ИНТЕРВЈУ СО БРАЧНАТА ДВОЈКА ОД „ПАМПЕРС ОФ Д ФОЛ“: Кристијан сака да биде тапанар, а Јована му е најголем обожавател

Има многу моменти на кои сме благодарни и за кои вреди што се посветивме на оваа прекрасна и возвишена работа. Не жалиме за ништо бидејќи во животот најмногу учиме од непредвидените и понекогаш непријатни ситуации, велат Ирена и Даниел Митревски, основачите на популарниот состав кој одбележува 15 години кариера. Јубилејот ќе го прослават со промотивни концерти во Битола и во Скопје на 29 и на 30 март

Вокалистката Ирена Димовска и гитаристот Даниел Митревски прво ја почнале љубовната врска, а дури потоа го основале бендот „Памперс“ кој по промените во поставата доби и ново име „Памперс оф д фол“. Групата која низ годините имаше повеќе забележителни успеси, први позиции на топ-листите на регионалниот музички канал „Ем Ти Ви Адриа“ и настапи на големи фестивали, месецов одбележува значаен јубилеј - една и пол деценија кариера. За професионалните патишта, но и за приватниот живот познатата брачна двојка зборува во продолжение.

Покрај Ирена и Даниел, во актуелната постава на бендот се и басистот Мортен Џеј и тапанарот Иле Лулевски


Женски Магазин * На крајот од месецов имате закажано два промотивни настани. Што ќе се случува?

Даниел: Станува збор за промотивни концерти, на 29 март во кафе-барот „Камарите“ во Битола и следниот ден во ноќниот клуб „Станица 26“ во Скопје. Тоа ќе бидат настапи на кои сакаме со многу љубов и посветеност да го измузицираме материјалот од нашиот трет албум All About You кој сега го издадовме на плоча, а веќе некое време е достапен во електронска форма на „Епл мјузик“.

Женски Магазин* Одбележувате 15 години кариера. Која е најубавата работа што ви се случила изминатиот период, а за кој професионален потег знаете да кажете: „Подобро никогаш да не ни се случеше“?

Даниел: Има многу моменти на кои сме благодарни и за кои вреди што се посветивме на оваа прекрасна и возвишена работа. Не жалиме за ништо бидејќи во животот најмногу учиме од непредвидените и понекогаш непријатни работи.

Женски Магазин* Почнавте како прогресивен гламрок-состав, во меѓувреме експериментиравте со стилови, а пошироката публика ве запозна како поп-рок бенд по серијата настапи на „Макфест“ и на националниот евровизиски избор. Како денес ја дефинирате вашата музика?

Ирена: Сме имале најразлични насоки и називи од критичарите, но нашата музика всушност секогаш како и сега се движела во поп-рок и инди-рок насоките.

Ирена: Мотото „Ја враќаме музиката“ на американската издавачка куќа со која соработуваме е она што нè карактеризира и во татковината и надвор


Женски Магазин* Наскоро првпат ќе свирите во Велика Британија, а најавивте и поголема есенска турнеја низ Скандинавија. Како се случија овие ангажмани? Од каде интересот на тамошните промотори токму за вашата музика?

Ирена: Сево ова се случува поради одличната, плодна соработка со издавачката куќа „Алајанс рекордс“ со седиште во Њујорк. Тие ни ги отворија перспективите и дадоа светска димензија на нашата работа. Оваа дискографска куќа е позната по тоа што негува музика со богатство на тонови и скали кои имаат уметнички пристап, така што мислиме дека има стил кој нас ни лежи и не прави уникатни во морето од мноштво жанрови. Сметаме дека нивното мото „Ја враќаме музиката“ е она што нè карактеризира и во татковината и надвор. Луѓето од САД ни овозможија соработка со реномирани композитори во музичкиот свет, но и со нашиот басист Мортен Џеј кој е светски етаблиран и свирел со Цукеро, Јоан Озборн и Мајкл Руф. Претходно сме настапувале во Италија, Унгарија и во регионот, а сега дојде на ред и Лондон кој е мека за рокенрол.

Даниел: Битола е расадникот на музичката сцена во Македонија, а ние избравме да сме близу до изворот

Женски Магазин* Дали сте имале прилика нешто друго да работите или музиката е вашиот единствен извор на приходи?

Ирена: Даниел работи како наставник и може да се каже дека на некој начин овие две занимања се поврзани. Воедно се јавни професии и јавни настапи кои го облагородуваат човека.

Женски Магазин* Скопје е центарот на естрадните случувања, но вие никогаш не се преселивте во главниот град. Зошто?

Даниел: Скопје е центарот, но Битола е расадникот на музичката сцена во Македонија. Ние избравме да сме близу до изворот заради автентичноста на нашата музика која се создава во опуштена, смирена и непосредна атмосфера.

Познатата музичка двојка со ќерката Јована и синот Кристијан

Женски Магазин* Како што се развиваше бендот, така се менуваше и вашиот статус. Од момче и девојка станавте сопружници, потоа и родители. Кога ви било најтешко?

Даниел: Можеби сме биле исцрпени или совладани од емоции и задачи, но никогаш не е најтешко. Сите периоди се благословени на свој начин. Разликата е што порано можевме комплетно животот да ѝ го посветиме на музиката, а сега ни треба подобро организирање на времето.

Женски Магазин* Имате две деца. Кои се нивните моментални интереси?

Ирена: Кога ќе прашате родител да си ги опише децата ќе ви рече дека се најубави и најинтелигентни. Кристијан е едно активно петгодишно момче кое го сака Бетмен и Бејблејд. Омилени книги му се оние за диносауруси. Многу е музикален и сака да биде тапанар. Јована има една година и омилена личност ѝ е брат и. Сака да си игра со него и да го гушка.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов