Искрено со Тамара Тодевска: Ѝ дадов шанса на новата љубов

Добивај вести на Viber

Музиката и работата и помогнале полесно да го преброди процесот на развод. Со сопругот се во коректни односи. Имааат многу нормална и здрава комуникација, која пред сѐ е во интерес на нивните две деца. 

Тамара Тодевска среќна е што изминатиов период доживеала еден посебен спокој, кој и овозможил да биде и попродуктивна на професионален план, но и генерално подобро да се чувствува.


ЖМ: Патот за освојување на српската сцена можеби е полесен поради твојата сестра Тијана. Од друга страна конкуренцијата е голема, а ти имаш дури прекумерна „доза“ на квалитет од секој аспект како изведувач, што гарантира и успех. Колку си задоволна од реакциите за „Нијагара“ и „ Торнадо“? 

- Ти благодарам за убавиот почеток. Да, секако дека ми е олеснителна околност фактот што Тијана долги години е активна во Србија, но местото, вниманието во никој случај не ти се гарантирани. Затоа треба да работиш, да креираш музика, спотови, со цел да те препознае публиката. „Нијагара“ и „Торнадо“ некако си го најдоа патот до слушателите, иако јас и претходно сум била активна таму со српски верзии од песните. Секојдневно ми праќаат видеа, фанови од Србија, пријатели, кадешто на радио станиците овие песни континуирано се слушаат. Среќна сум што и на настапите низ Македонија, овие две песни веќе ги пееме хорски – заедно со публиката.

ЖМ: Со оглед на тоа што твоите песни имаат само српска верзија, дали периодов ќе се насочиш кон оваа сцена? Кои се плановите?

- Ќе бидам активна насекаде. Тоа подразбира настапи низ Скопје и градовите низ Македонија, како и гостувања во земјите од регионот. Ќе има и македонски песни, можеби уште некоја на српски... Ќе има за сите.


ЖМ: Се јавуваш како автор на стиховите на „Нијагара“. Лесно се воочува дека тоа е автобиографска песна. Во кои мигови од твојот период настана? Ја напиша во еден здив или постепено како што се редеа настаните?

- Во еден здив, буквално. „Нијагара“ ја чувствувам како моја, не само затоа што го напишав текстот туку и затоа што емотивно се вложив во креирањето на песната, музиката, спотот. Буквално бев целосно инволвирана во целиот тој креативен процес и ме радува тоа што луѓето ја препознаваат како квалитетна и автентична песна, која се надевам ќе остане за цел живот. Во подоцнежната фаза од создавањето на песната ми помогна и мојот добро познат соработник и пријател Лазар Цветкоски. Тој додаде свој „зачин“, за „Нијагара“ да добие уште поголема вредност.


ЖМ: Сите наоѓаме оправдание за опстанок во лош брак, но всушност тоа е страв од непознатото или не сакаме да излеземе од конфорната зона. Правиме ревизија на животот и носиме одлука. Твојата одлука беше развод. Кој период беше најтежок - пред да го направиш тој чекор или деновите потоа?

- Не е лесно да донесеш одлука и да се разделиш од некого. Иако сум темпераментна и динамична, јас сум прилично емотивна личност. Не е лесно да се разделиш од другарка, пријател, да ставиш крај на другарство, а особено на брак, на заеднички живот со човек со кој имаш две прекрасни деца и со кој си поминал убави моменти заедно. Секој период си има своја тежина: разговори, преиспитувања, дилеми. Пред да се преземе таков чекор – мислиш 100 пати, потоа мислиш секојдневно, затоа што и јас и Мачка во овој живот не сме сами. Ги имаме прекрасните Хана и Дарен и размислувањата секогаш биле во насока на нивна заштита и обезбедување на посреќно детство и младост за нив.


ЖМ: Кој најмногу ти помогна во тие мигови?

- Работата. Можеби „на прва“ звучи грубо, но апсолутно дека музиката и мојата работа придонесоа полесно да поминам и да го пребродам тој процес. Знам дека тоа беше период кога се подготвував за „Макфест“, ја промовирав „Замижи“, пред околу една година... Не „замижав“ и не се правев дека ништо не ме допира, затоа што тоа не е искрена реакција. Но, продолжив напред. За себе, за децата, за моите блиски. Секако дека имав поддршка и разбирање од многу мои другарки, пријатели, потесното семејство и за тоа сум неизмерно благодарна, но сама ако не си се разбереш и сама ако не се мотивираш - ништо не правиш.

