Интервју Веселинка Ковачева: Децата со солидна основа на својот мајчин јазик многу полесно учат втор јазик

Добивај вести на Viber

Мајчиниот јазик е  најважниот подарок што може да му се подари на едно дете. Секој ден треба со детето да се зборува на мајчиниот јазик. Тоа е јазикот со кој што секое дете осознава за светот што го опкружува, кој му помага да се ‘’подготви за животот’’ , а родителот е главниот елемент во тој процес. Родителот е првиот учител на своето дете.

Употребата на мајчиниот јазик го поврзува секое дете со своето семејство, но исто така и со културата и традицијата на земјата во која живее- вели во интервју за Женски магазин, Веселинка Ковачева, заменик административен директор на градинката при Француското Интернационално Училиште во Скопје – ЕФИС. Сепак констатира дека грешката се јавува  кога родителот при комуникацијата со своето дете употребува зборови од два јазика (мајчиниот и некој друг странски јазик). Па така смета дека подобро е да се зборува на еден јазик отколку да вметнува и втор кој можеби родителот и не го владее така добро.

Солидната основа на мајчиниот јазик  според неа ќе му биде од голема помош за учењето на друг странски јазик.

Женски магазин: Дали и колку си го познаваме мајчиниот јазик и колку е важна основата од најрана возраст?

Ковачева: Мајчиниот јазик ја има главната улога во изградбата на идентитетот бидејќи тој е неразделен дел од мислата. Кога детето почнува да зборува, тоа почнува и да мисли. Но пред тоа да почне да зборува односно  да мисли, детето го слуша јазикот на своите родители и разбира или поточно воспоставува врска помеѓу дејствата на својата мајка и зборовите што таа ги изговара. Мајчиниот јазик е  најважниот подарок што може да му се подари на едно дете. Секој ден треба со детето да се зборува на мајчиниот јазик.Тоа е јазикот со кој што секое дете осознава за светот што го опкружува, кој му помага да се ‘’подготви за животот’’ а родителот е главниот елемент во тој процес. Родителот е првиот учител на своето дете.

Употребата на мајчиниот јазик го поврзува секое дете со своето семејство, но исто така и со културата и традицијата на земјата во која живее.Децата кои од најрана возраст имаат солидна основа на својот мајчин јазик многу полесно учат втор јазик, побрзо учат да читаат и пишуваат на училиште.

Женски магазин: Брзиот развој на технологијата, користењето на интернетот и социјалните мрежи придонесе младите наместо правилното користење и усовршување на мајчиниот јазик да го заменат со фрази па дури и комуникација со некој од странските јазици. Зошто?

Ковачева: Традиционално, јазиците се развиваат од генерација на генерација, следејќи ги трансформациите на користењето и општеството. Така, појавата на нови димензии доведува до нов жаргон. Со појавата на социјалните мрежи, сегашната генерација создаде нови јазични вештини. Како користењето на социјалните мрежи се одразува на мајчиниот јазик?

Кога зборуваме за дигитално пишување, често зборуваме за некомпетентност, велејќи дека младите луѓе се повеќе и повеќе пишуваат лошо, и дека многу лошо се изразуваат. Но ‘’јазикот на младите’’ според мене не треба  секогаш да биде разбран во негативна конотација. Тоа е јазик кој  има исто така свои правила и е важно да се разберат. Младите корисници умеат да ‘’жонглираат’’ со правилата на стандардниот јазик и оној кој го употребуваат во комуникацијата на социјалните мрежи. При комуникацијата користат многу кратенки, создаваат нови зборови.Овој начин на пишување служи за да се разликуваат од возрасните и да ја покажат нивната припадност кон друга група. Но сепак младите треба да го адаптираат својот начин на изразување и да не користат кратенки кога имаат писмено изразување на училиште. Треба да научат дека не може на ист начин да им се обраќаат на родителите и возрасните како што им се обраќаат на своите другари. И дека не зборуваме на ист начин кога дискутираме, дебатираме на одредена тема на училиште како кога ‘’чатуваме’’. Кога се изразуваме писмено користиме сложени реченици, а не кратенки како во СМС пораките.

