Како прифатив дека моето дете е дел од ЛГБТИ заедницата: Интервју со Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ
Како Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ го амортизирала шокот при соопштувањето дека нејзиниот син е со различна сексуална ориентација и дел од ЛГБТИ заедницата, и целосно се насочила кон поддршката и прифаќањето на новата реалност, што доведува до тоа овие млади да чувствуваат срам и страв да зборуваат искрено со најблиските на овие теми и зошто за нив тоа е стресно искуство, дали воведувањето на сексуално образование во училиштата би ги сменило нештата за ЛГБТИ заедницата, и како би се подобриле нивните права и статус во општеството на подобро?!
Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ е прим д-р невропсихијатар, субспецијалист по болести на зависност, (ECP) Европски сертифициран-семеен и системски психотерапевт, директор на Институтот и менаџер на Школата за семејна и системска психотерапија, мастер тренер и супервизор, а пред сè мајка, мајка на дете кое е дел од ЛГБТИ заедницата, а со неа разговараме како е да бидеш родител на ЛГБТИ дете во општество кое е доминантно хетеросексистичко и хомофобично, во општество каде разликите - од политички, национални, етнички, религиски....па сè до разликите во сексуалната ориентација, не само што не се толерираат, туку кон нив често жестоко, бурно и крајно непријатно се реагира и се повикува на омраза и насилство.
Поради страв од осуда и неприфаќање од општеството, многумина од припадниците на ЛГБТИ заедницата се „свои“ само пред затворен круг на луѓе, колку тоа им влијае на менталното здравје и на квалитетот на животот?
- Зборуваме за млади луѓе кои се во формирање на својот севкупен идентитет во
кој сексуалната ориентација игра важна улога
во формирањето на идентитетското чувство за себе: кој сум јас, како се
доживувам себеси, што претставувам и како ме гледаат другите. Сексуалната
ориентација е многу повеќе од само задоволување на сексуалните желби. Таа е интегрално
поврзана со интимната релација на личноста која тежнее да ги исполни своите
длабоки чувства на потреба за љубов, приврзеност и интимност и да ги обедини и несексуалните психички
влијанија во партнерската релација, како што се заедничките цели, вредности,
взаемната поддршка и постојаната посветеност, важни содржини кои ни се добро познати во хетеросексуалните релации, но не
сакаме да прифатиме дека се еднакво важни и во партнерските релации кај лицата
со различна сексуална ориентација.
На младите луѓе, разбирањето, поддршката и целосното прифаќање
од најблиската околина, пред сè семејството, но и од пошироката
социјална средина, им е особено значајно и им го олеснува патот на себе-пронаоѓање
и себе-формирање во интегрирана, стабилна личност.
Како изгледа нашата реалност! За жал, живееме во општество кое е доминантно хетеросексистичко и хомофобично и во кое толеранцијата е само декларативна именка. Во пракса, разликите не само што не се толерираат, туку кон нив често жестоко, бурно и крајно непријатно се реагира и се повикува на омраза и насилство. Извор на нетолеранција се бројните разлики меѓу луѓето, од политички, национални, етнички, религиски....па сè до разликите во сексуалната ориентација. Тоа пак значи дека овие лица не само што не ја добиваат потребната поддршка и прифаќање, туку ризикуваат да бидат етикетирани, отфрлени и казнети. Неприфаќањето, отфрлањето, маргинализирањето, стигмата, омразата, и често насилното казнување на лицата со различна сексуална ориентација не им остава многу избор, освен да се повлечат, да се “сокријат” од очите на јавноста, да станат “невидливи”, и да бидат како велите “свои само меѓу своите”, во затворениот круг на себе слични, но каде се чувствуваат безбедно, разбрано и прифатено.
Несомнено, сето наведено силно влијае на менталното здравје и квалитетот на животот на младите со различна сексуална ориентација кои се, според истражувањата, многу почесто изложени на разни форми на вербално, физичко и сексуално насилство. Истражувањата покажуваат дека ЛГБТ младите почесто страдаат од ментално здравствени проблеми, имаат долги периоди на депресивни расположенија со суицидни идеи, страдаат од повеќекратни психосоматски тегоби, нарушувања во исхраната и ризични однесувања. Во обидите да ја намалат анксиозноста и напнатоста, што никогаш не ги напушта, често се склони кон екстремни однесувања и почесто злоупотребуваат психотропни супстанции.