ЖМ: Најважно е да се знае дека после разводот светот не застанува. Кога престана да се занимаваш со минатото и се сврти кон иднината?

- Луѓе продолжуваат напред и по многу потешки битки и борби од мојата. Фала му на Бога – сите сме здрави и живи. Но, што да кажат оние кои прерано загубиле свое дете, родител, пријател? Што да кажат оние пациенти, блиски на болните кои се лечеле на Клиниката за онкологија и сега повеќе не се меѓу нас, а слушаме и гледаме што сѐ се случувало таму и како крахирал системот. Не е лесен животот, но и нашата лична борба колку и да ни изгледа дека е најтешка – не е. Секогаш ќе има моменти кога ќе се преиспитуваш за минатото. Но, тоа не смее да те оптовари и да те парализира. Знам дека е лесно да го кажеш, но и сум го направила тоа, сум продолжила напред. Сегашноста ја живееме. Денес и сега ја креираме иднината. Оттука, немаме многу простор за жалење. Среќна сум што изминатиов период доживеав еден посебен спокој, кој придонесе да бидам и попродуктивна на професионален план, но и генерално подобро да се чувствувам.


ЖМ: Дали веќе почна да слушаш коментари од најблиските дека повторно си истата, старата Тамара, жена лавица?

- Хммм... Искрено, не ги сакам баш тие епитети, лавици, кралици, но добро... Секогаш сум била борбена, сум се борела за она што го сакам и во кое верувам. Се согласувам дека за некои работи можеби сум требала да бидам поупорна, поистрајна, но луѓе сме – грешиме. Имам другарки, пријатели кои се прилично искрени и знаат што е поддршка. Не ми требаат никакви возвишувања и епитети од нив. Доволно е да се до мене кога ми е тешко и да се во прв ред на концерт. Вистинско богатство ми се.


ЖМ: Животот е во твои раце и може да ти биде поинаку и подобро. Кога реши да ѝ дадеш шанса на новата љубов?

- Секогаш давам шанса на љубовта. Колку и да звучи клише, без љубов не можеме. И тука мислам на љубов кон семејство, работа, пријатели, како и на љубов кон партнер, секако. Нема правила. Љубовта не е мојот календар на планирани концерти и свирки, па да можам да ја адаптирам кон истите. Таа се случува. Без да прашам, без да планирам. Затоа е убава и вредна.

Од фотографијата што ја сподели, можеме да видиме дека во прашање е Лука Радовиќ, архитект и дизајнер од Скопје.


ЖМ: Видно е дека музичките гени проработеле кај ќерката Хана, која се појавува во новиот спот за Торнадо, во кој пее и танцува. Занимавањето со музика е бара многу жртви, особено кога си жена, а потоа мајка. Би сакала ли сепак таа да тргне по твојот пат?

- Сум го одговарала ова прашање повеќепати. Баш би се радувала ако Хана тргне по моите стапки. Музикална е, има слух, танцува, пее, се интересира за музика... Секоја професија си бара жртва. Многупати сум слушнала дека музиката е претешка за жените, за мајките, но нема да се согласам со ова. Убедена сум дека ние жените даваме посебен шмек на уметноста и оттука треба да има што повеќе талентирани девојки во оваа област. Јас нема да ѝ правам никаков притисок на Хана, но ако се одлучи за музика – нема да ме изненади. Сепак, крвта не е вода.

ЖМ: Кои афинитети ги покажува синот Дарен?

- Дарен обожава спорт, особено фудбал. Но, ќе видиме. Сепак е помал, оди сѐ уште во градинка. Како и да е, секогаш ќе ја има поддршката и љубовта и од мене и од Мачка. Тоа како родители му го должиме.


ЖМ: Во какви односи си со бившиот сопруг? Постои ли компромис поради децата?

- Со Мачка сме во навистина коректни односи. Имаме многу нормална и здрава комуникација, која пред сѐ е во интерес на децата. Сме имале заеднички живот, години сме поминале заедно, сме доживеале многу убави моменти и оттука многу е нормално да имаме здрава комуникација и денеска. Не би рекла дека станува збор за компромис туку повеќе за наша заедничка одговорност и желба да ги израснеме Хана и Дарен во зрели, самостојни и квалитетни личности. Нешто што навистина е предизвик, особено во денешно време.

Соња Алексоска Неделковска