Ирена Павлова - де Одорико од Венеција: Новата свест ќе го победи новиот вирус

Италија остава фатален викенд зад себе. Медитеранска земја, огреана од сонце, претрпе драматични загуби од пандемијата на новиот коронавирус сè уште не успева целосно да го смири.

-Луѓето овде мислат дека сме среде вистинска апокалипса. Болниците се пребукирани, градовите застанати, животот е ставен на пауза. Да, сериозно е, но сè се прави да се исконтролира ова чудовиште – вели истакнатата поетеса Ирена Павлова-Де Одорико, која веќе 7 години со семејството живее во Венеција.

Во бракот со музичарот Марко де Одорико, Ирена ги има ќерката Аличе и синот Марио.

-Добри сме сите, се трудиме да весламе – ден за ден – кон копното на едно ново спокојство и хармонија, да го посматраме овој феномен од повеќе агли за да не дозволиме да доминира стравот – вели Ирена за деновите на изолација, кои ги минува целата територија на Италија веќе 25 дена.

На Ирена, како и на мнозинството креативци, изолацијата не и е туѓа.

-И онака не ја сакам френезијата на модерниот свет, кој до завчера трчаше со актовки наоколу. Секогаш им се чудев на тие модерни робови на општеството. Затоаи мислам дека сево ова има и добри страни – да нè соочи со нас самите, да нè исправи пред вредностите, да се вратиме кон вистинскиот живот, кон контактот со најблиските. Вистинското прашање е што ќе биде потоа?, вели Ирена.

Нашата иднина, по пандемијата, е прашање, кое уште отсега го отвораат многу модерни мислители, предвидувајки ги можните последици, не само економски, туку и социјални на ова „застанато време“ низ кое минува светот.

-Ќе мине сè, но што ќе биде потоа: потоп или препород?, прашува Павлова – де Одорико.

Деновиве, додека во осамата на семејната изолација го препрочитува „Демони“ на Достоевски,  Ирена не престанува да пишува. На крајот на 2019, на италијански го објави романот „Потстанарка“ напишан, како што вели, „додека живеев во една мансарда во Скопје како вистинска потстанарка“. Романот го промовирала заедно со актерот Салвио Симеоли, кој допатувал од Рим во Венеција специјално за промоцијата. Промоцијата била двојазична – на македонски и на италијански, што е раритет помеѓу културните настани на Европа во која живеат многу дводомни автори.


Со својата силна индивидуалност, Ирена гради многу мостови на сите планови – освен што ги отвори вратите на тамошната книжевна сцена, таа секојдневно прави нови чекори на обединување на двете култури. Во времето на севкупната изолација ги пее од терасата на својот дом италијанската и македонската химна. Како што вели таа „химни на едно обединување, творечко, човечко, отаде секаква културолошка разлика“.

-Во една од најтемните ноќи ми се придружија уште неколку семејства од мојата и од соседната зграда. Тоа беше мала победа во оваа војна. Сочувствувам со секој живот кој ја изгубил битката со вирусот и се молам, стихотворејќи, мирот да може да се извојува во тивкиот, но креативен отпор, директно од нашите домови – вели Ирена.

Ако домоседите, како што нè нарекува Ирена сите нас кои придонесуваме во оваа битка – седејќи дома, го возвратат ударот докрај, битката ќе стивне.

-Ќе мине и ова. Вистината ќе излезе на виделина кога човекот ќе се разбуди и токму во своето огниште, ќе се соочи  со одредени вистини за себе и за светот, кои ќе донесат препород од пепелта. Новата свест ќе го победи новиот вирус – порачува де Одорико од Венеција.

Јасна Франговска