Многу побитно од прифаќањето од општеството, за секоја индивидуа, е прифаќање од семејтвото, родителите, најблиските пријатели. Колку и зошто е тешко за личности од ЛГБТИ заедницата да се „отворат“ пред нив ако знаеме дека родителите ги сакаат своите деца без оглед на сè, и дали и колку овде улога имаат стереотипите и стигмата во општеството? Што доведува до тоа овие млади да чувствуваат срам и страв да зборуваат искрено со најблиските?
- Прифаќањето од средината, пред сè од родителите и семејството, е потврда за секоја индивидуа дека е сакана, разбрана, прифатена и дека постои. Родителската љубов, иако би сакале да е безусловна, како идеална за растот и развојот на децата, под влијание е на семејните и социјални транс-генерациски пораки на верувања, вредносни системи, ставови и норми кои значително го моделираат родителскиот однос кон нивните деца, вклучително и изразувањето на љубовта. Родителската љубов е сложено чувство во кое е вткаена грижата, стравовите и внимателно следење и поддршка за детскиот раст и развој, но и голем број очекувања, планови, програми и фантазии за сопствените деца, вклучително и очекувањата во иднина да формираат сопствени семејства со деца, согласно традицијата и културата. Освен тоа, во различни семејни системи различно се негува блискоста, отвореноста, јасноста во споделувањето на информациите, особено оние кои се ненадејни, неочекувани, спротивни на семејните ставови и норми и при тоа општествено неприфатливи. Во атмосфера на сложена општествена ситуација (хомофобија и хетеросексизам), во која се принудени да се конфронтираат со културните очекувања на сексуалното и родово изразување, зависно од тоа колку тие (не)соодветствуваат на она што им е веќе „природно“ дадено, или пропишано, со биолошкиот пол и општествено прифатената родова улога, соопштувањето на сопствената, различна од очекувањата, сексуална ориентација во семејството е секогаш сложен процес, оптоварен со неизвесност, страв и чувства на срам и вина. Поради бројните пораки во однос на сексуалната ориентација кои се претходно присутни во семејството, ЛГБТ лицата стравуваат за последиците од своето соопштување (закани, осуда, казна, отфрленост) и имаат доживување дека ги повредуваат родителите и ги изневеруваат нивните очекувања и конечно дека се, поради својата различност - срам за семејството и виновни за последиците. Во опишаната атмосфера сосема е разбирлива претпазливоста и одлуката да се одложи соопштувањето, како мерки на лична заштита, но и заштита на семејството кое се чини неподготвено да ја дознае вистината.
За некои, тој момент на признавање пред семејството и никогаш не доаѓа, често родителите живеат во заблуда, иако некаде потсвесно, познавајќи ги своите деца знаат што се случува, додека пак истите тие деца живеат криејќи се. Која е цената на ваквиот начин на живот? Кои се последиците и до што доведува таквиот живот, како за родителите така и за децата?
- Иако отвореното соопштување генерално се смета за позитивно, за ЛГБТ младите отворањето на прашањето за сексуалната ориентација пред родителите е најстресното искуство со кое се соочуваат. Ова, како и хомофобичната средина, семејна и општествена, создаваат услови за градење на моќна и ОТРОВНА тајна поврзана со сексуалната ориентација.Ова е особено значајно во семејството, бидејќи како што родителите ги сакаат своите деца и децата ги сакаат своите родители и грижата е обострана. Целта на оваа тајна, како и на многу други, е двојно заштитна. ЛГБТ лицето, криејќи ја вистината за себе, се заштитува од несаканата реакцијата на другите во семејството (осуда, критика, неприфаќање, лутина, отфрлање, сè до физичко казнување и др.), но и ги заштитува и другите семејни членови од болка, тага, стрес, взаемни конфликти и сл., а кои би можеле да се појават доколку ја дознаат тајната.
Секако, и оваа, како и сите други тајни, неминовно ги моделира односите во семејството. Комуникациите се оптоварени со претпазлива и остра селективност во соопштувањето на било која информација, особено оние кои имаат допирни точки со тајната која треба добро да се чува. Тоа го креира патот на емоционално оддалечување и сè поголемо затворање во себе, повторно сè со цел да се сочува тајната. Понекогаш за тајната знае само еден семеен член (често брат/сестра) и тој/таа, заедно со носителот на тајната креираат коалиција и стануваат чувари на тајната, што секако претставува оптоварување и за носителот и за чуварот на тајната. Коалициите креираат остра, ригидна граница кон другите семејни членови кои не ја знаат тајната и сето тоа води кон понатамошно оддалечување во семејниот систем. Од друга страна, вистина е дека голем број родители ја насетуваат вистината и затечени не знаат како да реагираат и како да се справат со новата ситуација, па и самите го негуваат дистанцираниот однос, кој им се чини побезбеден според изреката “не знам, не морам да делувам”.
Разоткривањето на тајната е секогаш остра неразвојна криза во семејниот систем. Сознанието за поинаквата сексуална ориентација на нивното дете ги преплавува родителите со чувство на срам (штом не е општествено прифатено - срамно е! зошто мене...што ќе кажат другите?) и вина (јас како родител некаде сум згрешил/а!). Освен тоа, ги соочува и со голем број загуби: откажување од претходната и прифаќање на новата реалност, соочување со сопствените ставови и верувања и со неопходноста од откажување и промена на сопствените очекувања и фантазии. Затоа, важно е да покажеме разбирање и поддршка за родителите кои и самите минуваат низ сложен и чувствителен процес на лично тагување и оджалување на претходната слика за сопственото дете, за да можат да ја прифатат новата реалност и да бидат автентична поддршка на своите деца.
Некои родители успеваат брзо да се консолидираат, на некои им треба подолго време, за некои тоа е долготраен предизвик. Затоа, за некои семејства отварањето на тајната делува лековито; спречува катастрофа и води кон разрешување на дисфункционалните обрасци, а за ЛГБТ лицето ќе значи ослободување, олеснување, целосно прифаќање и враќање на довербата во семејството. За други пак, разоткривањето на тајната може да води кон катастрофа: влошување на семејните односи и не само помеѓу ЛГБТ лицето и родителите, туку и помеѓу самите родителите и на ниво на целиот семеен систем; што може да го загрози ЛГБТ лицето и да предизвика опасност за него/неа и за целиот систем, се до распад на системот.
Оттука, при донесување на одлука за отворање на тајната потребен е крајно внимателен пристап и сеопфатна проценка на ризиците, наспроти придобивките.
Колку вашата професија ви помогна да прифатите дека вашето дете е дел од ЛГБТИ заедницата?
- Мислам дека во нашето семејство, со нашите деца, од самиот почеток негуваме отворен и емоционално топол однос и нивно целосно прифаќање како индивидуи. Од друга страна, мојата професија како психијатар, а пред сè како семеен и системски психотерапевт, низ годините ми помогна да се менувам, да растам и да се развивам како личност, не само како професионалец, туку и во мојот приватен живот, за да покажам поголемо разбирање за различните мислења и ставови на моите блиски во семејството. Кон ова и мојот претходен десетгодишен професионален ангажман за потребите на лицата во ЛГБТ заедницата. Работев со нив и со нивните семејства, бев целосно посветена на решавањето на тешкотиите со кои се соочуваат со цел подобро взаемно разбирање и прифаќање. Мислам дека сето наведено значително помогна брзо да го амортизирам шокот при соопштувањето и целосно да се насочам кон поддршката и прифаќањето на новата реалност на нашиот син кој е со различна сексуална ориентација.
Како изгледаше моментот кога тој ви призна, дали вие веќе бевте свесни за тоа? Како реагиравте, и би промениле ли нешто во однос на реакцијата?
- Нашиот син на само 18 години замина на студии надвор од државата и ние како родители не бевме заедно со него во значителен дел од неговиот живот. И тој, како и голем број лица со различна сексуална ориентација, во својот адолесцентен период се соочувал со конфузија во сексуалната ориентација, помеѓу општествените хетеросексуални очекувања и неговите лични хомосексуални доживувања. Поради неговите адолесцентни хетеросексуални дружења и кратки врски јас останав со своите очекувања и фантазии и не бев свесна за неговата сексуална ориентација сè до неговото отворено соопштување.
Бескрајно сум му благодарна на отвореноста и јасното и директно соопштување и при тоа долго бев огорчена на својата првична реакција. Знам дека се вознемирив и занемев, во главата рој мисли и неверување. Се обидував со смиреност и сталоженост да го прикријам шокот иако мислам дека тој знаеше низ што минувам. Потоа долго во ноќта разговаравме, сакав што повеќе да знам за него и за неговиот живот. Постојано си велев дека сега не е време за тагување и дека е најважна неговата среќа. Знам дека бев загрижена за него и за неговата иднина и дека постојано го предупредував за сите предизвици кои го очекуваат, како да сакав да го заштитам, а претерав. Иако тој денес вели дека во тие моменти сосема сè било во ред и дека бил одушевен од мојата смиреност, јас сепак, кога би можела да го вратам моментот назад, би сакала да можев да бидам поподготвена и да кажев - Знаев, сè е во ред! И секако да бев помалку напорна во предупредувањата и во својата грижа.
Колку се промени вашиот однос откако искрено разговаравте? Дали исто толку добро беше прифатен и од другите членови на вашето семејство?
- Пред да замине на студии надвор од државата нашиот однос беше исклучително емоционално близок, со интензивна, јасна и отворена комуникација. Откако замина, иако редовно, поретко и пократко разговаравме, а јас мислев дека е тоа поради неговите и моите обврски и во тоа време недостигот на мобилните телефони, но сега знам дека не било така. По отвореното соопштување на неговата тајна, нашиот однос повторно стана интензивен, полн со хумор, ние често и долго разговаравме. Тој вели дека по нашиот разговор се чувствувал олеснето, смирено, среќно, свој, целосен. Вели дека иако пред мене сите во семејството, ќерката и сопругот, некое време веќе знаеле за неговата сексуална ориентација и таа информација ја примиле сосема нормално и без било каква промена во нивниот однос кон него, сепак целовитоста ја доживеал дури по нашиот отворен разговор. И поради ова си велам - колку ли сето ова го оптоварувало. Требаше порано да се случи!
Што е сржта на одбивноста кон ЛГБТИ заедницата од страна на општеството, и како може да се подобри нивниот статус?
- Сексуалната ориентација не е прашање на избор на личноста, ниту е болест. Таа е комплексна и мултудимензионално условена. Она што е особено значајно е фактот дека сексуалната ориентација игра клучна улога во формирањето на идентитетското чувство за себе. Целосното прифаќање на ЛГБТ лицата придонесува за нивното чувство на сигурност, стабилност, припадност, ги намалува ризиците од ментални тешкотии и го подобрува квалитетот на нивниот живот.
ЛГБТ лицата се рамноправен дел на заедницата од која се разликуваат само
според својата сексуална ориентација. Како граѓани на ова општество, ЛГБТ лица
имаат еднакви одговорности како и сите
други, но и право да уживаат еднакви права како и останатите членови во
заедницата.
Загрижува фактот кога во едно општество една група граѓани само поради тоа
што се со хетеросексуална ориентација која е доминантна, одлучуваат да дадат
или одземат права на друга група граѓани кои од нив се разликуваат само поради
различната сексуална ориентација.
Доколку родителот почувствува дека неговото дете е дел од заедницата, на кој начин да му пристапи, како да разговара со него, или пак треба да го остави кога тој/таа ќе биде подготвен/а да му каже?
- Отворениот, но одмерен и внимателен пристап на родителите е секогаш добредојден. Сепак, секогаш е важно да му дозволат на своето дете да одбере кое количество на информации е подготвено да сподели со своите родители во дадениот миг. Нивниот однос ќе се интензивира и збогатува секогаш кога нивното дете ќе почувствува дека е безбедно да разменува информации и дека е автентично прифатено.
Дали сметате дека воведувањето на сексуално образование во училиштата би ги сменило нештата за ЛГБТИ заедницата, на подобро?
- Мислам дека сеопфатно сексуално образование е навистина многу значајно за воспитувањето на децата и мислам дека дури и доцниме со воведувањето. Но целта на ССО не е единствено да биде поврзано со сексуалната ориентација, туку многу повеќе - да помогне да се даде одговор на сите оние прашања којшто децата си ги поставуваат во текот на својот раст и развој, а ние возрасните тешко доаѓаме до тоа да ги објасуваме нештата и да ги запознаваме затоа што очекуваме дека тоа спонтано ќе се случи, дека некој друг ќе треба да ги научи, дека животот ќе ги научи. Сметам дека генерално ССО на децата ќе им помогне да добијат одговор на голем број прашања којшто развојно се појавуваат, и од друга страна ќе им помогне на децата, запознавајќи се низ редовното образование, со сето тоа што ССО го нуди, да умеат подобро да се заштитат, да умеат подобро да реагираат, сето то направено на најсоодветен начин низ дружење со своите врсници. Секако тоа ќе значи и запознавање со разликите во сексуалната ориентација, кога за тоа ќе дојде време, тоа нема да бидат деца којшто се во првите четири години од образованието, малку покасно кога и доаѓа моментот да зборуваме за сексуална ориентација. А запознавајќи се дека постојат различни сексуални ориентации, децата веројатно ќе станат потолерантни, со поголемо разбирање за оние деца којшто веќе наслутуваат во својот ран адолесцентен период дека се јавуваат одредени разлики во однос на нивната сексуална ориентација. Од друга страна мислам дека тоа ќе отвори простор да и тие којшто веќе препознаваат дека се поразлични во својата сексуална ориентација, да можат послободно да разговараат, ќе бидат помалку предмет на булинг, помалку предмет на исмевање и од друга страна ќе имаат поголем простор да ги споделуваат тие свои искуства, не само со своите врсници туку и со своите наставници, родители – значи ќе се даде една поголема слобода за отвореност, да се разговара за одредени теми, а колку сме поотворени да разговараме за различни теми, толку имаме можност да повеќе влијаеме на самата индивидуа и на околината.
Дали сметате дека доколку децата во училиште добиваат знаења и информации на теми како сексуална ориентација, насилство, и други сензитивни теми, би ги ослободило да зборуваат за тоа и дома со родителите и да се ослободат од стравот, срамот?
- Да, тоа е една од алките на ослободувањето, но треба да им се помогне и на родителите низ различни отворени дебати на таа тема, бидејќи детето може од една страна да се чувствува послободно и да му стануваат работите појасни, но тоа треба да му биде јасно и на родителот и тој да ја има некаде таа информација и да се нормализираат различните сексуални ориентации дека сите се под заедничка именка на нормалност.
Ваша порака до сите оние родители кои не прифаќат дека нивните деца се дел од ЛГБТИ?
- Најнапред би сакала да им порачам дека ги разбирам, знам и лично дека не е лесно ниту едноставно да се справат со новата ситуација. Едновремено сакам да им порачам дека иако не е лесно, верувам во нивните снаги и дека е ова моментот кога треба да дојде до израз честата родителска мисла: „сè би сториле за своите деца”, бидејќи нивните деца тоа го заслужуваат. Во спротивно, отфрлајќи ги сопствените деца заради тоа што се, сè повеќе се оддалечуваат од нив, а со тоа нема да се промени фактот дека нивните деца се дел од ЛГБТИ заедницата. Би сакала и да им кажам дека нивните деца се истите оние луѓе кои ги познаваат, со истите вредности и доблести и дека единствена разлика е што се со различна сексуална ориентација, од за нив очекуваната, но со тоа не се помалку нивни деца и помалку луѓе. И уште нешто, дека им се потребни на нивните деца исто како што и нивните деца им се потребни ним и дека таа релација родител-дете е уникатна и незаменлива.
Сакајте ги своите деца какви што се, а не какви вие сакате тие да бидат. Вашите деца тоа го заслужуваат и кога се различни само по својата сексуална ориентација!
Љубица Иванова