ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАНИЈА ТАНЕВСКА, СТИПЕНДИСТ НА ОКТА И ХЕЛЕНИК ПЕТРОЛЕУМ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ПИРЕЈА, ГРЦИЈА
Инвестирањето во младите секогаш е исплатлива пракса, само така може да имаме подобра иднина. Дипломирав право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде изучувањето теми поврзани со енергетиката, беше многу ограничено. Поттикната од недоволното опфаќање на оваа важна тема на која во денешно време се посветува сè повеќе внимание, решив да го продлабочам своето знаењето на ова поле, вели Таневска
* Како еден од стипендистите на ОКТА и Хеленик Петролеум, Вие сте во тек на постдипломските студии на Факултетот за Енергетика при Универзитетот во Пиреја. Какви се вашите импресии, што Ви овозможија овие студии и оваа стипендија?
- Стипендијата од ОКТА и Хеленик Петролеум пред сé ми претставува сатисфакција и признание за трудот кој го вложив во моето образование. Аплицирав за оваа програма поради тоа што ми даде можност да изучувам нешто ново и различно од програмите кои што можев да ги одберам на нашите факултети. Мултидисциплинарниот пристап на програмата, изучувањето од правен, економски и стратешки аспект, ми овозможи да се стекнам со поширока научна основа на полето на енергетиката.
* Вие сте дипломиран правник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а сега сте постдипломец на Факултетот за Енергетика при Универзитетот во Пиреја. Дали, и покрај различното ниво на студирање, можете да направите паралела меѓу двата универзитети во однос на едукативните содржини и академските методи?
- Доколку би правела некоја паралела помеѓу двата факултети, тогаш разликите не би биле драстични бидејќи и нашите факултети ги следат европските и светските трендови на едукација. Сепак, со самото тоа што се работи за друго ниво на студирање, овде материјалот која се изучува е посконцентриран и подетален, за разлика од тоа што го учев претходно кога беше поопшт. Што се однесува до академските методи, можам да кажам дека не се разликуваат и пристапот кон изучување на академските содржини е ист.
* За постдипломските студии ги избравте студиите на Факултетот за Енергетика при Универзитетот во Пиреја. Како тоа се вклопува во Вашата професионална вокација и по што се издвојуваат овие студии од оние што ги имаме и локално?
- Дипломирав право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во текот на студиите изучувањето теми поврзани со енергетиката беше многу ограничено. Поттикната од недоволното опфаќање на оваа важна тема, на која во денешно време се посветува сè повеќе внимание, решив да го продлабочам своето знаењето на ова поле. Овој правец на студии ги опфаќа правниот, економскиот и стратешкиот дел од енергетиката и сите предизвици во пристапот и раководењето со неа.
* Каква е предноста на образованието во странска држава? Дали образованието што го стекнувате со постдипломските студии ќе биде применливо и во нашата држава? Како ќе ја материјализирате оваа можност што Ви е дадена?
- Стипендијата ми овозможи да стекнам нови искуства, да се стекнам со практично знаење преку едукативни посети, обуки и семинари, како и можност да посетам една од најдобрите адвокатски компании во светот. Секако, новите познанства со сегашните колеги од други држави се искуство кое може да се каже дека е незаменливо. Сето тоа е од големо значење за понатамошната соработка во професионалниот живот. Бидејќи енергетиката е интернационална тема, образованието стекнато во странство може да се примени и во нашата држава.
* Стипендијата, школарината и трошоците за живот ви се овозможени од ОКТА и Хеленик Петролеум. Дали сметате дека тоа е добра пракса и добра корпоративна политика?
- Инвестирањето во младите отсекогаш било исплатлива пракса и затоа треба да се пофали. Треба да биде пример и за другите компании, затоа што само така може да бидеме сигурни дека ќе имаме подобра иднина.