Во Македонија има лимитирани ресурси за ваквите занаети, но тоа е мој предизвик: Интервју со уметницата Сташа Божиновски

Добивај вести на Viber

Младата уметница Сташа Божиновски е амбициозна и креативна девојка која на почетокот на месецов во родната Битола ја имаше својата прва изложба „Јазична меморија“ на концептуален накит, мотивиран од македонски зборови. 

Станува збор за проект кој е буквално роден во нејзин сон, и всушност еден почеток на нејзините замисли кои во иднина планира да ги претвори во накит во свое студио за дизајн и изработка.

За себе си и својата уметност која ѝ е љубов всадена од мали нозе, како и за изложбата, детално во интервјуто за Женски Магазин.

ЖМ:  Која е Сташа Божиновска во една реченица?

- Отсекогаш сум била многу љубопитно дете, и денес, постојано поставувам исто многу прашања како кога бев мала, ме интересираат работи, сакам да зборувам за теми кои ја разбудуваат мојата фантазија или ми откриваат нови хоризонти. Ја сакам слободата во секоја смисла на зборот, многу сум отворена кога се работи за социјалниот живот, се сметам за екстроверт, а од друга страна, знае да се појави и мојата друга страна на интроверт кога ќе дојде момент да зборувам за моите достигнувања или личните проблеми и не сакам да бидам во центар на вниманието во јавност.

Имам аватуристички дух и сѐ уште се чувствувам како дете, па и темата на мојата дипломска работа е „Inner child“, за детето кое живее во секој возрасен човек, она кое пребива во секој од нас, но не често луѓето го препознаваат или го оживуваат.

*претходни проекти од студентските денови на Сташа

ЖМ: Твоето презиме е препознатливо по брендот за накит и часовници „Божиновски“. Како што и самиот твој татко Игор објави, на свои 14 години си му се спротивставила на идејата да ја продаде компанијата бидејќи си имала замисла во себе? Раскажи ни за тој момент? И колку беше тежок патот да го оствариш тоа што го вети? Раскажи ни за твојот образовен процес?

- Уште од многу мала сум имала „око“ што би рекле, така кажуваат моите. Двајцата се љубители на уметност и големи естети, па претпоставувам не беше мој изборот да го имам тој сензибилите кој преминал како генетско наследство. И во мојата потесна, но и во пошироката фамилија, дали како хоби или професионално, голем број на моите роднини се тесно поврзани со уметност.

Кога сме оделе на одмор, изработував накит од монистри, врвци и сѐ што имав при рака и ги продавав. Во моите тинејџерски години, учествував на секакви работилници за изработка на накит.

Се сеќавам една вечер, 2013 година на мои 14 години, татко ми не повика сите во дневната соба и ни го кажа своето размислување и одлуката дека сака да ја продаде фирмата. Едно од образложенијата му беа дека целиот живот работел и направил доволно за да продолжи да се занимава со неговите хобиа и да ужива во вториот дел од животот. Од друга страна сметал дека сме премногу мали за од нас бара да го наследиме бизнисот без притоа да сме свесни за големината, тежината и предизвиците со кои би се соочиле.

Секое дете размислува и замислува што сака да биде кога ќе порасне, но тоа се само желби и детски амбиции. Така и јас, често размислував дека сакам да изработувам накит, но никогаш гласно или пак сериозно не сум кажала. Но во тој момент немав ни прилика да се двоумам. Му кажав дека мојот план е да се запишам на факултет за дизајн и изработка на накит во Италија, дека не ја поддржувам неговата одлука и дека сакам да продолжам да го градам тоа што тој го создаде, меѓутоа, според негово кажување, начинот на кој сум го кажала тоа бил толку отсечен, самоуверен и фокусиран па остави да види како би течеле работите доколку ја имам таа шанса.

Имам и двајца помали браќа кои денес се благодарни за тоа.

Не чувствував одговорност дека морам да го исполнам она што го кажав кон него, но моите зборови го засилија моето чувство и желба кон она што навистина го сакав и сакам за на крај да си го исполнам ветувањето, најпрво сама кон себе, а потоа кон него и сите во мојата фамилија.

Се запишав на умтетничка академија во Милано, мојот смер беше дизајн и изработка на накит.

Имав чест да бидам менотрирана од некои од најпознатите имиња во светот на накитот и уметноста, дел од нив се претставуваат како уметници и не се доживуваат како дизајнери. Имав прилика да ги совладам најпознатите и најкористени техники за изработка на накит, од топење на самите метали, изработување на плочки и жици, до краен продукт, резбарење на восок, правење калапи, лиење во метал, работење со софтвери за 3Д дизајнирање, техники на скицирање, тајните на гемологијата, историјата на изработување на накит..... Работев и со емајл, користење на златни ливчиња во парчињата, изработка на накит од алтернатнивни материјали, имплементирање на современа технологија во накитот.

*претходни проекти од студентските денови на Сташа

Факлутетот ни овозможи и созададе многу контакти, посети на галерии, колаборации со модни студиа, покани за Миланската недела за накитот. Како што кажав, моите ментори, професорите, се клучни имиња во овој свет, дел од нив беа дизајнери во големи брендови (Damiani, Van Cleef…), сопственици на галерии, експерти по гемологија и историчари на накит.

