ИНТЕРВЈУ СО ДИЗАЈНЕРКАТА ЗАНА АЛИУ: Црвената боја е за храбрите жени
Младата модна дизајнерка Зана Алиу својата нова колекција „Red&The spectrum“ ќе ја претстави утревечер (петок), на отворањето на 17. по ред Моден викенд Скопје. Настанот ќе се одржува од 30 март до 1 на интересна локација, во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“. Со Зана Алиу разговаравме за нејзината работа, инспирацијата, дамите со коишто соработува и за нејзиното мото „Што те прави да се чувствуваш убаво“, кое многу ја исполнува.
Женски магазин - Што ќе понудите на ревијата „Зана Алиу Шоурум“ на претстојниот Моден викенд Скопје?
Зана- Елегантност, префинетост и привлечност се карактеристиките кои ја опишуваат ревијата на „Зана Алиу Шоурум“ на претстојниот Моден викенд, утревечер, во петок. Секогаш кога креирам, сакам мојот карактер и стил да биде дел од таа креација. Мојата сензуалност да допре до желбата на секоја девојка, да се чувствува онака како што се замислува. Тоа е и моето мото „Што те прави да се чувствуваш убаво“, токму тоа чувство е тоа што не исполнува.
Женски магазин- Како би ја опишале колекцијата „Црвената и спектарот“ (Red&The spectrum“) и за кого е наменета?
Зана- Одговорот е, претставување на мојот личен карактер. Се сметам за феминист, а сето ова испреплетено со тоа дека сѐ е сработено со трпение, енергија, посветеност кои се карактеристики на самата црвена боја која асоцира на желба, страст, љубов и на целата моја колекција и дава еден интензитет,динамика и женственост.
Женски магазин- Зошто е даден акцент на црвената боја, кога и таа е дел од Спектрумот на бои?
Зана- Црвената боја ќе ја претставува жената како храбар карактер и со доверба во себе. Како секоја од нас се исполнува себеси со доверба и со моќ. Другите бои на Спектарот кои се претставуваат во разни нијанси на користените материјали- создавање на моите креации, ќе бидат едно директно интерпретирање на компонентите, кои го формираат самиот живот на една жена. Преку мојата колекција патуваме низ животот, секогаш со убави тонови на бои, тоа е мојот одговор за квалитетното живеење.
Женски магазин- Што или кој ви најголема инспирација, за какви клиенти и за каква публика создавате?
Зана- Феноменот на убавото е моја главна инспирација, истовремено и принцип на мојата работа. Моите клиенти не ги делам според возраста, мојата природа ми дозволува да бидам флексибилна во моето дејствие. Токму поради тоа се обидувам моите креации да ги приспособувам со личностите за кој работам.
Тамара Тодевска носеше креација на Зана на Златна Бубамара на популарноста
Женски магазин- Соработувавте со Тамара Тодевска, остана впечатлива нејзината појава во светкавиот комбинезон кој вие го дизајниравмт. Со кои други познати личности соработувате и ви се предизвик?
Зана- Критиките секогаш се добредојдени, мојата соработка со Тамара,публиката многу добро ja прифати. Иако сум на почеток и уште нема една година од кога почнав да работам, моето портфолио со соработки со јавни личности не недостасува. Исто така со светскиот модел Елена Реи (Трајановска) имавме супер соработка, и пак ќе имаме, таа ќе биде дел и од претстојниот Моден викенд Скопје на мојата ревија. Соработувам и со пејачки и од Албанскиот шоу-бизнис односно естрада како Биг Мама, Елита и други. Предизвик ми е секој, на кој му се допаѓа мојата работа, затоа се надевам дека на овој настан ќе дојде до израз уште повеќе мојата креативност и потенцијал.
Женски магазин- По модниот викенд, кои ви се следните планови?
Зана-Модниот викенд е многу важен настан за мене, прв пат на модна писта ќе дебитираат мои креации, и сигурно ќе биде голем чекор за светла иднина, но ова се зависи од тоа како моите креации ќе бидат прифатени од публиката. Едвај чекам да се соочам со критиките на широката публика, било тоа позитивни или негативни. Следните планови, уште од сега мирисаат на топло преоптоварено лето, ќе работиме поинтензивно за да можеме да ја постигнеме цела таа побарувачка на елегантниот карактер. Токму и заради тоа мојата линија одлучив да биде тој карактер. Се надевам дека после ревијата побарувачката ќе порасне а јас веќе професионално сум спремна за да го изведам најубавото од секој кој ќе дојде на врата кај мене.
За Женски магазин, Милица Џаровска