Искрено со Тамара во пресрет на концертите: Извлеков поуки и денес сум многу среќна и горда на себеси, каква жена, мајка и сопруга сум
Со љубов
подготвувајќи се за двата концерти, во Охрид на 29 јули и во Битола на 1
август, Тамара Тодевска вели дека изминатиов период имала многу причини
за радост.
-Сакав успехот не само на евровизискиот натпревар туку и целиот период со масивни хитови едно подруго да го крунисам со концерти. Немав време да ги подготвам бидејќи имав настапи низ Европа за фановите на Евровизија во Мадрид, Лондон и Келн а потоa влетав во студио да работам на нови песни. Започна пандемијата и успеавме само песната „Слобода“ да ја пуштиме во време кога истата ни беше на сите ограничена“, ни раскажа Тамара во овој динамичен период за неа. Поп-ѕвездата се присети и на тешкиот период, на пандемијата, и ни откри како емотивно се справиле со неа, таа и нејзиното семејство.
-Да бидам искрена, покрај тешката ситуација која ја имавме финансиски, бидејќи никој од нас немаше некаква голема акумулација на пари, пандемијата ми овозможи да бидам со децата постојано, да одиме и да остануваме подолго во нашиот дом во Гевгелија каде што живеат родителите на мојот сопруг, кои ги обожуваат Хана и Дарен. Првпат бев јас во мојот живот помалку важна од сите околу мене за кои се грижев секојдневно. Како пејачка од многу млада возраст со постојано присуство и настапи јас дури како жена и мајка во пандемијава добив време да бидам сè само не јавна личност. Токму во таа дистанца од мојата јавна појава почнав полека да ги планирам следните чекори и еве сме сега пред овие два за македонската музичка сцена многу битни концерти. Сакам да ги потикнам колегите и да ги измотивирам слушателите дека ние сме тука и подготвени повторно да пееме и да се радуваме заедно во живо. Колку нас да ни се песните слушани и популарни дур не го почуствиваме гласот на публиката пред нас и дур не ги видиме насмеаните лица ние музичарите, уметниците немаме вистинска претстава што и колку на нашата публика им значи музиката, нашата изведба и текстовите кои ги пееме. Концертите се закажани за 29.07.2021 во Античкиот театар во Охрид со почеток во 22:00 часот и на 01.08.2021 во Античкиот театар Хераклеја во Битола со почеток во 21:30 часот. Веќе два месеци интензивно работам со мојот бенд и со придружните вокали притоа работејќи и на новата песна „Порок“. Се насобра многу музика и хитови и едвај чекам повторно да ја слушнам публиката како со мене ја пее„Proud“, “Еден ден“, „Порок“ како и баладите кои им се толку омилени на девојките во публиката најверојатно бидејќи во нив пеам за скршени срца од по некоја длабока голема љубовна врска. Ќе бидат ова два емотивни спектакли од повеќе причини, од кои телесното доживување на музиката на концерт по пандемиските рестрективни мерки е можеби најголемата причина. Јас сум подготвена, уште денес би се качила на стејџ колку сум нестрплива“, открива Тамара.
Освен во интерпретацијата, во настапот, во размислувањата, нејзиното созревање како личност се гледа и во новиот начин на живот. Речиси секое утро, Тамара можете да ја сретнете на кејот на Вардар, како ентузијастички ги истрчува километрите кои ѝ се одредени за тој ден. За режимот на исхрана кој е неизбежен дел од секој наш муабет, таа одговара шегувајќи се на своја сметка.
-Ох, не верувам дека ова прашање ќе го слушнам последен пат, бидејќи постојано сум на некаков режим, па слабеам, па сите се нешто запрепастени и на првата пауза повторно се препуштам на убавиот живот полн со калории. Ја немам дисциплината на другарка ми Катарина Ивановска која буквално пази на секој оброк и вежба секојдневно. Јас сум баш од оние кои се среќни најдени, но се среќни и кога се само еден килограм ослабени. Хаха, се шегувам, морам да признаам- вежбам секојдневно, имам и личен тренер Мартин Видоевски, трчам на кеј, одам на Водно и секако, концертите и фактот дека првпат по подолг период ќе се сретнам со мојата публика се голем мотив и сакам да сум им убава и згодна.“, вели Тамара.
Разговорот природно ни отиде накај „Порок“, новата песна на која е многу горда, и веќе стана хит.
-Порок е песна за моите младешки врски и љубови. За тоа кога некој го сакаш и уживаш во секој момент а знаеш дека врската не оди никаде и знаеш дека срцето ќе ти биде скршено.
Веднаш кликнаа младите девојки секако, ми пишуваат во пораки и во коментари за нивните “пороци” . Среќна сум што речиси сите песни ми се од некои мои искуства и публиката тоа го препознава како искрено раскажана приказна. „Порок“ е проект на кој особено сум горда. Бескрајно сум му благодарна на Лазе Цветковски за соработката. Мислам дека направивме баш добар летен хит а Тајзи напиша текст од кој боли глава. Навистина тимски го обработивме целиот проект а мило ми беше што овој пат бев вклучена и во креирање на музиката и аранжманот. Ќе следуваат уште многу добри хитови!“, најавува Тамара.
Во врска со својот карактер, темперамент и созревањето по многуте убави и неубави нешта кои ѝ се случија изминатиов период, за нештата кои ги сака и не ги сака кај себеси, таа вели дека денес е многу среќна и исполнета жена.
-Јас созреав и сега сакам сè кај себе. Искрено ниту една ѕвезда на македонската естрада не била толку под лупа од детство до денес, и моите маани вие новинарите без да ме штедите ги кажувавте така да јас извлеков поуки и денес сум многу среќна и горда на себеси, каква жена, мајка и сопруга сум. Затоа ништо не ми паѓа тешко и уживам, но и многу сум благодарна на привилегијата да бидам толку години присутна и успешна во тоа што јас сакам да го правам“, вели гордата мајка на четиригодишната Хана и двеиполгодишниот Дарен. Таа има оригинален израз за своите најмили.
-Моето семејство е суперкул. Некако мислам дека само јас сум со традиционален кодекс на мајка заштитничка, но да не е Александар така посветен семеен човек и татко најверојатно целосно ќе се посветев на семејството и ќе пеев само одвреме навреме. Јас имам подршка да бидам исполнета пред сè професионално и тоа прави и јас да бидам многу среќна жена по дома. А кога мајката е среќна цела куќа пее“, насмеано вели Тамара.
За летен одмор, таа не сака да размислува пред концертите, сака само колку е можно да се намали опасноста од повторно ширење на вирусот и сите да сме здрави живи и весели.
-Токму тоа и ќе биде мотивот на моите концерти, ќе пеам за да му наздравиме на животот.“, порачува Тамара.
Милица Џаровска
Фото: Мартин Трајановски