Имавме можност да работиме линија на накит за едно миланско модно студио, поврзана со нивната тогаш нова колекција. На крајот на семестарот, пред нивното лансирање на колекцијата беше одбрана една линија од изработена од нас, студентите, која беше концептуално и визуелно најадекватна, а тоа беше мојата замисла и дизајн, за која бев наградена од студиото.

Италија е престолнината на модата и уметноста, можностите се огромни, секој агол и секое сокаче крие нешто прекрасно, уникатно, единствено.

ЖМ: Од каде идејата за концептуален накит мотивиран од македонски зборови?  Како течеше изработката на истиот, каде може да се купи?

- Најчесто работите ги визуелизирам, па потоа ги планирам и остварувам. Често ми се случува да сонувам многу реални сониша, многу од проектите кои сум ги работела на факултет сум ги сонувала, сум станувала во текот на ноќта и сум скицирала. Нешто слично беше случај и со овај проект, едно утро забележав дека во телефонот сум ги запишала во белешки првата и последната буква од азбуката, но утрото кога ја прочитав белешката, не ми беше јасно што сум имала на ум во тој момент. Подоцна се сетив дека сум сонувала мој иден проект, некој вид на речник, составен од македонски зборови, нивното значење, но сето тоа проследено со дизајнирано парче накит кој го опишува самиот збор. Но ова е голем проект кој го планирав во моите долгорочни цели.

По околу две недели се распишува конкурс наречен „Цртај на македонски јазик“ и веќе ми беше јасно дека сакам да учествувам со проектот кој веќе го сонував и ја имав генералната замисла, но рокот беше прекраток за изработка на цела азбука. Си поставив цел да изработам околу 7 зборови, да го објаснам концептот и да го најавам мојот почеток како млад уметник во нашиот град

Моментално, накитот не е изработен физички туку е само се изработени тродимензионални дигитални модели на парчињата накит, секое едно како асоцијација на еден архаичен македонски збор. Дизајните се прикажани визуелно, придружени од повеќе елементи. Секое парче го носи името на зборот кој ми е инспирација за самиот дизајн. Во горниот дел секој збор е претставен како јас го доживувам и од каде ја извлеков самата инспирација.Текстот во долниот дел е насока за публката да ја разбере мојата приказна која сакам да ја пренесам со секое парче накит и за кој сметам дека истото е наменето. Најдолу е моделот претставен од неколку различни аспекти за да се видат деталите и секако во самиот центар е 3Д моделот изработен во софтвер.

ЖМ: Како помина изложбата, твои импресии?

- Ми беше исклучително тешко и бев под огромен притисок, од самата себе, затоа што прв пат се претставив пред јавноста со тоа што навистина го знам и сакам. Голем перфекционист сум и најголемиот критичар на самата себе. Секогаш знам дека можам повеќе, подобро, најдобро и тоа поведена од една мисла Џим Колинс, која секогаш ме води, а тоа е „good is the enemy of great “. Свесна сум и ги гледам сите недостатоци и уште не сум сигурна во моите можности. Тука, во Македонија, има лимитирани ресурси за ваквите занаети. Токму тоа е мојот предизвик, во средина со ограничување да изработувам уникатен накит кој ќе ги надмине препреките и ќе биде гласноговорник на мојата визија.

Кога правам нешто сакам да биде апсолутно најдобро, да излезе од рамките на предвидливоста и да ги разбуди сите сетила на посматрачот. Во секој случај, благодарение на целата поддршка која ја имам, од моите блиски, сѐ се заврши навреме, и на крајот сè испадна совршено и изложбата помина во најдобар ред. Впечатокот и реакциите на присутните беа потврда за успешноста на мојата цел, а посебно делот што вистински го разбудив кај нив моментот на целосна изненаденост од неочекуваниот пристап и начинот на кој целиот процес го презентирав.

ЖМ:  Идни планови, каде се гледа Сташа за 10 години?

- Не сум човек кој обожува планирање на времето, иако за успех тоа е клучно. Знам што сакам, но не секогаш моите планови одат по својот пат. Мојата едукација во Милано беше прекината во последниот семестар поради пандемијата од Ковид 19. Ако ми кажеше некој пред 3 години, дека јас за 3 години ќе бидам назад во Македонија, ќе се изнасмеев.

Ете сега сум тука, и моментално единствениот долгорочен план што ме води е создавњето на студио за дизајн и изработка на накит, во кое, сокриена во мојот свет ќе творам и создавам. Тоа е веќе во процес на изработка, но за тоа не би сакала во овој момент повеќе да зборувам – сѐ во свое време.

ЖМ: Мото кое те води низ животот.

- Моето мото е преплет од две многу силни реченици кои некогаш сум ги прочитала, едната на Коко Шанел, а другата на гореспоменатион Џим Колинс, па би звучела нешто вака: во свет каде сѐ е веќе измислено, за да бидеш незаменлив, мораш да си различен, а за да си различен, никогаш не треба да си задоволен со „добро“ затоа што добро е најголемиот непријател на одлично. 


*Д.Караташова Илиоска