Интервју со Ненад Ѓоргиевски: Нашите мајки се покојни, и буквално сами со сопругата се грижиме за близнаците
Три години се нема појавено во Тв емисија како водител, иако целиот свој живот е на телевизија и на радио и буквално порасна пред Тв камиерите. Ненад Ѓоргиевски отсега секое утро ги биди гледачите на „Телма“, како дел од старо-новата постава на Утринската програма. Како татко на близнаци, навикнат е да станува многу рано и вели дека е особено горд родител што за Љупка и за Иво се грижат самите, тој и сопругата без никаква помош. Ненад за Женски магазин ја открива и својата друга, домаќинска страна во која ужива во викендичката крај река, каде што откако почна пандемијата живеел со семејството.
*По долго време, те гледаме во нов ТВ проект, „Утринска на Телма“. Колку време помина од твоето последно ТВ појавување, што работеше во меѓувреме?
- Пред ``Утринска на Телма``, последен проект ми беше ТВ шоуто "Нешто се крчка". Истото заврши пред три години. Во меѓувреме, бев посветен на мојата продукција, работев на видео и аудио реклами и презентации. Кога започна пандемијата, со сопругата одлучивме да пројдеме подолго време во нашата викендица, па таму буквално живеевме година и половина. Од таму работевме, таму реализирав и снимања на одредени видео презентации. И одлично ми дојде паузата од хаосот во метрополата. Куќичка покрај река, доволно време за хоби, ги преполнив батериите.
*По тригодишната пауза, како ти изгледа атмосферата во „Телма“, и вклопувањето во екипата, имаш ли проблем со станување рано наутро?
- Првиот впечаток, повеќе од одличен. Со најголемиот дел од екипата се знаев и предходно, па воопшто не ми претставуваше проблем да се вклопам. „Телма“ е телевизија во која се ангажирани врвни професионалци, секој одличен во својата област. Многу важно за мене, а го почувствував уште на првите состаноци кога се подготвуваше утринската е позитивната енергија која владее и одличната комуникација која ја имаме сите водители меѓусебно. Она во што сум сигурен е дека таа енергија ќе се пренесе и на многу гледачи на ``Утринска на Телма``. Нудиме убави теми, корисни муабети и совети. Концепт кој меѓудругото ќе одвои простор и за здрав начин на живот, спорт, култура, екологија. Впрочем да не објаснувам опширно, следете нè секој работен ден на Телма во 6.55 часот.
Станување рано? Откако сум татко на близнаци, веќе шеста година во моето семејство утрата започнуваат во 6 часот наутро, без оглед дали е работен ден или викенд.
* На кој начин по дома се организирате со сопругата Горана со обврските, со оглед на тоа дека близнаците се специфични и бараат двојна посветеност во исто време?
-Она што ме прави особено горд како родител, е што буквално сами со сопругата се грижиме за нашите близнаци. За жал, нашите мајки се покојни, па моравме како знаеме и умееме да се снаоѓаме. Напорно и доста често хаотично беше додека беа помали, сега е сè полесно. Олеснителна околност е што Горана има флексибилно работно време, па најчесто нејзина обврска се училишните активности на близнаците. Љупка и Иво на 30 ноември ќе наполнат шест години и се првачиња.
*Како ти изгледа еден обичен ден, сега откако си ангажиран и на телевизија и на радио?
-Мојот работен ден започнува со подготовките и водењето на Утринска на Телма, а завршува во Македонското радио каде на програма сум од 15часот. По 17 часот најчесто сум дома, се опуштам и уживам со семејството. Многу новитети ми донесе овој септември.
*Се каеш ли за некоја твоја приватна или професионална одлука, и да можеш нешто да смениш што би било тоа?
- Знам дека ќе звучи како клише, но јас си стојам зад секоја моја одлука како на приватен, така и на професионален план. И да, се случувале грешки, но не се каам, од грешките може многу да се научи.
- Го спомена Македонското радио. Какви ти се сеќавањата на почетоците во МТВ, и како ти изгледаше твоето деби пред камера?
*Од пред некој месец после долго време се вратив онаму каде што почнав како дете, во Македонското радио и неизбежно е при секое влегување да ми се навраќаат спомени. Имав околу 11 години кога првпат почнав да работам таму. Неколку години подоцна, добив ангажман и во Македонската телевизија. Сèуште се сеќавам на тремата која ја имав кога првпат застанав пред камера. Но бев опкружен со професионалци, па со нивна помош, со многу работа и посветеност, за кратко успеав да ја совладам и тремата, но и да ги научам основите на ТВ и радио водителството. За жал денес сè помалку се обрнува внимание на тие основни правила. Убави спомени од тоа време.
* Што правиш кога не работиш?
-Слободното време уживам да го проаѓам во викендицата, Таму го пронаоѓам мирот и сум сè што не сум овде. Постојано се трудам да се занимавам со некоја физичка активност - фарбање огради, косење на тревата... Голем дел од реквизитите во дворот ги правам сам. Летово успеав да изградам и дрвена куќарка која ја користиме за релаксација.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива