Интервју со Бобан Милошески: Специјалната војска „Авалон“ ќе се бори до последен момент

Добивај вести на Viber

Концертот на Амира Медуњанин на 9-ти август во Античкиот театар во Охрид е првиот најавен проект на „Авалон“ продукција по петмесечна пауза. Првиот човек на продукцијата, Бобан Милошески вели дека иако постои надежта дека еден ден ќе се разбудиме и ќе ни соопштат дека короната е обичен грип, сепак многу го боли периодот на неработење и откажувањето на настапот на Placebo и на фестивалот Оhrid Calling. Милошески, во интервјуто за Женски магазин зборува за тоа како тој ја гледа новата нормалност во неговата работа, и искрен е кога вели дека изминативе месеци му поминале ужасно и одвратно. Бобан се сеќава на најубавите концерти на Авалон, но и на својот покоен брат Даниел, кој почина пред шест години на 15 јули во 2014 година. 

* Неодамна добивме оптимистично соопштение од „Авалон“ дека новото издание на фестивалот „Ohrid calling“ може да се случи, а потоа ново, дека се одложува за 2021 година. Ви беше ли тешко кога моравте да го соопштите тоа?

- ОHRID CALLING е договорен многу одамна и уште кога го објавивме фестивалот, бевме свесни дека доколку не се случи позитивно чудо, неговото одржување нема да биде можно. Надежта постоеше барем во оној размер во којшто се случи како негативно чудо ова со коронава преку ноќ, дека ќе се разбудиме еден ден пред 1-ви јули и истите овие коишто тврдат дека се работи за пандемија, ќе ни соопштат дека ова не е веќе пандемија туку обичен грип. 

Сепак, за да можеме да направиме reschedule за идната година, моравме да го објaвиме распоредот за годинава, иако повторувам, уште кога го објавивме фестивалот беа минимални шансите за негово одржување глобално.

Во принцип откажувањето на Placebo и откажувањето на Оhrid Calling многу ме болат, бидејќи само јас знам колку е тешко да се доjде до вакви работи и после тоа целиот труд да падне во вода, ама како што викаат, сила бога не моли, што е - тука е. 

* Како успеавте да се договорите со истите артисти дека гарантирано ќе дојдат во Охрид и догодина, со оглед на нивниот распоред и планови? 

- Оhrid Calling е сериозен бренд, со сериозен бекграунд и реално не постојат комерцијални диџеи коишто се во Европа во периодот на неговото одржување, а коишто не сакаат да настапат на фестивалот. Јас лично инсистирав на истиот line up три дена, со можност догодина ако исплива нешто интересно, да се додаде и четврти ден, а ако не, сосема се доволни три дена. 

* Ќе работи ли „Авалон“ во скоро време под условите на „новото нормално“, половина капацитет на публика, маски.., има ли ќеф и има ли есап во таквото работење?

- Да ми кажеше некој на почетокот на март дека вака ќе се одвиваат работите немаше да верувам. Се` што кажав и се` што проектирав околу нашата работа и короната- промашив, и толку се тоа отиде во една друга крајност, да верувале или не, сега основниот ќеф и јас и останатите од „Авалон“ го црпиме од фактот што е сега многу потешко да направиш концерт за 1000 луѓе во Охрид со дистанца и маски во август, него да речеме да ги работиш Simply Red во Белград во старото време, бидејќи ужасно ме нервира ова што сега се нарекува нова нормала, затоа што е далеку од нормално. 

Јас цело време тврдам уште од самиот почеток дека ова што го работам е уметност, а уметноста не се дели на мала и на голема, така да- да, имам големо задоволство и императив да се случи нешто и во овие услови, се разбира со некоја достоинствена организациска црвена линија, за концертите сепак да личат на концерти. 

Исто, многу се битни артистите во овој сегмент. Не гледам како би се правел хеви метал концерт со визири (се смее), а не гледам пречка за електронски настани и културни концерти со маски и со визири. 

* Кој е следниот ваш концерт- проект, можете ли нешто во блиска иднина да најавите?

- Па еве веќе најавена е Амира во Охрид, а многу веројатно е дека ќе ја додадеме и Битола. Останатите проекти се финализирани и ќе бидат објавувани во наредниве денови. 

Ќе се обидеме да направиме четири-пет концерти во античките театри во Охрид и во Битола во август, како и еден мини електронски фестивал во Охрид за максимум 3000 луѓе од вечер, на локација на која собира 10.000 посетители. Сега додека го одговарам ова, ме фаќа „тиха језа“ и сфаќам дека многу полесно би ги направиле The Rolling Stones анплагд во оној стар симпатичен крш Универзална сала- Скопје во нормално време, него ова што сега го планираме за август и за септември во ова време. 

