Само со констатни ситни чекори може да се дојде до големи промени: Интервју со кросфит тренерот Жарко Батиќ

Добивај вести на Viber

Жарко Батиќ уште од најмала возраст се знимава со спорт, па така цели 14 години активно тренирал кошарка. Паралелно со неговото прекинување со кошарка, во околината каде што живее се отвора „Кросфит Скопје“ кое после првиот тренинг станува негова љубов и како што вели и самиот станал навлечен на кросфит. 

По четири натпреварувачки години Жарко сега целосно е посветен на неговата функција како тренер во клубот, и постојано учи и се надоградува. Тој има светски „Crossfit L1“ и „Crossfit L2“ лиценци и лиценца за олимписко дигање тегови.

ЖМ: Што е кросфит, и кои се најголемите бенефити од неговото применување во секојдневието?

- Кросфит е фитнес методологија посветена на здравјето. Составен е од функционални движења кои константно варираат и се изведуваат под релативно висок интензитет. Бенефити од вежбање кросфит се подобро физичко и ментално здравје.

ЖМ: Дали кросфит може да тренира било кој, или бара посебна подготвеност?

- Без разлика на возраст, пол или физичка подготвеност, секој може да вежба кросфит. Тренинзите и движењата можат да се адаптираат за секого.

ЖМ: Кој е советот што најчесто им го даваш на почетниците во кросфитот кај нас?

- Да бидат конситентни, да вежбаат минимум 3 пати неделно. Само со констатни ситни чекори може да се дојде до големи промени.

ЖМ: Како изгледа еден кросфит тренинг?

- Почнуваме во точен час, на табла каде што е напишан целиот тренинг и загревањето, тренерот го објаснува истиот на групата. Се почнува со генерално па специфично загревање. На 3,2,1 старт тренингот започнува. Сите го прават истиот тренинг адаптиран индивидуално спрема секој вежбач. По завршување на вежбата сите си честитаат за добро сработениот тренинг.

ЖМ: На што најмногу се жалат вежбачите, и кои се поголеми „плачковци“ мажите или жените? Да ни споделиш некоја анегдота од тренинг?

- Генерално сите исто се жалат кога има „burpees“ во тренингот без разлика дали се мажи или жени. Луѓето во секоја група се познаваат веќе меѓусебе и се пријатели, па можам да кажам дека секојдневно има анегдоти бидејќи тие се шегуваат меѓусебе. Нема да издвојувам, бидејќи сѐ што се случува во сала, останува во сала (се смее).

ЖМ: Покрај вежбањето, каков начин на исхрана треба да практикува еден човек кој сака да биде во топ форма? Дали веруваш во диети?

- Јас лично практикувам балансирана исхрана, јајца, месо, риба, овошје и зеленчук. Ова функционира за мене. Препорачувам секој да си истражи за себе за тоа кој тип на исхрана најдобро функционира. Сите познати диети (Кето, Зонска, Палео, Вегетаријанска, Карневор) забрануваат шеќер, комплексни јаглехидрати и процесирана храна. Нема правилна, нема погрешна, експериментирај, истражувај и процени која најмногу ти одговара.

ЖМ: Ова е прашање кое можеби често го добиваш како тренер... Како најбрзо и најефикасно може да се ослабне?

- Со редовно вежбање и внимавање на исхрана. Кога станува збор слабеењето сѐ се сведува на калории. Колку трошиш наспроти колку внесуваш. Со почесто вежбање, почесто ќе трошиш повеќе калории, со посветено внимавање на исхраната драстично ќе го намалиш внесот на калории. Кога ќе се искомбинираат овие две, тогаш резултатите доаѓаат.

ЖМ: Дали сѐ уште владее трендот дека се доаѓа на тренинг за да се има фит тело за лето, или пак полека луѓето ја менуваат перцепцијата дека вежбањето не е само за добар изглед?

- Секогаш ќе ги има оние типови на вежбачи што доаѓаат во април за да се спремат за лето. Сѐ повеќе гледам луѓе што редовно вежбаат без разлика дали е лето или зима. Вежбањето не е луксуз, вежбањето е потреба. Кај нас во клуб вежбаме за здравје, добриот изглед е само бонус.

ЖМ: Како според тебе треба да изгледа една убава и успешна жена, а како еден убав и успешен маж?

- Без разлика на пол, треба да се фит со способно тело, здрави со здрав разум, ведар дух и чиста глава, сѐ останато од типот на професија, стил, мода и слично си е индивидуален вкус.

ЖМ: Твои главни совети за здрав живот, до кои и сам се придржуваш.

- Вежбај, внимавај на исхрана, дружи се со луѓе, спиј 7-9 часа и фокусурај се на работите што се во твоја контрола.

ЖМ: Покрај тренинзите, си дел и од подкастот „Бајкерот и Кросфитерот“. Од каде идејата за истиот? Колку сметаш дека ваквиот начин на комуницирање влијае врз младите малку да се тргнат од пред екраните и да земат да вежбаат? Што им е најмногу потребно за мотивација?

- Мојот соговорник Томе Попчевалиев, ме покани во неговиот подкаст, „Томас Перформанс“ кој си постоеше од претходно и тоа беше моето прво подкаст искуство. За кратко време ме покани повторно за да навлеземе подлабоко за една од темите кои зборувавме во моето претходно гостување. После таа епизода се договоривме да имаме заеднички подкаст независно од неговиот, каде фокус ќе ни биде да разработуваме теми поврзани со здрав начин на живот.

Во денешно време, нема подобар начин на консумирање информации од подкаст форматот. Може да се зборува на долго и на широко, нема реклами и нема временски ограничувања. Целта е да преку нашите искуствата и инспиративните приказни на нашите гости да ги мотивираме луѓето. Од секоја епизода по еден човек да се мотивира, нашата мисија ќе биде успешна.

ЖМ: Што сака да прави Жарко кога не е на тренинг?

- Слободното време најчесто го поминувам со најблиските- сопругата, моите пријатели и моето семејство. Сакам да патувам и да пробувам различни кујни, а последнава година, моето ново хоби е трчањето. Минатата година го истрчав полумаратонот во Скопје, а оваа година се пријавив за цел маратон, па сега се припремам за тоа.

ЖМ: Мото кое те води низ животот.

- Најтажното нешто во животот е неискористен потенцијал!

*Д.Караташова Илиоска