Интервју Вера Чејковска: Збор силен како земјотрес

Добивај вести на Viber

Има творци што секоја година пишуваат книга за да се натпреваруваат за некоја награда, што не е добро, пред сè затоа што во тоа има некаква умисла, програма, која најчесто завршува со површност на напишаното. Од моите поетски награди, некои дојдоа рано, некои на време, а други – задоцнето. Но, драго ми е да кажам дека за ниедна од нив не сум се залагала, лобирала, „трчала по врски“ – вели поетесата Вера Чејковска. Таа со пишаниот збор се дружи од најраното детство. Работниот век пак цели 36 години го минала во сеизмолошката опсерваторија. Низ годините научила да направи перфектен спој меѓу науката и уметноста на изразување. Од една страна со море од зборови и инспирација, а од друга, со точни и прецизни мерења во егзактната наука.

Женски Магазин: Колку време творите, колку е тешко да се најде инспирација за да се преточи мислата во збор?

В.Чејковска: Песни и кратки раскази пишувам од детска возраст. Секако, тоа не се зема предвид при јавното претставување, туку само објавените книги. Така, мојата прва поетска книга¸ Човек и врата, е објавена во 1975 г., на моја 21-годишна возраст, во едицијата „Алфа“ на тогашниот Сојуз на литературните дружини клубови на младите од СР Македонија, подоцна Книжевна младина на Македонија. Во оваа едиција се објавуваа книги одбрани од познати критичари на анонимни конкурси, па секогаш ми е многу драго да го спомнам објавувањето на оваа моја прва книга.

Во одговорот на вториот дел на прашањето, странскиот збор „инспирација“ ќе го заменам со нашиот – „вдахновение“. Инаку, може да се каже дека никој досега го нема објаснето настанувањето на оваа состојба. Сигурно е само дека таа не се наоѓа, туку дека надоаѓа самата. Како што, барем за мене, сосема е јасно дека добри песни можат да се создадат само при вдахновение. Тогаш преточувањето на мислите во зборови оди лесно, сè се одвива некако природно! А, ако, пак, мислевте на предметот на некое дело како извор на вдахновението, тој, според мене, зависи од многу нешта, а тие се врзани со склопот на психата на творецот и околината.

Женски Магазин: Интересно е што сте плоден македонски поет и есеист, но и физичар-сеизмолог. Долги години бевте раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет. Каква спојка најдовте во двете дијаметрално различни области?

В.Чејковска: Имав интерес кон двете области, и уметноста и природните науки, уште од основното училиште. Признавам дека во поглед на техничкото време е многу тешко да се занимаваш со двете области. Меѓутоа, во суштина, тие области се врзани, со тоа што главната цел им е откривањето и прикажувањето на законите што се во длабината на космосот и нашата психа. За себе можам да кажам дека сум цел живот опседната со таа врска, таа е речиси и секојдневно во моите мисли. Истата е главната мотивација во мојата поезија, проза и есеи.

Женски Магазин: Добитник сте на бројни награди. Која е главната мотивација за Вашите дела?

В.Чејковска: Што се однесува до наградите за поезија, морам да кажам дека никогаш не сум ги имала предвид при пишувањето. Знаете, кај нас има и творци што секоја година пишуваат книга за да се натпреваруваат за некоја награда, што не е добро, пред сè затоа што во тоа има некаква умисла, програма, која најчесто завршува со површност на напишаното. Од моите поетски награди, некои дојдоа рано, некои на време, а други – задоцнето. Но, драго ми е да кажам дека за ниедна од нив не сум се залагала, лобирала, „трчала по врски“, што се вели.

Женски Магазин: Секое дело велат се пишува во тишина. Како и каде го наоѓате своето парче мир?

В.Чејковска: Таа „тишина“, неопходна за творење, ја наоѓав многу полесно на помлади години. Во текот на спремањето на магистерскиот и докторскиот труд, потоа, по основањето сопствено семејство, со мајчинството, со зголемувањето на работните обврски и другите нешта што одминувањето на годините ги носи, беше сè потешко да се најде „тишината“ за пишување на поезија и проза. Често се случуваше сред многу други нешта да ми надојде вдахновение, а тоа да морам да го прекинам, останувајќи само со набрзина запишан стих, строфа или реченица. За чудо, со текот на времето, тие засебни стихови, строфи и реченици почнуваа да се поврзуваат, да обликуваат некоја целина – песна, расказ, есеј. Така можам да кажам дека некои од моите творби настанувале долго, со години, некои за време на цела деценија…

Женски Магазин: Многу љубители на книжевноста и на пишувањето никогаш не пишувале, не знаат како, но сакаат и бараат начин да се изразат. Дали пишувањето се учи или е чиста дарба и креација на моментот?

