Интервју со Сара Климоска: Милена им оддржа лекција на монструмите дека еден ден и нив ќе ги стигне правдата
Во јуни годинава, ѕвездата на филмот „Врба“, на Милчо Манчевски, актерката Сара Климоска ќе патува во Берлин, за да ја прими наградата European Shooting Stars, на манифестацијата која се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин. Сара раскажува дека на интересен начин, со своите најблиски го прославила моментот кога ѝ било дозволено официјално да ссопшти, иако за наградата знаела уште од декември. Улогата на Донка во „Врба“ ѝ донесе светски успех и ја доближи до Бернинале, но шарматната стружанка е многу повеќе од тоа. За Женски магазин, таа открива дел од себеси, и гласно ја поддржува нејзината српска колешка Милена Радуловиќ, чија приказна го трогна целиот Балкан.
* По Лабина Митевска, Наташа Петровиќ и Благој Веселинов, и твоето име се најде меѓу 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа за годинава на 71. Берлинале. Опиши ми го моментот кога дозна дека ќе ја добиеш наградата Shooting Stars, како реагираше, со кого прво ја сподели радоста?
- Уште во декември ми соопштија дека сум дел од Јуропиан Шутинг Старс, меѓутоа не смеев да споделувам со никого се до 12 јануари кога официјално ја објавија таа информација. Вечерта кога ми пуштија меил, бев со моите најблиски пријатели кои се единствени со кои се гледам во овие времиња, така што, уште вечерта прославивме со партија шах.
Улогата на Донка во „Врба“ ѝ донесе светски успех
* Почна ли да смислуваш говор за доделувањето на наградата во јуни, знаеш ли што ќе облечеш?
- Во моментов повеќе се подготвувам за онлајн програмата која ќе се оддржи од 23 до 25 февруари. Има доста време до јуни кога ќе се одржува доделувањето на наградите, но, се надевам дека ќе остварам соработка со некој наш млад дизајнер со кој заедно би се презентирале на таа манифестација.
* Помина речиси една ипол година од домашната премиера на филмот „Врба“. Како од оваа дистанца гледаш на филмот, на искуството на глумиш во него и на сите успеси кои ги постигна?
- Моите доживувања за искуството во „Врба“ малтене и не се промениле од тогаш до сега. Возбудата кај мене за тој филм трае, дури и се зголемува и драго ми е што „Врба“ сè уште патува по фестивали и собира награди.
„Лена и Владимир“ е филм за два лика кои сосема случајно се среќаваат еден со друг и двајцата си помагаат да ја вратат или да ја создадат љубовта што ја изгубиле.- Сара во улогата на Лена
* По „Врба“, што е најзначајно за твојата актерска работа, со оглед на тоа дека на сите можностите ни беа ограничени во време на пандемијата?
- Сите нас пандемијата нè ограничи на некој начин, но среќна сум што сепак не нè спречи да продолжиме да работиме и со одредени протоколи. Минатата година имав можност по втор пат да работам со режисерот Горан Столевски на неговиот прв долгометражен филм со име “Нема да бидеш сама”. Тој филм го снимивме во Србија со актерски имиња од целиот свет. Потоа, работев со режисерката Елеонора Венинова на нејзиниот дебитантски долгометражен филм “Преекспонирано” заедно со актерката Камка Тоциновски и Благој Веселниов кој бил дел од „Јуропиан Шутинг Старс“ во 2019 година. И секако, оваа година со нетрпение ја чекам премиерата на „Лена и Владимир“, на режисерот Игор Алексов, со кого ме примија да бидам дел од „Јуропиан Шутинг Старс.“
* Раскажи ни повеќе за филмот „Лена и Владимир“ кој треба да се промовира годинава и за твојата улога во филмот.
- „Лена и Владимир“ е филм за два лика кои сосема случајно се среќаваат еден со друг и двајцата си помагаат да ја вратат или да ја создадат љубовта што ја изгубиле. Јас ја играм Лена, шеснаесет годишна девојка која бега од дом за деца без родители бидејќи таму за неа не се добри условите и го среќава Владимир во кого ја наоѓа надежта и ја враќа вербата во луѓето.
Сара во „Преекспонирано” , кој е дебитантски долгометражен филм на режисерката Елеонора Венинова* Што за еден актер значи карантин, ограничување во движењето, скратена можност да игра претстави, да снима..., како ти лично го доживеа овој период?
- На почетокот мислев дека ми се врзани рацете и дека доаѓа време кое ќе биде непродуктивно за сите нас бидејќи светот буквално застана во секоја смисла. Имавме приоритет, а тоа беше и сè уште е здравјето на сите нас, но сепак се научив со тек на време да живеам со новата окоолност и да најдам начин како да се инспирирам од тоа што го живееме и да продолжам да создавам. Во оваа прилика, би го спомнала новиот театар „Вондерленд“ кој направи две онлајн претстави во најкритичните моменти на пандемијата. Признавам дека тие делуваа доста инспиративно и охрабрувачки на сите уметници кои во тие моменти си ја преиспитуваа својата егзистенција.
* Во една прилика се имаш покажано дека одлично рапуваш, како се роди твојата желба за рапување, дали си размислувала да се обидеш и во музиката?
- Рапувањето за мене во тие тинејџерски години не беше некое сериозно бавење со музика туку повеќе беше искажување став дека припаѓам во одредена субкултура која се разликува од мејнстрим културата. Понекогаш размислувам во кое друго поле од уметноста би можела да се пробам, но сè уште не е создреана таа идеја за да можам со сигурност да зборувам за тоа.
Во „Would Zou Look at Her“, Сара ја игра главната женска улога
* Беше една од оние кои ѝ даде јавна поддршка на актерката Милена Радуловиќ која призна дека била злоставувана од нејзиниот професор по глума. Како гледаш на оваа нејзина приказна и на оние кои прашуваат зошто молчела досега?
- Најголемиот проблем го лоцирам во тоа што ние сите не бевме толку изненадени за тоа што ѝ се случило на актерката Милена Радуловиќ, туку од тоа што таа собра храброст и успеа тоа гласно да го каже. А за жал, не сме изненадени, бидејќи сите знаеме дека дури во овој момент најверојатно нешто вакво ѝ се случува на некоја друга девојка.
Но ова што Милена го направи е револуционерно. Милена поттикна и многу други девојки, да ги кажат своите приказни и им оддржа лекција на монструмите дека еден ден и нив ќе ги стигне правдата. Среќна сум дека сепак, Милена ја доби потребната поддршка и солидарност која ѝ беше потребна во ваквите моменти за да може да се соочи со траумата. А на оние со прашањето “А зошто чекаше досега?”, ќе им го посветам видеото на Јутуб на новинарката Jelena Obucina кое се вика “Jelena Obućina i naša tišina (19.01.2021.)”.
Милица Џаровска
Насловна фотографија: Жарко Чулиќ