Ама, специјалната војска наречена Авалон ќе се бори до последен момент прво затоа што на луѓето им треба нешто нормално за психички да издржат, а богами и нас. (се смее)

* Сантана, Боб Дилан, Масив Атак, Орбитал, Били Ајдол, Пинк, ѕидот на Фејсбук ви е полн со спомени од минатите лета во Скопје кога блиску до нас биле овие ѕвезди. Кое скопско или охридско лето ти е лично најдраго? 

- Ако збориме за некој внатрешен филинг на задоволство, кога мислам дека јас сум се чувствувал најубаво, кога овие градови биле најубави, и кога луѓето околу мене се чувствувале најубаво, ќе ги издвојам следниве две работи: едната е концертот на Lenny Kravitz во Охрид, бидејќи ни пред тоа ни после тоа во Охрид никогаш немало толку добри и убави луѓе и убава атмосфера, и концертот на Pet Shop Boys на Плоштадот во Скопје. Мислам дека Скопје немал никогаш поубав септември од тој. Така едноставно некако се` се поклопи, „циганско лето“, еден ден пред Pet Shop Boys имаше натпревар Македонија - Англија и Скопје навистина изгледаше како многу убаво место за живеење. 

* Постои ли неостварен сон-план кој си зацртал дека мораш да го оствариш, во однос на концерт на светски музичар или бенд кој би го донеле во регионов? 

- Се разбира дека постои, ама се работи за нереални работи за коишто одамна сум се помирил дека само чудо може да се случи, за да би се оствариле регионално, од типот на Bruce Springsteen, Stevie Wonder, Rage Against The Machine. 

Е, сега, има тука еден catch. Музичката индустрија во моментов стои. Дали му се допаѓало тоа некому или не, „Авалон“ е во сегментот на букирање на артисти, убедливо најголем од сите независни промотери на просторот на бивша Југославија и во моментов никој не може да биде сигурен што ќе се случи кога ќе почне новата партија на покер, некаде на зима, кој какви карти ќе добие. Мислам дека она everything is possible во било кој сегмент, позитивно или негативно, никогаш пореално не ми звучело во врска со мене во моментов. 

* „Своевремено одбив шестоцифрен број на фунти од еден британски весник, во три броја да зборувам што се случувало пред, за, и по обидот за концерт на сиротата Amy.“, напиша на Фејсбук за последниот концерт на Ејми Вајнхаус во Белград кој го организираше „Авалон“. Што е она што можеш да го кажеш за неа, како ти ја доживеа? 

- Па сум зборувал неколку пати за ова и секогаш ми е тешко. Некако приватно го доживувам и секогаш одново го преживувам. Се` беше некако чудно околу Amy. Да речеме од првиот момент уште кога го резеврвиравме хотелот Хајат за екипата на „Авалон“, ни беше кажано од страна на нејзиниот менаџмент дека на катот на којшто ќе бидеме ние и Amy, во мини баровите не смее да има алкохол, што од првиот момент беше за мене стресно, па се` до моментот кога нејзиниот менаџер ја дигна на раце уште на скалите од бина и ја стави во кола. 

Се` ама баш се` беше многу проклето чудно. Кога сега малку ќе подразмислам, тоа е досега прв и последен gig во историјата на „Авалон продукција“ во којшто ние сме немале никаква контрола ама баш на ништо. Ниту можевме да влијаеме на тоа што се случува на бина, ниту пак да речеме ќе можевме да спречиме нешто што за среќа не се случи, неколку 1000 луѓе да ја гаѓаат Amy со што ќе стигнат. 

Елем, за да биде мојот проблем емоционален, се потрудив јас самиот со себе бидејќи се убедив дека менаџментот на Amy се` што направи смислено за да ја претстават Ејми до тој степен како bad girl за да тоа одекне како што одекна, што би претставувало практично убедливо најголема реклама за нејзиниот нов албум којшто требаше да се појави два три месеца после белградското шоу. 

Бев на свадба кога ми јавија дека починала и не можам да опишам колку ми падна тешко, затоа што единствено што е потешко од тоа да ако мора да ги проголташ некои свои зборови, е тоа дека некогаш мора да дојдеш во ситуација да ги проголташ своите мисли што е неверојатно тешко и во овој случај мене тоа не ми успева никако, поготово во периодот на годишнината на нејзината смрт. 

* Како изгледаше секојдневието на „Авалон“ и твоето лично секојдневие во изминативе четири месеци, откако музичката индустрија застана во целиот свет, па се разбира и овде? 

- СТРАШНО! Језиво ужасно, одвратно. Неверојатно ми беше, и ми е тешко во ситуацијата во која се наоѓам. Повеќе од седум месеци не сум ги напуштил Скопје и Македонија, што гарантирано во мојов живот се нема случено. После еден месец дома, почнав да доаѓам секој ден во канцеларија, да си седам и си комуницирам претежно со колеги од целиот свет, околу тоа, што е ова што ни се случува. Веќе напишав еден статус со којшто се отсликува мојата реалност, а тоа е дека сегашново време многу потешко ќе го преживееме ние кои живееме за работата, отколку тие што живеат од работата.

* Колку те плаши вирусот и имаш ли некоја претпоставка или прогноза дали и кога ќе се вратиме во старото нормално, и какви ќе се вратиме? 

- Вирусот како вирус не ме плаши доколку е природен и доколку е ова некоја природна состојба. Во животов ми се случувале пострашни работи со многу пострашни последици за чиј епилог воопшто не сум бил прашан. Ме плаши ако е се` ова изрежирано и наметнато и како некој нов ужасен начин за обид на нов живот и како генерална проба за евентуално некој пострашен вирус што би се случил во иднина. 

Можам најискрено да ти кажам дека иако сум во најдобрите години и за живот и за работа, доколку нема назнаки за стар нормален живот, ова новово ќе мора да помине без мене. Многу поголеми и попаметни, поуспешни луѓе од мене и на помлади години од мене, едноставно се повлекувале во некоја селска тотална илегала и така живееле до крајот на својот живот. Едноставно би се предал и би се обидел да го и угасам мозокот и едноставно да угасам се` што имало во претходниот живот. Не се гледам себеси како полу-робот во некој целосно роботизиран свет. Јас сум сепак old school ама баш во се`.

* Која музика те релаксира и те расположува баш во ваквите денови?

- Една од работите поради која сум и многу лут на Миа Милошеска е што многу доцна ми ја откри платформата Deezer. Тоа се случи во најкритичните моменти, првата недела кога не` затворија и можам да кажам дека единствената позитивна работа овие четири месеци освен што најдов некои стари драги слики коиштo многу ми значат, е што слушам многу повеќе музика отколку порано. Благодарение на Deezer-от, успеав да ислушам многу албуми за коишто само сум слушнал, но никогаш не сум ги ислушал целите и некои стилови на музика со коишто не сум се бавел во минатото како да речеме: соул, фанк и слично, па така сега можам да кажам дека станав стручњак за Marvin Gaye и Otis Redding, Sam Cooke, Blood Sweet and Tears итн...

* Наскоро се навршуваат шест години од смртта на твојот брат Даниел. Која е најважната работа што ја научи од него? 

- Да. Неверојатен е податокот дека поминаа шест години од кога го нема Данче на овој свет. Не знам што да кажам за чувство кое е како тоа да се случило вчера за мене. Едноставно за мене времето застана тој ден. 

Јас и ден денеска два-три пати го земам телефонот кога ќе се случи нешто, да му се јавам или да му напишам за тоа што се случило во моментот. Ете, до толку беше нашата поврзаност. Нашиот однос не беше дека некој нешто учи од некого, туку едноставно како деца кои млади останале без родители, ние двајцата се израснавме и изгледавме еден со друг. Сепак би споделил една негова мисла и изјава која многу добива на тежина баш овие денови, а тоа е дека: „Политичарите овде се секогаш во право кога зборуваат за другиот. Проблемот е што не се во право кога зборуваат за себе.“ 

* Твојата ќерка Миа е веќе полнолетна. Колку себеси се гледаш во неа, што мислиш, ќе може ли Миа еден ден да го превземе „Авалон“?

- Реално, јас сум човек којшто секогаш апсолутно се` во, за и околу работата, носел дома. Природата на мојата работа е таква да нема работно време. Поради тоа, Миа е израсната, тренирана и обучена да ја работи оваа работа. Таа беше многу помала од што е сега и го има наместено така мојот мејл, да моите мејлови на мојата адреса ги добива таа неколку минути пред мене. Толку многу ја сака оваа работа. Од друга страна јас сум многу прагматичен и реален човек и никогаш не би дозволил мое дете да се уфурава во нешто ако нема талент или пак реална желба за тоа. 

Во основа на тоа што кажува, таа сака да ја работи оваа работа затоа што како што кажав, таа е скроз во неа уште од фазата после дубак. Имам материјални докази како бебе како се ѕвери во телевизор и ги гледа рекламите на Авалон за концертите на Faithless и Moloko (се смее).

Сепак, се` уште е во години во кои и желбите и интересите се менуваат, така да, да оставиме времето да покаже. Јас ќе се трудам колку што можам ако сака да го работи ова, да има слобода, да не се случи јас како крошна, секогаш да бидам сенка од која нема да може никогаш да излезе. 

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски