Интервју со Јагода Јанковска: Влогот во детската креативност и слобода е влог во подобра иднина

Добивај вести на Viber

Секој влог во правилниот развој на децата е влог во подобра иднина за сите, а ние се обидуваме да најдеме разни начини за да им ги доближиме на дечињата вистинските вредности, вели Јагода Јанковска, раководител на одделението за образование во Општина Центар. Со неа разговаравме по повод претстојните седум настани за деца што ќе се одржат под отворено небо на повеќе локации во општината, под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“. 

Основна цел е децата да излезат надвор и да се дружат, да им се исполни денот со интересни содржини, за да се намали времето што го минуваат затворени дома пред таблетите, телевизорите или компјутерите. Во маалските паркови тие ќе цртаат, ќе ги учат игрите што ги играле нивните родители кога биле мали, ќе учествуваат на музички и театарски работилници, а сè со цел да се поттикне нивната креативност и да се развива другарството и социјализацијата.


* Маалскиот живот е слика за заедницата. Како општина која има богата традиција на маалско дружење и активности, што очекувате од ова издание на општинскиот проект за летна анимација на најмладите?

- Се надеваме дека со оваа убава и креативна активност ќе ги поттикнеме не само децата, туку и нивните родители или бабите и дедовците меѓусебно да се дружат. На едно место ќе бидат собрани многу деца и многу возрасни и тоа е една убава можност за негување на маалскиот дух и за заеднички поминато време во заедничкиот јавен простор. Ова е четврта година по ред како Општината Центар реализира активности на отворено за време на летниот распуст, со цел да го збогатиме културно-забавниот живот на нашите дечиња. Досега работевме само театарски претстави, а оваа година одлучивме да ги збогатиме активностите и во насока на унапредување на ликовната и музичката култура на децата. Годинава сакаме преку мултикултурни настани и забавни игри кај секое дете од општината да ја разбудиме желбата да излезе надвор и да биде во паркот, каде се случуваат разни видови на забава. Во исто време, активностите се така конципирани што ќе овозможат да се откријат скриените таленти што можеби некои од децата ги имаат за одредена уметност и на тој начин да го поттикнеме нивниот иден развој.


* Креативноста и социјализацијата се развиваат од најрана возраст, а преку игри, дружење и уметност се создаваат здрави и одговорни генерации. Дали Општина Центар ваквите проекти ги гледа и како своја инвестиција за перспективна иднина? 
- Како и секој друг проект кога се во прашање најмладите и овој за нас е многу сериозна инвестиција. Целиме кон социјализирана младина, кон младина што ја препознава и почитува уметноста и квалитетниот начин на живот. Се обидуваме да најдеме разни начини на дечињата да им ги доближиме вистинските вредности и да дадеме поддршка на родителите во нивното квалитетно воспитување и социјализација. Овој проект е еден од нив. Децата од мали мора да бидат изложени на убавото, на естетски вредното, на квалитетна музика и култура, за да ја прошируваат својата свест. Треба да имаат можности на различни начини да го спознаваат светот околу нив.

* Факт е дека децата премногу време поминуваат пред таблети и компјутери, а на родителите им останува малку време за квалитетни активности. Дали е време општините да почнат да размислуваат и да се однесуваат како „трет родител“?

- Како што и погоре напоменавме, општините мора да делуваат на локално ниво и да бидат вистинска поддршка на родителите. Ние не можеме да бидеме трет родител, затоа што тоа се нашите наставнички, но можеме и сакаме да бидеме партнер на родителите и на наставниците во градењето на здрави генерации. Имено, локалната власт е таа која треба да понуди услови и да создаде средина за здраво воспитување и едуцирање на децата, што сепак во крајна линија е задача на нивните родители и наставници. 

* Што да очекуваат учениците и родителите од Општина Центар од следната учебна година?

- Секоја година ја збогатуваме Програмата за работа на Одделението за образование на Општина Центар со нови проекти и активности, што ги црпиме од потребите на децата од предучилишна и училишна возраст. И оваа учебна година ќе реализираме активности, со кои ќе се потрудиме да го подобриме квалитетот на образованието и квалитетот на животот на учениците. Но, пред да започне учебната година, сакаме да им посакаме на сите наши дечиња убаво и забавно лето и да ги поканиме на заедничките дружења, кои ќе ги организираме во рамките на проектот „На одмор сум, во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“.