошките организации или пак само на институциите. Особено голема е улогата на образовниот систем и на медиумите. И секако, она што е клучно е што идните генерации го гледаат дома - ако во домот се користат практики на одговорно однесување кон средината, секојдневно се прават барем мали позитивни промени и се зборува за придобивките од чистата и здрава животна средина, со природната смена на генерациите- свеста ќе порасне. Но, би сакала да нагласам дека за ова да се случи, клучно е секој од нас да разбере и да одлучи дека промената почнува од него. Никој не може да ни овозможи здрава околина ако самите не ја создадеме и чуваме за себе и следните генерации. 

* Има ли нашиот народ свест за сочувување на животната средина? 

- Нашите истражувања велат дека нашите граѓани точно го дефинираат најгорливиот проблем со кој се соочуваат во својата средина и знаат кој е одговорен за истото. Како пример, свесноста за загадениот воздух значително порасна во изминатите неколку години. Според истото истражување, речиси 50% од нашите граѓани се подготвени да направат позитивна промена во својот дом за да не загадуваат или за да загадуваат помалку, дури и ако за тоа е потребна одредена инвестиција. Ова покажува дека свесноста се развива и луѓето сѐ почесто ја поврзуваат негрижата за животната средина со ефектите врз сопственото здравје. Дури 70% од граѓаните би сакале да учествуваат во некоја еко-акција и тоа јасен индикатор дека свесност во одреден степен постои, но треба и да се поттикне! Еко-свест како организација отворена за сите заинтересирани волонтери, особено за оние со креативни идеи за еко-акции и без оглед на возраста. Сите заинтересирани за вклучување во активности за подобрување на животната средина можат да нѐ контактираат преку нашите канали на социјалните медиуми.

Женските права во Македонија се уште не се остварени на соодветно ниво. Се уште има девојчиња кои не посетуваат училиште.- Ана Чоловиќ- Лешоска

* Кој е најлошиот случај на сообраќајна и култура на нехигиена со која сте се соочиле?

- Не би можела да издвојам најлош случај, но ако ја споредувам средината во која живеам со било кој европски град, состојбата кај нас навистина е на незадоволително ниво. Наместо оплеменет и разубавен јавен простор за потребите на граѓаните, јавниот простор премногу често ни е узурпиран. Конкретен пример на узурпирање на јавен простор кој би можела да го посочам е зафаќањето на тротоарите со кафулиња или паркирани возила. Ова е особено проблематично од аспект на пешаците, мајките со мали деца и граѓаните со посебни потреби. Но, не се само ранливите категории оние на кои им е неопходен јавниот простор. Впрочем и нема некој кому не му пречи ваквата состојба со узурпирањето на јавните простори, што беше евидентно на социјалните мрежи каде под хаштаг #Јавен Простор граѓаните го изразуваат своето незадоволство. Она за што и јас лично и Еко-свест како организација постојано се залага е да се слушне гласот на граѓаните за ваквите проблеми и да се испочитуваат нивните потреби од страна на институциите бидејќи само така можеме заедно да градиме здраво и среќно општество. Кога сме веќе кај институциите, неопходно е истите да станат поажурни, поодговорни и насочени кон потребите на граѓаните за здрава средина и здрав живот.  Со оглед на тоа што институциите се сервис за граѓаните, поттикнувањето на пешачењето и возењето велосипед, како и воспоставувањето на нови зелени површини, урбани катчиња со интересни и едукативни содржини и одржување на јавната чистота треба да бидат приоритети за нив. 

* Кои се вашите приватни приоритети и имате ли свои лични ритуали? 

- Мојата работа не завршува кога стигнувам дома. Тоа не значи дека работам дома, туку дека она што го промовираме како организација, го живееме во нашите секојдневни животи дома. На пример, еден од моите приоритети е со моето секојдневно живеење да го сведам моето негативно влијание врз животната средина на минимум. На пример, важно ми е оброците кои ги подготвувам за мене и семејството да содржат многу зеленчук и овошје кои се локално произведени. На нашето неделно мени месото се наоѓа најмногу три пати неделно поради големиот негативен придонес кон климатските промени на месната индустрија. Исто така водам сметка да го собирам отпадното масло и да го давам на рециклирање. Во викендите поминувам време во природа со семејството, но и тука обрнувам внимание на одржливите практики. На пример, секогаш кога дозволуваат временските услови одењето во природа е со велосипед.

Попладнињата ми се „резервирани“ за семејството и пријателите, а од неодамна јогата ми стана секојдневен ритуал. Друг ритуал кој го применувам најмалку еднаш неделно е нега на лицето со маска која сама ја приготвувам дома од природни состојки како овошје, мед и слично.

Во однос на личните приоритети, со оглед на тоа што навистина верувам во она што го работам и за што се залагам, мој приоритет е да продолжам и понатаму да работам на остварување на визијата на Еко-свест за праведно, одговорно и совесно општество каде здрави граѓани одржливо живеат во благосостојба и во хармонија со животната средина. Моето гледиште е дека доколку секој од нас работи во насока на постигнување на ваквата визија, Македонија ќе биде поубаво место за живеење за сите нас. 

* Дали жените во Македонија имаат еднаква улога како и мажите? 

- Иако е јасно дека жената секогаш имала клучна улога во развојот на општеството, женските права во Македонија се уште не се остварени на соодветно ниво. Се уште има девојчиња кои не посетуваат училиште, жени кои трпат семејно насилство во некоја форма или кои поради условите во кои живеат воопшто и не стигнуваат да размислуваат за одржливоста на своите практики и за своето влијание на животната средина. Сепак, сметам дека секоја од нас треба да осигура дека промената која сакаме да ја видиме во светот ќе започне со нас. Според мене, секоја жена има обврска кон себеси, но и кон своето семејство и целото општество да се еманципира и да преземе одговорност за својот живот и своите практики затоа што жената, особено во нејзината улога на мајка, е клучен фактор во социјализацијата на младите генерации и во насочувањето на истите кон живеење во хармонија со животната средина и кон одговорно користење на заедничките ресурси. Само на тој начин ќе успееме да изградиме задоволно и одржливо општество, а во таа задача, која е навистина голема, жената ќе има главна улога. 


Милица Џаровскa