ИНТЕРВЈУ СО БУГАРСКАТА АКТЕРКА ГЕРГАНА ДАНДАНОВА: Нашиот живот е тежок, но се бориме и веруваме

Добивај вести на Viber

Три пати сум играла на македонска сцена. Бевме пречекани многу срдечно и топло. Го разгледав и Народниот театар во Скопје кој е прекрасен, убав, модерен, вели познатата бугарска актерка која вечерва гостува во МНТ со претставата „Железниот светилник“

Го обожава морето, најмногу сака да мечтае. На нејзината работа гледа како на еден бесконечен одмор. Во театарот се заљубила на прв поглед, како што вели, бурно и засекогаш. Првите чекори во театарската уметност ги направила во гимназија, кога се запишала во театарска школа. Следниот успешен чекор било нејзиното конкурирање во „ВИТИЗ“, каде ја примиле во класот на Пламен Марков. На почетокот на втора година дебитирала и на професионална сцена. Актерката Гергана Данданова денес е дел од трупата на театар „Бугарска армија“, а македонската публика ќе се увери во нејзиниот талент вечерва во Македонскиот Народен Театар каде ќе биде изведена претставата „Железниот светилник“ заснована на првиот роман од тетралогијата на бугарскиот писател Димитар Талев, родум од Прилеп.

* Претставата „Железниот светилник“ е заснована на истоимениот роман на Димитар Талев, еден од најчитаните и најпопуларните литературни творци на овие простори. Оние кои го читале знаат дека убавината на неговите дела се емоциите во напишаниот збор. Беше ли тешко да се долови таа енергија? Како течеа подготовките?

- Работата со Асен Шопов е вистинско задоволство. Тој е режисер, кој одлично знае што прави и зошто го прави. Чест ми е да играм во негова претстава. Се сеќавам на мојата зачуденост и изненадувањето, кога започнавме да работиме на ликот на Катерина. Како да беше напишана за мене, толку блиска и топла до моето срце. А тоа е исклучок и ретко се случува таква симбиоза меѓу актер и улога. Затоа немав никакви проблеми за време на пробите.

* На вечерашната прва изведба во Скопје е најавено дека ќе присуствуваат и премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов како поддршка за развојот на културата во двете земји. Колку сте информирани за нашата театарска сцена, дали претходно сте имале прилика да соработувате со наши уметници?

- Три пати сум играла на македонска сцена, во Скопје и во Охрид. Бевме пречекани многу срдечно и топло. Го разгледав и Народниот театар во Скопје кој е прекрасен, убав, модерен. За жал, не ги познавам лично вашите актери и ќе ми биде мило да се запознаеме.

* Каков е статусот на бугарските актери и воопшто на вработените во културно-уметничките институции кај вас? Може ли комотно да живеете од ова што го работите?

- За жал културата во Бугарија е принудена да е на последно место. Тоа го прави доста тежок животот на творецот. Платите се крајно незадоволителни, особено за актерите со семејства. И сепак се бориме и продолжуваме да веруваме, дека работите ќе се средат, дека ќе имаме една достојна награда за трудот и емоцијата што ги вложуваме.

* Која Ваша улога ја сметате за најкомплексна од оние што досега сте ги одиграле?

- Можеби Албена и Дездемона, и покрај тоа што кога има потешкотија се мотивирам повеќе. Тоа е како тешка сложувалка, што треба да ја наредиш. Во театарот „Бугарска армија“ имам многу различни улоги, за што сум ѝ многу благодарна на судбината.  

* Кои се Вашите интереси кога завесата ќе се спушти? На што го трошите слободното време?

- Сакам да патувам. Го сакам морето. Планината. Секој слободен момент (кој се случува многу ретко) собирам сили и енергија од природата.  

* Која е последната работа што Ве воодушевила?

- Мелодија, очите и насмевките на моите блиски луѓе, детенце кое трча со тротинет, старата баба што проси.. Секој миг се возбудувам. Светот е возбудлив..

* Кои се Вашите професионални амбиции?

- Да сме живи и здрави, добри и љубени. Сè друго се случува како што е пишано и треба да се случи. Јас многу верувам во судбината и не можеш да избегаш од тоа. Што ти е пишано..

Ѓорге Стојанов