ИНТЕРВЈУ СО ИВАНА БАЛАБАНОВА: Со танц се бориме против семејно насилство
Идејата за претставата „Тишина“ стои во фиока веќе две години. Инспирацијата е од реални ситуации на деца од нашето студио. Тоа е и она што го отежна процесот, бидејќи на сите ни беше потребно време да созрееме и да се подготвиме за изведбата, не само физички, туку и психички, открива познатата кореографка
На 20 јуни на големата сцена во МОБ, културно - уметничкиот центар „Битрикс“ ќе го претстави аудиовизуелното шоу „Тишина“. Идејата за претставата е поттикната од еден од најчестите проблеми на денешницата, семејното насилство. Низ танцовиот перформанс осцилираат ситуации од вистински приказни од секојдневието на членовите и нивното опкружување. Деталите за настанот кој ќе се обиде да ја разбуди свеста и да охрабри промена кај оние на кои им е најпотребна ги има кореографката Ивана Балабанова која е и креативен директор на проектот.
* „Тишина“ носи силна порака за една исклучително сензитивна тема. Од каде идејата? Дали Ве инспирираше некоја конкретна животна приказна?
- Идејата за создавање на оваа претстава стои во фиока веќе две години, како да го чекаше вистинскиот момент за да дојде до реализација. Инспирацијата, пак, ни доаѓа од реални ситуации на деца од нашето танцово студио. Впрочем, тоа е и она што можеби го отежна процесот, бидејќи на сите ни беше потребно повеќе време да созрееме и да се подготвиме, не само физички, туку и психички за изведбата.
* Споделивте неколку поразувачки податоци за жртвите на семејно насилство. Сметате ли дека „Тишина“ ќе придонесе за будење на свеста?
- Еднаш, многу одамна, прочитав една реченица: „Штом всадиш една идеја во главата, речиси никогаш не се искоренува“. Секоја иницијатива, независно од тоа колку луѓе ќе допре на почетокот, доколку успее да разбуди нешто во нив е знак за нов почеток. Ние имаме големи цели и би сакале да го издигнеме овој проект на едно повисоко ниво, со активности со кои ќе допреме до што повеќе луѓе. За почеток, се надеваме дека премиерата во МОБ ќе им ги отвори очите на тие 800 гледачи. Кај нас, за жал, насилството е вкоренета традиција, независно дали зборуваме за една мала шлаканица или пак за посериозни форми. Тоа доаѓа со општествените наметнувања, сиромаштијата на овие простори и слабата едукција, како и целиот товар на „тежок живот“ кој нашиот народ го носи на плеќи. Сепак, сметаме дека е време да се направи промена и да се пресече кругот на ваквите навики.
* Претставата е најавена како спектакуларна. Колку танчери се инволвирани, какво шоу може да очекуваат љубителите на танцот?
- Тргнувајќи од фактот дека денес е навистина тешко младите институции како нашата да се пробијат во уметничкиот свет кај нас, за нас е спектакуларен само моментот што успеавме да пласираме нешто свое на големата сцена во МОБ. Станува збор за аудиовизуелен перформанс во кој се вклучени различни танцови техники, но најмногу хип-хоп со примеси на модерен балет во одредени сцени. Во одредени сцени музиката ќе биде отпеана во живо (акапела), а ќе бидат вклучени и интересни моменти со видеобим. Кореографи сме јас и Леонардо Хусеини. Голем број на лица на различен начин ќе учествуваат во реализацијата: Тина Васков (психотерапевт), Марсебен (нашата видео продукција), Ана Стојановска (графички дизајн), јас како кретивен директор и заедно со Лео (кореографи), Наташа Бабулова (костимограф), Томислав Балабанов и Ивона Попчевска (техничка поддршка), како и цели тимови на лица одговорни за озвучување и светло. Претставата ја изведуваат напредниот јуниорски и сениорски тим на „Битрикс“, а брои вкупно 31 танчер.
* Има ли Македонија силна танцова сцена?
- За жал, ние сме онаа генерација која ќе ја изора почвата за некои нови збиднувања и нови промени, па во моментов не можеме да ги почувствуваме последиците од сѐ што се случи во изминативе 3/4 години. Сепак, Македонија е една популација за која не за џабе велат дека е родена за танц и музика, бидејќи навистина, најголемиот дел од децата кои доаѓаат во нашето студио се талентирани. Но, како и за се, финансиите и можностите за едукација се сѐ уште пречка за да постигнување поголеми височини. Со она што досега ни било пружено и сме го оствариле, многу храбро се држиме блиску до светските танчери и глобалната сцена.
* Членовите на вашиот танцов клуб се повеќекратни шампиони на многу државни и меѓународни натпревари. Што сметате за Ваш најголем успех?
- За нас навистина се значајни достигнувањата на ESDU Светското првенство во модерни танци каде две години по ред го освоивме вицешампионското место, а добивме и награди за „Најдобра кореографија“ на целата урбана категорија и пласман во најдобрите 20 точки од целото натпреварување кое брои над 50.000 танчери. Од уметнички аспект, креатори сме на двете танцови претстави „Издигнување“ и „Делови“. Со Леонардо го создадовме и проектот „Битрикс Танцова Лига“ кој е единствениот танцов камп во Македонија. Уште еден драг проект ни е Beatrix Specials кој го започнавме лани, а веруваме ќе стане традиција. Станува збор за еднонеделни семинари со нашите инструктори, од кои сите се снимени со групите кои тој час ја научиле кореографијата и објавени на нашиот канал на „јутјуб“.
ЗА ВИЗУЛЕНИОТ КОНЦЕПТ НА „ТИШИНА“
Ана Стојановска, графички дизајнер и концептуалист со долгогодишно работно искуство со македонски и странски брендови накратко ни го објасни визуелниот концепт на „Тишина“.
- Концептот презентира моќна визуелна приказна, раскажана преку едноставна, прочистена естетика со порака за тишина која зборува. Раката обоена со црна боја како симбол за насилство, метафорично го отсликува чувството кое останува како дамка во животот на жртвите на семејното насилство. Преовладува црно-бел колорит, но боите кои се искористени во креативата го доловуваат ритамот и оптимизмот на танцовиот перформанс. Проектот “Тишина” е уметничка креација инспирирана од приказни кои нѐ опркужуваат, но жртвите најчесто живеат молчејќи.Драго ми е што сум дел од овој проект и се надевам дека ќе успееме да помогнеме во охрабрување за гласно и активно справување со овој проблем – вели Стојановска.
Ѓорге Стојанов