Да вложиме напор да го сочуваме не само физичкото здравје туку и внатрешниот мир: Интервју со д-р Маја Шушлевска

Д-р Маја Шушлевска Павковска е специјалист интернист, кардиолог со повеќегодишно искуство во интерната медицина, пред сè кардиологија. Има завршено медицински факултет и специјализација по интерна медицина на медицинскиот факултет во Скопје, а своето стручно искуство го надградува со учество во бројни симпозиуми, школи и конгреси во регионот и пошироко.

Д-р Шушлевска Павковска пред оснивањето на сопствената ординација ја раководеше првата приватна ординација по интерна медицина и кардиологија во Скопје 11/2017 – 10/2020, основана од др.Јосиф Наумовски, истакнат кардиолог од клиниката за кардиологија при медицинскиот факултет во Скопје и еден од основоположниците на лабораторијата за катетеризација на клиниката.

Без сомнение срцето е најважниот орган во нашето тело, а токму за клучни проблематики поврзани со него разговараме во прво лице со д-р Маја.

* На почетокот би Ве замолилa да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.

- Првенствено би го издвоила дипломирањето на медицинскиот факултет во Скопје камен темелник на долгогодишна напорна и посветена работа. Истовремено и потврда за личниот капацитет и истрајност.

Секако специјализацијата по интерна медицина беше големо постигнување и ентузијастички момент кој носи мотивација за уште повеќе да уживате во улогата на лекар, веќе искусен на повеќе полиња. Во тој контекст, морам да ја издвојам едукацијата по ехокардиографија на клиниката за кардиологија, како неизнвазивна дијагностичка метода, исклучително важна алатка, а нејзиното изучување и совладување ми претставуваше особено убав предизвик и голема радост.

Потоа би го издвоила вработувањето во ординацијата на д-р Јосиф Наумовски, основач на првата приватна ординација по интерна медицина и кардиологија, „Атиккор“. Можам да кажам, искуството од работењето со него, за мене има непроценливо значење.

И на крај, отварањето на сопствената ординација е секако моментот кој претставува заокружување на дотогашните професионални остварувања.

* Дали отсекогаш знаевте дека сакате да станете доктор? Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?

- И во детството и во средношколските денови, јас бев заљубеник во природните науки, математиката, физиката, биологијата, така што идејата дека медицината ќе стане моја животен повик се реализираше постапно. Притоа менував средни училишта, па од познатиот „Корчагин“ се запишав во „Никола Карев“, своевремено насока по биотехнологија за да можам да конкурирам на медицинскиот факултет. Но, сакам да напоменам, дека во многу аспекти од секојдневниот живот, сосема очекувано и во медицината, ние ги применуваме науките, па така во секојдневната работа, јас се потпирам и ја препознавам физиката, хемијата, додека анализирам ЕКГ или правам доплер на крвни садови. Тоа ми претставува значајна сатисфакција особено, што токму на многу принципи од физиката и математиката се потпираат и новите иновативни дијагностички испитувања и во инвазивната и неинвазивната кардиологија, во смисол на рано и прецизно дијагностицирање и терапија. Токму поради тоа и вештачката интелигенција која веќе е навлезена во кардиологијата и наголемо во медицината, се потпира врз податоци кои ги анализира науката.

* Како беше да учите од истакнатиот кардиолог д-р Јосиф Наумовски, што ќе Ви остане засекогаш врежано во меморијата од него?

