ИНТЕРВЈУ СО КРЕАТИВНИОТ ТАНДЕМ ЗА ДИЗАЈН „ИСКРА И ЛИДИЈА“: Интернет продавница е нашиот следен чекор
Модната дизајнерка Лидија Георгиева и архитектката Искра Јанковска- Михајловска станаа креативен тандем и го создадоа брендот „Искра и Лидија“, кој стана препознатлив по модниот дизајн на домот.
Перниците велат, ги избираат како дел од мебелот со кој ќе ја покажат идејата за изглед на еден простор. Искра и Лидија дизајнираат и огледала, маси, чаршафи и се што може да се стави во контекст на декорирање. Неодамна, својата нова колекција „Зебра“, инспирирана од Африка ја презентираа на настанот „Фешн и Лајфстајл“ во МОБ, а го разубавија и салонот на француската резиденција во Скопје. Со двете дами разговаравме за начинот на работа, и за желбите и плановите кои веќе почнуваат да се остваруваат, нивните производи да се промовираат и надвор од Македонија.
Женски магазин- Како почнавте да соработувате вие две, што ве соедини?
Искра и Лидија- Нашите работни искуства и образование се различни, но сепак се од сродна категорија. Архитектурата и дизајнот се дел од една визуелна област, култура и стил кои двете сме ги граделе на одредено ниво, па токму тука се најдовме. Првичните разговори беа околу потребите за естетика во уредувањето на просторот и сфативме дека добро би се надополнувале доколку соработуваме. Во суштина, имавме потреба да работиме на создавање оригинален бренд, преку кој ќе ја покажеме нашата визија за декорирање на просторот за живеење или работа.
Женски магазин- Африка е инспирација за вашата нова колекција Зебра. Опишете ми ја малку подетално и зошто токму Африка?
Искра и Лидија- Кога работиме на нова колекција, пред сѐ правиме истражување на најновите тенденции во светот на дизајнот, а потоа ги обработуваме во согласност со нашата инспирација и интуиција. Африка ни беше логичен развој на тоа што го имавме како идеја за отпечаток и материите кои ги работевме. Овој континент е топол, магичен и неизмерно инспиративен со своите пространства, автентичност и прекрасни пејсажи.
Кога работиме на нова колекција, пред сѐ правиме истражување на најновите тенденции во светот на дизајнот, а потоа ги обработуваме во согласност со нашата инспирација
Женски магазин- Кога Македонија би ви била мотив и инспирација за нова колекција, како таа би изгледала?
Искра и Лидија- Македонија е можеби следната креативна дестинација, но тоа не мора да значи дека би се користел само фолклорот. Да ја почекаме есенската колекција, ние веќе имаме некои индикации, почетоци на размислувања, па заедно ќе откриеме.
Женски магазин- Како поминаа вашите изработки на настанот „Фешн и Лајфстајл“ во МОБ, има ли интерес кај нашиот народ да купат дизајнерски парчиња за домот?
Искра и Лидија- Ова беше наше трето претставување на публиката. Секоја нова колекција, ни значи созревање, а со тоа и нови фанови и нови комплименти. Навистина имавме одлични реакции, а производите веќе неколку месеци успешно се продаваат во продавницата на „Талија“, во – ГТЦ.
Перниците ги избираме како парче мебел преку кој може лесно да се претставиме и да ја претставиме идејата за изглед на еден простор. Но ние не остануваме само на дизајн на перници. Дизајнираме огледала, маси, чаршафи и се што може да се стави во контекст на декорирање. Секој простор покрај ентериерното уредување има потреба и од декорирање. Тоа може да е наменско, сезонско или едноставно кога корисникот има потреба да смени нешто околу себе, без разлика дали располага со мал или со голем буџет.
Женски магазин- Каде следно ќе го претставите вашиот дизајн?
Искра и Лидија- Нашите редовни презентации се на Скопската недела на дизајнот, тука ја презентираме зимската колекција, а на Фешн и Лајфстајл во МОБ ја презентираме колекцијата пролет/лето. Во меѓувреме сме зафатени со декорирање на простори за кои ќе не побараат, како што на пример неодамна имавме можност да го освежиме салонот на француската резиденција.
Женски магазин- Имате ли планови и можност да се промовирате и надвор од Македонија?
Искра и Лидија- Нашите производи веќе се наоѓаат во прекрасни домови во Париз, Белград, Марсеј, Барселона, Вашингтон… Но, секако планираме и интернет продавница, веројатно тоа ќе биде следниот чекор, бидејќи сериозно се појави таа побарувачка, ни пишуваат на фан страната лица од разни места надвор од земјава.
Милица Џаровска