Искрено со Пабло од Чиле: Жонглира на раскрсниците во Скопје и ги расположува најнервозните возачи
Го забележав на раскрсницата пред Сити Мол . Неговиот перформанс со чуњеви и топка траешеколку и зеленото светло за пешаците. Сепак измами насмевки кај возачите, кои дотогаш немаа живци ниту да ги држат рацете на воланот поради големиот метеж. Некои го довикуваа за да му дадат пари.
Гледајќи го како истовремено во воздух фрла неколку сини акробатски палки и топка, имате чувство дека ова момче со ексцентричен изглед им пркоси на сите закони на гравитацијата и психологијата. Се вика Пабло и роден е во во градот Балдивија во Чиле. Има 32 години и неговата професија е жонглер.
- Почнав да се занимавам со оваа работа кога имав 23 години. Досега сум ги посетил земјите од Азија, Америка и Европа. Посебно ми е драг Балканот. Ја сакам Македонија. Втор пат сум во вашата земја. Ја обожавам вашата храна, луѓето, жените, пивото. Ја сакам и природата. Имате многу планини, големи езера. Љубител сум на модерната природа во земјите. Сега престојувам во куќата на еден мој пријател, а првиот пат бев во во хотел – вели Пабло и дополнува дека во нашата земја иако не заработува многу се чувствува убаво.
- Македонија не е многу богата земја и не може да се споредува со Германија или со Шпанија. Но добро ми е и тука. Најважно е што луѓето ми покажуваат дека уживаат во моите перфонманси и ме наградуваат колку што се во можност -вели тој.
Тргнал на пат да заработи сам, со своите две раце Запознал многу земји, култури, креативни луѓе. Го сака овој начин на живот. Независен е, млад, нема распоред и сам е свој газда. И постојано учи е се надоградува.
- Моја работа е да правам циркус на булевари, улици, во училишта. За мене е подобро да правам циркус на улица затоа што така можам да заработам пари и имам поголема слобода. Бев на сите раскрсници во Скопје. Доаѓам без пари и потоа заработувам на улица. И тоа е секогаш добро за мене. Правам повеќе работи, акробации, фрлам реквизити во воздух, возам моносајкл. Ова е многу тешка работа. Ви треба многу тренинг, по цел ден, не е потребна само дисциплина. Битно е и телото да ви биде топ. Јас на пример сум вегетаријанец – открива Пабло.
Се труди секој ден да биде подобар од претходниот, бидејќи преживува благодарение на сопствените вештини. Наскоро планира да замине од Македонија.
- Прво ќе ги прошетам сите балкански земји, а планирам еден период да одам во Чиле, мојата родна земја. Не сум ги видел најблиските три години. Чиле е прекрасна земја. Има многу убави планини, море, вулкани, многу добри луѓе. Не сум во брак, но имам си од пет години кој живее со мајка му во Аргентина. Речиси цел ден сум на телефон со него. Тој знае дека јас сум тука – вели жонглерот на крајот од нашиот разговор.
С.А.Н