- Д-р Јосиф Наумовски беше маркантна фигура во македонското здравство и кардиологија, работењето со него можам да го наречам привилегија која несомнено имаше клучно влијание врз моето формирање како кардиолог и професионалец. Д-р Наумовски беше неуморен ентузијаст заљубеник во кардиологијата, врвен клинички доктор со беспрекорен инстинкт во дијагностицирање на различни заболувања, но и доктор кој ги сакаше и се поврзуваше со своите пациенти. Често знаеше да каже, дека прегледот започнува веднаш кога пациентот ќе влезе во ординацијата и треба да се набљудува надворешниот изглед, бојата на кожата на лицето, дишењето, држењето на телото, динамиката на говорот и гестикулациите... И дека не може лекар да биде добар во својата професија доколку нема соодветен габарит литература прочитано зад себе, особено светските класици, дека лекарот треба да биде не само образуван, туку сèстран човек со слободен и прогресивен ум. Внесуваше нему својствен дух на уметноста во многу ситуации и оние кои го познаваа, знаеја дека е голем почитувач на класичната музика и балетот. Лекар и кардиолог од светски ранг, кој ја согледа убавината на кардиологијата и ја сподели со своите ученици.

* После пандемијата на Ковид-19, забележуваме сè повеќе луѓе со кардиоваскуларни заболувања. Дали постои превенција од истите?

- Пандемијата Ковид-19 главно се манифестираше како респираторните и срцеви заболувања во различни форми, пред сè срцеви и мозочни удари, аритмии, замор, срцева слабост. Тоа се должи од една страна на директното дејство на вирусот и неговиот афинитет кон ендотелот на крвните садови и склоноста кон тромбози, а од друга страна поради дисбалансот и пореметувањето на имунолошкиот систем (ковид и долгиот ковид синдром).

Како превенција спрема овие компликации, би ги посочила имунитетот, редовниот сон и редовната физичка активност, правилната исхрана, справувањето со хроничниот стрес, навременото јавување на лекар, систематските прегледи.

* Кои срцеви прегледи се задолжителни, од најмала до најстара возраст?

- Редовните посети кај матичниот лекар и педијатар се многу важни, во детската возраст однесувањето на детето, растењето се значаен показател за функцијата на кардиоваскуларниот систем. Децата се подложни на интензивни метаболни промени во растењето што предизвикува значајно оптоварување на срцето, а користењето на стетоскопот во голема мера ни помага да ја зацврстиме проценката. 

Во раната тинејџерска возраст веќе може да се направи ЕКГ, особено важно кај децата кои интензивно тренираат спортови.

Кај возрасните сè повеќе се зголемува потребата порано да се направи физикален преглед, ЕКГ и ехокардиографија заради општо познатите услови на живеење, кои наметнуваат порана појава на хронични срцеви заболувања, како покачен крвен притисок, скриен шеќер, покачени маснотии кои се основа на предвремена појава на атероматоза и атерокслероза. Тука, би сакала да ја истакнам улогата на тестовите на оптоварување како клучни во дијагностицирањето накорорнарната болест, на пример треадмил стрес тестот, одењето на подвижна трака кое претставува силен природен стресор кое моќно го оптоварува срцето за да разоткрие евентуален проблем. Неговата прецизност дополнително се зголемува доколку пациентот веднаш по стрес тестот се испита и со стрес ехокардиографија додека неговото срце сè уште работи со висока фреквенција.

* Дали срцевиот удар може да се почувствува предвреме, кои се главните симптоми?

- Срцевиот удар во најголем број случаи настанува како резултат на постепено стеснување во луменот на крвниот сад кое во извесен момент може да се затвори и да настане прекин во циркулацијата која го напојува тој дел од срцевиот мускул. Многу поретко настанува како резултат на вродена аномалија на крвниот сад, аномално излезиште или во склоп на системска болест (васкулит, системски лупус, рвматоиден артритис на пример). Токму поради ова сознание, можеме да ги класифицираме пациентите спрема нивниот ризик (вроден и стекнат) колкава е веројатноста да им се случи такво стеснување па соодветно на тоа препорачуваме испитиувања како екг, ехо на срце и веќе споменатиот стрес тест. Но, многу се важни податоците кои тие ни ги даваат во смисол дали имаат одредени тегоби кои сугерираат ваков проблем, на пример, стегање или болка во предсрцевиот предел, трнење на рацете, болка во грбот, гушење, осoбено ако се јавуваат при напор или емоционален стрес, а притоа особено е важно доколку и во семејството веќе имало срцеви заболувања.

