Интервју со македонскиот татко на кактусите: Особено ми е мило кога некој ќе го добие првиот кактус од мене

Добивај вести на Viber

Познат како македонскиот татко на кактусите, „надвор“ од социјалните мрежи тој е Павел Мише. Потекнува од Охрид, по професија е биохемичар и работи во лабораторија за еко-токсикологија. Втора љубов му се развојот и маркетингот на продукти и услуги. Покрај професионалните обврски, неговата пасија и хоби се одгледувањето на кактуси и сукуленти и саксии за нив во неговата домашна урбана џунгла.

На Инстаграм си „самопрогласен“ татко на кактусите, како дојде до тоа? Од каде љубовта кон овие растенија?

- Мојата „опсесија“ со овие растенија од фамилијата „Cactaceae“ започна пред 8-9 години кога за роденден на шега од другарите добив кактус, па читав како да го одржувам и ме привлече тоа што како растенија се многу самостојни и издржливи, а сепак и покрај нивната грубост во изгледот, знаат да родат, според мене најубави цветови. Оттогаш па наваму, секојпат кога ќе погледнам кактус или сукулент кој е специфичен, знам дека местото му е меѓу останатите педесетина саксии кои ги имам дома.

*  Колку кактуси брои твојата колекција?

- Мојата банда од #КактусНаДенот брои околу 50 членови на најразлични кактуси и сукуленти.

Дали за некој си посебно поврзан? Имаш ли некој редок вид што го нема скоро никаде?

- Имам многу. Но, ако морам да бирам „Aloe vera“, видејќи ја чувам од „бебе“ а сега е една огромна грмушка.  Морам да го издвојам „Cephalocereus senilis“ или бушав кактус. Не знам дали ми е меѓу омилените поради фактот дека тој има коса, а јас не. На трето место, „Ferocactus“ кој ми е омилен бидејќи е ветеран во бандата #КактусНаДенот од самите почетоци.

Дали преферираш да добиваш кактуси за подарок и дали подаруваш кактуси?

- Подеднакво се радувам и кога ги добива, а и кога ги подарувам. Особено ми е мило кога некој ќе го добие првиот кактус од мене.

* Најдобар совет за одгледување кактус?

- Како и за сѐ во животот за да вроди со плод, потребни се љубов и внимание, па така и за нив.

* Обично на луѓе кои не сакаат растенија, им подаруваат кактуси, демек и кактус ако ти овене ептен си лош и неодговорен човек. Твој коментар на ова?

- Иако знам многу луѓе кои успеале да „убијат“ дури и кактус, вклучувајќи ме и мене (што од премногу грижа или, пак, премалку), сепак кактусите заедно со сукулентите се одлични за да почне да се развива свесноста за одгледување растенија. Тоа што не им треба вода на секои ден-два не значи дека не треба да им се посветите.

Дали сметаш дека луѓето се како кактуси. Зошто?

- За мене лично кактусот има одлична аналогија, да најдам убавината каде што никој друг не ја гледа. Истото може да го пресликаме и за луѓето. Сите сме уникатни и убави, на свој начин, во свое време и услови.

Правиш и специјални саксии за кактуси, од каде идејата, што е специфично за нив?

- Како надградба на моето хоби со кактусите и сукулентите, некако природно се провлече и идејата да изработувам саксии кои ќе бидат уникатни несекојдневни, надвор од тоа што може да се набави во локалните продавници и цвеќарници. За мене лично, пластичните и керамичките саксии ми беа досадни, металните не се соодветни за секоја намена или декор, цементните и гипсените саксии се многу порозни и често токсични за коренот на растенијата. Бетонот како материја дојде сам по себе, траен и флексибилен да се приспособи во различни големини и форми. Дополнително, неговата неутралност може да одговара во сечиј дом и со секоја палета на ентериер. Така се роди и мојата идеја за да си ја направам „совршената“ саксија за мојата колекција, која некако суптилно стана комерцијална.

Што сака да прави Павел, кога не е „опседнат“со кактуси?

- Сакам да ја изгледам серија или филм, да готвам и да уживам со пријателите.

* Мото кое те води низ животот.

- Сѐ е поврзано со сѐ останато.


*Д.Караташова Илиоска