Женски магазин: Која е најдобра возраст да почне да се изучуваат странските јазици? За малите дечиња велат дека се „ сунѓери“ во однос на впивање на информациите, пренесување на знаењата и сл. Какви се вашите искуства?

Ковачева: Според мене веќе на возраст од 3 години, едно дете има добро познавање на неговиот мајчин јазик. Тоа умее да побара нешто, да искаже чувство, да раскаже или да именува некој предмет. Но процесот на усвојување на мајчиниот јазик не е сè уште завршен.

На пример дете кое доаѓа за прв пат во нашата француска градинка каде јазикот на употреба е различен од оној кој го употребува дома можам да кажам дека се наоѓа пред еден ѕид позади кој се наоѓа непознат свет.Тоа е првиот чекор кон социјализацијата. За да го асимилира овој нов јазик, детето мора да ги користи своите способности да се дружи, да се интегрира, да стапи во контакт со други деца. Првата етапа која секое дете  треба да ја помине е да го најде најпрво своето место во групата. Најважната задача со која се соочува детето кога се јавува нов јазик е изградбата на врската со соговорникот. За среќа кај малите деца, невербалната комуникација игра многу важна улога. Детето изгледа пасивно, но тоа всушност се наоѓа во првата фаза на учење јазик, во која се обидува да ја дешифрира новата ‘’мелопдија’’ и новите гласови. Тоа е способно да научи многу изрази со цел да ги користи, правилно или не, со своите нови соговорници (учителката и новите другарчиња). Најпрво учи еден израз кој го асоцира со дадена ситуација (на пример: сакам колаче). Потоа тоа овој израз го преформулира со цел да му даде друго значење според своите потреби (сакам бонбона) за потоа да го модифицира за да направи цела реченица (јас сакам бонбона).

Учењето на два или повеќе јазика не предизвикува никакво задоцнување во говорот, ниту пак некаква конфузија.

Женски магазин: Кога децата ја учат разликата помеѓу граматичката точност и значењето на зборовите и јазикот?

Ковачева: Децата не се свесни за синтаксичката структура, ниту пак за различните граматички категории, пред возраста од две и пол или три години, возраст на која би требало да прават се посложени реченици. Како резултат на тоа, мислам фондот на зборови  е стекнат во отсуство на синтаксичко знаење.Не знам дали знаете но учењето кратки певливи стихотворби не само што  го збогатува вокабуларот кај едно дете, но исто така игра важна улога при учењето на граматичата структура на еден јазик.

На пример кога рецитираме кратка стихотворба ние го тераме детето да плеска со рацете, а на тој начин го учиме да биде свесно за постоењето на слоговите во зборот или гласовите од кои тој е составен или на пример кога ја покачуваме интонацијата на крајот од строфата тоа значи дека имаме прашална реченица итн. Преку стихотворбите и песните се учи заповедниот начин, сегашното време.

Женски магазин: Последниве неколку години бележат тенденција на зголемена понуда од курсеви по странски јазици наменети за деца од предучилишна возраст. Овој тренд е во духот на светските едукативни политики за воведување задолжителен странски јазик на што порана возраст. Што мислите околу овие состојби?

Ковачева: Јас лично сметам дека треба да има воведување на задолжителен странски јазик кај децата од предучилишната возраст. Кај нас во француската градинка покрај мајчиниот и францускиот јазик веќе кај децата од 4 години се воведува и англискиот јазик. Некои родители стравуваат дека учењето повеќе јазици може да создаде потешкотии во говорот. Едно дете кое зборува два јазика може граматички правилно да се изразува на едниот јазик, но да има побогат вокабулар на другиот. Најважно е да секој родител дома му се обраќа на мајчиниот јазик на своето дете. Грешката е кога родителот при комуникацијата со своето дете употребува зборови од два јазика (мајчиниот и некој друг странски јазик). Подобро е да се зборува на еден јазик отколку да вметнува и втор кој можеби родителот и не го владее така добро. Солидната основа на мајчиниот јазик ќе му биде од голема помош за учењето на друг странски јазик.

С.Б.