* Постои ли храна која го зајакнува срцевиот мускул и го заштитува од заболувања?

- Секоја храна која е благотворна за целиот организам е добра и за срцето. Но, со оглед дека срцето е голем енергетски потрошувач и со тоа изложено на висок оксидативен стрес, а од друга страна сè повеќе постојат докази за врската помеѓу исхраната и срцевите заболувања како на пример покачениот крвен притисок и атероматозата поради високите триглицериди и холестерол, несомнено е дека правилната исхрана го чува срцето здраво. Особено се препорачува зелен листест зеленчук богат со витамин К, маслиново масло заради антикосиданси и мононезаситени киселини, јаткасти плодови како ореви и бадеми, целозрнести житарици, овошјата како малини капини, боровница, потоа темното чоколадо и какаото заради специфичните теобромини, зелениот чај итн. Доволно е да погледнеме во исхраната на стогодишниците од т.н. „Blue Zones“ на пример Сардинија, Охајо или Окинава каде целокупниот животен стил во хармонија со природата придонесува не само за длабока, туку и моќна старост и виталност.

* Дали со стресниот начин на живот е забележителен пораст на срцеви заболувања кај младите? Не често гледаме дека и млади под 20 години доживуваат инфаркт. Која е причината?

- Неслучајно се препорачува со здравите животни навики да се започе од најмладата возраст. Отсуството на физичката активност и исхраната со висок гликемичен индекс и висока концентрација на заситени масти е подлога за прераната атероматоза, но и рана појава на покачен крвен притисок, дијабет, додека нездравите, а популарни навики како пушењето цигари, придонесуваат за прерано стареење на крвните садови. Истотака, употребата на одредени супстанции како кокаин, амфетамин, рекреативни други можат да доведат до срцев удар.

Би сакала да го издвојам моето запазување во однос на хроничниот стрес како многу агресивен ризик фактор, кој и кога нема други зналајни ризик фактори умее да ги оштети крвните садови. Свесни сме динамиката на живеење на која сме изложени зема сериозен данок и дека треба да вложиме напор да го сочуваме не само фиизчкото здравје туку и внатрешниот мир.

* Кога се препорачува да се направи коронарен тест?

- Стрес тест се препорачува како рутински преглед на одредена возраст (на пример мажи на 40 годишна возраст кога немаат други ризик фактори), а по потреба доколку имаат типична или нетипична градна болка и придружни ризик фактори. Стрес тестот е многу важно дијагностичко средстсво бидејќи претставува тест на динамско оптоварување на срцето со кое она што срцето може да го компензира или прикрие во мирување, во текот на тестот станува манифестно. Притоа не се дијагностицира само коронарна болест, туку утврдува и латентна срцева слабост, проблем во функционирање на залистоците, различни видови кардиомиопатии т.е. заболувања на срцевиот мускул.

* Дали на ехо преглед може да се забележат сите промени на срцето?

- Ехокардиографскиот преглед овозможува визуелизација на срцето и неговите структури, преткомори, кокмори, перикардиумот односно срцевата ќеса и големите крвни садови, аортата и пулмоналната артерија како и проценка на функцијата на срцето со помош на доплер методата, а во поново време и напредни методи како „speckle tracking“ ехокардиографијата со која се мери степенот на деформацијата на срцевите комори и преткомори. Иако веќе релативно стара метода, нејзината улога е фундаментална, во поново време се користи „pocus“ („point of care“) ехокардиогарфија кај тешко болните срцеви пациенти за да може брзо да се разграничи за каков срцев проблем станува и да се продолжи со сооодветна дијагностика или терапија. Понатаму, со ехокардиографијата може да поставиме дијагноза или да го лекуваме пациентот, но доколку е потребно зависно од ехо наодот може да побараме магнетна резонанца на срцето за одредена состојба. Така што можеме да кажеме, дека со ехо на срце можеме во детали да ги анализираме срцето и во огромен процент од промените да поставиме дијагноза и план за лекување, а во одреден помал број на случаи кога се работи за промени во структурата на срцевиот мускул, на пример миокардит во зародиш или одредена форма на кардиомиопатија, правиме магнет на срцето за да утврдиме аномалија.