В.Чејковска: Добра песна или расказ настануваат при вдахновение или, како што Вие велите, како „креација на моментот“. Но тоа вдахновение не зависи од нашата волја, иако и таа некогаш може да се покаже како плодотворна. Веќе спомнав дека состојбата на вдахновение никој досега не успеал да ја објасни, но од самата историја на уметноста непобитно следува дека таа се јавува само кај одредени луѓе. Тоа значи дека во прашање е генетиката, „дарбата“, што се вели. Така, не може да се научи како да се создаде уметничка литература или друго уметничко дело! Но, кога веќе се има дарбата, учењето е неопходно – треба да проучувате други автори, од сегашноста или минатото, за да не се случи да повторите нешто на истиот начин како кај нив, да се учите на концизност и поголема комуникативност, да ги „меркате“ зборовите по поминот на вдахновението за да видите дали сите детали на самото вдахновение се изразени добро (нешто во што се вклучени и сеќавањето на вдахновението и рационалната проценка) итн.

Женски Магазин: Во Македонија често има земјотреси. Како долгогодишен сеизмолог, има ли објаснување кога и зошто настануваат земјотресите, особено во нашиот регион? Колку е тешко да се предвиди, увиди, препознае земјотресот, а од друга страна да се смири и информира јавноста?

В.Чејковска: Во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје го поминав целиот мој работен стаж од 36 години (се пензионирав во ноември 2016-тата). Раководител на таа институција бев од септември 2011 г. до септември 2016 г.

Инаку, овде би изложила едно резиме на сеизмологијата, кое мислам ќе биде полезно за читателите.

Така, земјотресите се природна појава што се јавила „наскоро“ (во смисла на геолошкото време) по создавањето на нашата планета Земја пред околу 4,5 милијарди години. Тектонски земјотреси се оние што произлегуваат од цврстиот материјал на Земјата. Тука мора да се спомне дека од средината на минатиот век докажан е и прифатен т.н. „ладен почеток на Земјата“, теорија според која Земјата е создадена како цврста маса преку гравитациско спојување на оладените продукти на нуклеарната фузија (спојување на полесните хемиски елементи во потешки) на Сонцето. Дури отпосле Земјата се загревала од радиоактивните елементи што ги зафатила при своето создавање, па дошло до гравитациска диференцијација на материјалите (полесните се движеле нагоре, а потешките – надолу), при што се создале јадрото, обвивката и кората како најглавни слоеви на Земјата, потоа – до топење на делови од обвивката, т.н. „вулкански џебови“, и на горниот дел од јадрото, т.н. „надворешно јадро“. Сите останати делови на Земјината внатрешност се цврсти, иако загреани. Температурите и притисоците што доаѓаат до обвивката од надворешното јадро чинат нејзиниот цврст но загреан материјал од нејзините погорни делови да е во постојано движење долж затворени струјни патеки. Овие струји, пак, предизвикуваат постојано движење на т.н. „тектонски плочи“ – плочи на коишто е поделена континенталната и океанската литосфера (кората и најгорниот дел на обвивката), и тоа врз еден помек слој на обвивката, т.н. „астеносфера“. Тектонските плочи имаат различни заемодејства при своето постојано движење, а кога овие заемодејства ќе се динамизираат – настануваат тектонските земјотреси. Територијата на Република Македонија е еден од источните делови на Медитеранската орогена област на Алпско-хималајски ороген појас. Оваа област има висока сеизмичка активност – последица на динамизирањето во времето на (инаку) постојаното подвлекување на Арапската и Африканската тектонска плоча под Евроазиската, нешто што довело и до создавање на Алпискиот планинскиот венец и до ломења со создавање на нови, мали тектонски плочи, т.н. „микроплочи“. Така, сеизмичноста во нашата република се должи на динамизирањето на крилата на тектонските ломови на литосферата заради напрегањата што ги создаваат подвлекувањетона Јонската и Левантинската микроплоча под Хеленскиот рововски систем и подвлекувањето на Јадранската микроплоча под планинскиот систем Динариди, дел од Алпискиот планинскиот венец.

Така, земјотреси ќе има секогаш. Меѓутоа, нивното точно предвидување во времето е природно невозможно. Но, сеизмолозите ги проучуваат и минатите земјотреси во разните подрачја, утврдувајќи ги така местата на можна појава на идни земјотреси, а, преку статистички методи, од овие минати земјотреси, ги одредуваат и можните периоди на појава на земјотреси со одредена јачина во тие подрачја. Ова е т.н. „одредување на сеизмичкиот хазард“. Градењето асеизмички објекти во разните подрачја според соодветниот сеизмички хазард е најглавната заштита на населението од дејствата на земјотресите. Истото во Република Македонија се практикува по скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 г. Ова јавноста треба да го знае и да се однесува смирено при појавата на земјотрес.