* Кај децата често е забележан шум на срцето. Колку е опасна оваа состојба и како може да се лекува?

- Целокупниот детски организам се наоѓа во интензивен метаболизам, а срцето на детето е мотор на истиот кој треба да го овзоможи растот и развојот. Оттаму е важно да се направат основните кардиолошки прегледи уште во најраната возраст, т.е. во родилиште за да се утврди присуство на конгенитални аномалии кои типично се презентираат со соодветна клиничка слика и аускултаторен наод, односно срцев шум на слушалка. Постојат вистински, органски срцеви шумови кои се прилично јасни според својот тајминг, местото каде се слушаат на градниот кош и својот интензитет и најчесто се резултат на дефект во срцевите прегради (меѓукоморни или пректоморни), популарно наречени дупчиња во преткоморите или коморите. Но, постојат и невини, функционални шумови кои се резултат на забрзаната срцева работа и нормалниот проток на крв, имаат ниска фреквенција и се музикални. Врз основа на класифицирање на шумот назначуваме ехокардиографија или пак следење.

* Какви сè други услуги нуди Вашата ординација, по што е посебна?

- Покрај кардиолошкиот преглед, кој се состои од ЕКГ, ехокардиографија и интернистички преглед, во ординацијата се изведува и тестот на оптоварување на трака по кој следи стрес ехокардиографија за прецизна дијагностика на коронарна болест и други функционални испади во работата на срцето. Истотака на располагање се и АБПМ 24 часовниот холтер за следење на крвниот притисок, ЕКГ холтер за дијагностицирање на проблеми со ритамот, доплер ехо на каротиди и периферни крвни садови, ехо на аортата.

Можам да додадам дека моето долгогодишно искуство во интерната медицина и познавање на проблематиката на тироидеата, болестите на метаболизмот и дијабетот, бубрежните заболувања, со помош на ехо евалуацијата на тироидеа и ехо на абдомен, ми овозможуваат сèопфатен и интегративен пристап во работата со што често пати дијагностицирам срцево засегање како секундарен проблем во склоп на друго основно заболување (на пример бубрежна слабост) или пак срцето страда заради нелекување на хиперактивна тироидеа или бубрежно заболување. Познавањето на синергијата на внатрешните органи е важен предуслов за навремено откривање на проблеми како би можеле успешно да се лекуваат.

Истотака, за мене е многу важно пациентот добро да го запознаам со неговата состојба и што е можно повеќе да споделам со начините на лекувањето. Често пати, кога се работи за состојба во која доминира психолошка проблематика, а се манифестира преку срцето, знам да препорачам книга од жанр белетристика или пак книга која се занимава со духовниот развој.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?

- Се обидувам да го применувам она што секогаш им го препорачувам и на моите пациенти, се релаксирам со семејството, се препуштам на вибрациите на природата, на Водно, возам велосипед... Уживам во добро избран филм или книга.

* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?

- Медицината е професија која неизбежно ве следи каде и да се наоѓате и знае да ве преплави. Се трудам да издвојувам приоритетни задачи и да се подобрувам организациски. Сепак, морам да кажам дека професионалното усовршување како што е следењето на стручни настани, симпозиуми и вебинари ми претставува убав напор кој ме релаксира.

* Мото кое Ве води низ животот? 

- Ќе го цитирам познатиот германски математичар Гаус:

Не знаењето, туку процесот на учењето, не поседувањето, туку патот кој води до него, го дава најголемото задоволство. И ќе додадам, негувањето на детето во себе и неговата потреба за игра, ја чини суштината секој човек и не треба никогаш да престане.


Д. Караташова Илиоска